Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

ФООМ верува дека без плурализам, односно без право на различност, не може ни да се замисли отвореното општество. Плурализмот е невозможен во општества во кои слободата на говорот е монополизирана привилегија на власта.

Токму затоа во деведесеттите години на минатиот век, Фондацијата Отворено општество – Македонија издвои милиони долари за надминување на монополизираната состојба во медиумскиот простор и обезбедување медиумски плурализам. Грантот во износ од 728.000 долари го овозможи отворањето на втората рото-печатница во државата „Европа 92“ во Кочани. Приватната телевизија А1, беше поддржана со грант од речиси половина милион долари. Приватниот весник Дневник беше помогнат со бескаматен заем и грант. Исто како и уште десетици други печатени и електронски медиуми.

Кога се чинеше дека медиумскиот плурализам е обезбеден, вооружениот судир во 2001 година одново ја наметна потребата од поддршка на медиумите заради обезбедување објективно информирање на граѓаните за кризата која се закануваше со поделба на државата. Со цел да го прекине информативниот мрак во кој се наоѓаа граѓаните на Полошкиот регион поради срушениот предавателен столб во воените дејствија од 2001 год., ФООМ преку Интернационалниот медиумски фонд (ИМФ) набави нови предаватели и антенски системи за Радио Плус Форте, ТВ Арт, ТВ Коха, ТВ Кис и ТВ Сител. Истите беа поставени на нова локација, со претходно издадена дозвола од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Потребните средства за таа намена во износ од 95.000 долари беа обезбедени од: Press Now од Амстердам, Хелсиншкиот комитет од Шведска, Канцеларијата за јавни работи при Амбасадата на САД, Medienhilfe од Швајцарија и ФООМ.

Кон средината на првата деценија од 21 век верувавме дека постигнатиот степен на плурализам во медиумите не може веќе да биде загрозен, па така буџетот за медиумската програма почна да се намалува. Но, со затворање на телевизијата А1 и весниците Време, Шпиц и Коха е Ре, Фондацијата се соочи со предизвикот да реагира на загрозувањето на веќе остварениот медиумски плурализам. Управниот одбор одлучи да го употреби делот од буџетот за 2011, 2012 и 2013 година наменет за непредвидени кризи, и во овој период беа поддржани 22 медиуми. Одбраната на медиумските слободи и слободата на изразување остана приоритет за Фондацијата и во периодот 2014-2016 година, преку поддршка на четирите информативни онлајн портали кои им овозможија на граѓаните информации од настани и актуелни теми коишто или воопшто не беа третирани или беа маргинализирани во мејнстрим медиумите и покрај нивното значење и опфат.

Во периодот 1992-2016 година, ФООМ поддржа вкупно 142 медиуми (опрема, продукциски трошоци, оперативни трошоци, трошоци за хартија и печатење, итн.) и 70 новинари и медиумски работници (учество на разни локални и меѓународни конференции, стипендии за обука, правна помош, и сл.). Вкупната сума на средства потрошени во целиот период изнесуваше околу 9 милиони долари, вклучително и средствата обезбедени од други донатори (Press Now,  Норвешката народна помош, Хелсиншки комитет за човекови права од Шведска, Medienhilfe, ИРЕКС Промедиа, итн.).

—————————————————

16 мај 2019