Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Програмата за граѓанско општество е една од клучните области на делување на Фондацијата Отворено општество – Македонија уште од нејзиното основање во октомври 1992. Оваа програма го поттикнува развојот на отвореното општество, граѓанските вредности и принципи, преку поддршка на невладините организации (НВОи) и граѓанските иницијативи.

Во своето 25-годишно постоење, преку Програмата за граѓанско општество, ФООМ инвестираше 22 милиони долари за поддршка на граѓанското општество во Македонија, на локално и на национално ниво. Половина од овие средства беа обезбедени од други донатори: УСАИД, Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), Европската Унија (Европска агенција за реконструкција и развој, Европската иницијатива за демократија и човекови права), ОБСЕ, Светска банка, Фондацијата Крал Бодуен, Фондацијата Чарлс Стјуарт Мот, Европската фондација за култура, и други меѓународни организации.

Oваа програма започна со поддршка за основање невладини организации како начин за поттикнување на учеството на граѓаните во градењето на идејата за отворено и демократско општество. ФООМ обезбеди материјална и техничка поддршка за НВОи и за нивното приклучување во интернационални организации. Се покриваа трошоците за регистрација, патување и сместување на конференции, семинари, работилници и курсеви во и надвор од Македонија, како и публикување материјали за организациските активности, брошури и списанија. Програмата овозможи поврзаност и пристап до Интернет услугите, преку доделување грантови на НВОи. Поддршката на граѓанските организации овозможи нивно делување во повеќе области: човекови права, демократски практики, младинска ангажираност, интеретнички и интеркултурни иницијативи, интеграција на Ромите, слобода на изразување, борба против корупција, буџетска транспарентност, поддршка на Центри во заедницата, учество во регионални иницијативи, и др.

 

ФООМ се залага за дијалог и конструктивно разрешување на конфликтите, охрабрувајќи ја работата на невладините организации кон градење мир и социјална кохезија. Во соработка со Фондацијата Крал Бодуен, Фондацијата Чарлс Стјуарт Мот и Европската фондација за култура, од 1997 година ФООМ работеше на подобрување на меѓуетничките односи, поттикнувајќи ги локалните НВОи меѓусебно да соработуваат во развојот на дијалогот и разбирањето меѓу различните етнички групи во своето соседство. За таа цел беа поддржани 26 проекти на НВОи и 6 неформални групи. Во 2001 година, ФООМ го поддржа граѓанскиот одговор на кризата, апелирајќи за мир и соживот и овозможувајќи да се слушне граѓанскиот глас. Повеќе од 100 НВОи, здружени во граѓанската акција „Доста е“, се залагаа за фер и демократски избори, развој на локалната демократија и борба против корупцијата. Со поддршка од УСАИД беа доделени 44 гранта на НВОи за информирање на граѓаните за Охридскиот рамковен договор и беа отпечатени и дистрибуирани 100.000 примероци од брошурата со текстот на Рамковниот договор. Преку тригодишниот проект поддржан од Европската иницијатива за демократија и човекови права на Европската комисија, ФООМ работеше на подобрување на состојбата на малцинските етнички групи и го јакнеше нивниот капацитет за активно вклучување во креирањето политики на локално и национално ниво. 960 претставници од 150 НВОи и 95 локални институции учествуваа на 52 обуки, се организираа јавни дискусии за можностите за унапредување на заедничкото живеење, а 2.500 претставници на различни етнички заедници од 28 града имаа можност да ја промовираат својата култура, традиција и вредности пред околу 6.000 посетители на два мултиетнички хепенинзи, кои беа дел од националната кампања „Под исто сонце“.

 

Од 2000 година ФООМ започна со повеќегодишна поддршка на развојот на граѓанското општество надвор од главниот град преку воспоставување Центри за поддршка на НВО во 12 града. Функционирањето на овие центри беше поддржано од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и од Европската агенција за реконструкција (ЕАР). Првите центри беа отворени со поддршка од СДЦ во Велес и Прилеп во 2001 година, потоа во Штип и Кичево, додека во 2004 година, со поддршка од ЕАР беа отворени уште 8 центри во неразвиените подрачја (Ресен, Неготино, Струмица, Дебар, Гевгелија, Делчево, Кратово и Струга). Центрите овозможија простор и ресурси за работа на НВОи и ги јакнеа нивните капацитети за соработка со други НВОи, локалните власти, приватниот сектор и медиумите, како и за вклучување на граѓанскиот сектор во креирањето политики на локално и национално ниво. Граѓанските организации од овие средини реализираа проекти од интерес на локалните заедници. Во 2006-2007 година, Центрите за поддршка на НВО станаа самостојни невладини организации кои го продолжија делувањето во своите средини. Локалните власти во 10 града (Велес, Прилеп, Штип, Делчево, Дебар, Неготино, Струмица, Гевгелија, Струга и Ресен) бесплатно обезбедија простории за овие НВОи, а ФООМ и низа други донатори продолжија да го поддржуваат нивното функционирање за одржлив развој на локалните заедници, социјална кохезија и развој на локалната демократија.

Процесот на децентрализација беше помогнат и од ОБСЕ преку промовирање на локалното учество низ јавни дискусии во 12 града на кои граѓаните имаа можност да дискутираат за прашања од нивен интерес со соодветни претставници од локалните и централните власти.

Со цел да се зајакнат капацитетите на Владата за соработка со невладиниот сектор, во 2004 година ФООМ потпиша договор за соработка со Генералниот секретаријат на Владата на РМ за изработка на стратегија за соработка помеѓу невладиниот сектор и Владата на РМ и воспоставување на одделение за соработка на Владата со невладините организации во рамки на Генералниот секретаријат. ФООМ обезбеди првична поддршка за одделението со опрема, човечки ресурси и техничка поддршка.

ФООМ значително придонесе за поттикнување на граѓанскиот активизам и за реафирмирање на вредностите на отвореното општество преку постојани напори за општествено застапување и јавно изразување критички ставови. ФООМ поддржуваше неформални групи и НВОи кои имаат способност да ја стимулираат демократската свест на граѓаните. Движењето „Граѓани за европска Македонија“ (ГЕМ) кое имаше 5.376 поддржувачи, го охрабруваше јавното изразување на загриженоста на граѓаните за ситуацијата во земјата, преку дебати, манифести и општествено застапување за суштински прашања. ГЕМ клубот, од 2010 година до денес овозможи простор за размена на ставови и јавно изразување на критичко мислење и промовирање на вредностите на отвореното општество. Слободата на изразувањето беше поддржана преку обезбедување правна помош за интелектуалци, новинари и граѓански активисти кои беа изложени на напади, клевети и говор на омраза.

Договорот за соработка со УСАИД за спроведување на „Проектот за граѓанско општество“ во периодот 2012-2016 година, овозможи зајакнување на граѓаните да бараат отчетна и транспарентна власт. Во рамки на проектот се доделени вкупно 2.526.000 долари преку 131 грант на 82 организации. ФООМ овој проект го спроведуваше во партнерство со уште четири локални организации, за чии активности беа издвоени 1.036.079 УСД. Оваа поддршка овозможи граѓанските организации да делуваат како демократски јадра во своите заедници, да спроведуваат надгледување на голем број институции и застапување за јавните политики, како и да се здружат и солидаризираат во спроведување на заеднички акции за подобрување на заедниците и јавните политики.

ФООМ во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество ги јакне организациските капацитети и спроведува обуки за граѓанските организации – грантисти на проектот. Главната цел на овој проект е да се зајакнат граѓанските организации и капацитетот на младите за унапредување на јавните политики и услуги, како и промовирање на доброто владеење. Проектот на УСАИД за граѓанско учество (2016-2021) го спроведува Ист Вест Менаџмент Институт од Њујорк во партнерство со ФООМ и уште три локални организации.

—————————————————

16 мај 2019