Еден од главните стратешки приоритети на ФООМ во изминатиот период беше забрзувањето на процесот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија. За таа цел, ЕУ програмата на ФООМ работеше на јакнење на капацитетите на институциите на централно и на локално ниво, подготовка и публикација на квартални извештаи од следењето на процесот на пристапување во ЕУ (Accession Watch), подготовка на компаративни анализи на Извештаите на ЕК за напредокот на Република Македонија, чијашто презентација служеше како повод за отворање дебати во рамки на конференции со учество на домашни и меѓународни експерти, како и за активна работа на зголемување на свеста за и промоција на придобивките и предностите од членството во ЕУ.
Во 2000 и 2001 година, ФООМ ги направи првите пионерски чекори кон приближување на процесот на интеграција во ЕУ за македонските институции и за граѓаните, што резултираше со потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во март 2001 година. Препознавајќи ја сложената на процесот на интеграција во ЕУ, Фондацијата лансираше програма за подобро разбирање на процесот за стабилизација и асоцијација наменета за релевантните сектори во министерствата и владините агенции, претставници од собраниските комисии, универзитетски професори и експерти кои соработуваат со државните институции на прашања поврзани со ЕУ интеграциите. Во соработка со Министерство за надворешни работи на Германија, Институтот за европски политики од Берлин и ИнВент, ФООМ разви програма за градење капацитети на јавната администрација, која вклучи 8 специјализирани обуки за хоризонтални аспекти од процесот за претпристапни преговори и практична работа преку анализа на студии на случаи и конкретни секторски прашања. Притоа, партнерските организации од Германија споделија практични искуства и можни решенија за ефикасна реформа на јавната администрација со учесниците на обуките.
ФООМ и нејзините програмски партнери беа меѓу првите чинители од граѓанскиот сектор кои имаат обучен тим за испорака на образование и за анализа на инструментите и процесите за интеграција на Македонија во ЕУ. Токму оваа улога овозможи ФООМ и нејзините партнери да уживаат висок кредибилитет за отворање и дискутирање прашања поврзани со ЕУ интеграцијата на државата. Партнер на ФООМ во спроведувањето на овие програмски проекти и приоритети беше Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), кој неодамна беше преименуван во ЕВРОТИНК–Центар за европски стратегии. На заедничка иницијатива од ФООМ и претставници од германското министерство за надворешни работи, и под покровителство на Пактот за стабилност, оваа организација беше формирана во 2002 година и се профилираше за испорака на обуки поврзани со ЕУ за граѓаните во Македонија. Притоа беше развиена и испорачана двегодишна интензивна програма за обука на обучувачи која ја посетуваа 20 претставници од различни институции, кои потоа станаа првата генерација на сертификувани обучувачи за ЕУ прашања, за пишување ефективни документи за јавни политики и за застапување, сите врвни професионалци во нивните соодветни области на експертиза, што претставуваше основа за формирање на МЦЕО. Од 2002 година до денес, МЦЕО има испорачано приближно 3.500 денови обука за речиси 12.000 учесници: државни службеници, локална администрација, новинари, судии, обвинители, судски соработници, адвокати, додипломски и постдипломски студенти, членови на политички партии, членови на НВОи и граѓански активисти.
До денес, извештаите од следењето на пристапувањето на Македонија во ЕУ и документите за јавни политики изготвени во рамките на ЕУ програмата претставуваат вреден извор на информации за пратениците, граѓанското општество и за медиумите во насока на следење на сообразноста на владините политики и практики со приоритетите од Пристапното партнерство и застапување за враќање на ЕУ интеграциите како главен приоритет на државата. Наодите во извештаите од следењето на пристапувањето на Македонија во ЕУ беа вклучени и во Извештаите на ЕК за напредокот на Република Македонија. Дополнително, со цел да ги зајакне локалните капацитети и да го подобри искористувањето на ИПА средствата од страна на локалните самоуправи, беа испорачани серија обуки за локалните власти, локалните граѓански организации и за медиумите. Беше обезбедена и менторска помош за изготвување предлог проекти на општините кои би можеле да бидат финансирани од ЕУ фондовите.
На иницијатива од ФООМ и во соработка со Делегацијата на ЕУ во Скопје и амбасадите на 14 држави-членки во Македонија, европарламентарци и експерти од европски тинк-тенк организации, беше спроведен проектот „Акција за Европа“ кој се фокусираше на зголемување на јавната свест и знаењето за Европската Унија и за процесот на пристапување во ЕУ. Храбрите активности од овој проект подразбираа организација на јавни настани ширум државата, дебати за придобивките од членството во ЕУ со амбасадори на држави-членки од ЕУ и експерти од европски и домашни тинк-тенк организации, подготовка и дистрибуција на летоци и брошури за политиките и финансиските инструменти на ЕУ, младински дебати и театарски перформанси.
Со финансиска поддршка од ФООМ и во партнерство со ТВ Алфа од Скопје, беше копродуцирана и емитувана телевизиската програма со формат на магазин „Европа сега“, која имаше за цел да ги зголеми јавните информации преку дебати за ЕУ теми, со што придонесе во промоцијата на вредностите на ЕУ. Продуцирани беа вкупно десет изданија и истите беа емитувани на телевизијата. Седум новинари стипендисти добија обука за прашања поврзани со ЕУ и подоцна беа ангажирани во национални медиуми за да ги покриваат овие теми во рамките на нивните информативни програми.
Посветена на ЕУ интеграциите и градењето капацитети, ФООМ формираше „Преговарачки тимови од сенка“ сочинети од претставници од граѓанското општество кои минаа двегодишна специјализирана обука испорачана од страна на Институтот за европски политики од Берлин и со менторска помош од МЦЕО. Преговарачки тимови беа формирани за 4 клучни поглавја, и тоа: судство и темелни права, социјална политика и вработување, конкуренција, и заштита на потрошувачите. Врз основа на анализата на состојбите во секоја област на политики од предметните поглавја за преговори беа изработени релевантни матрици кои послужија како основа за подготовка и публикација на брифови за јавни политики, кои пак ги идентификуваа слабостите и дадоа препораки и решенија во релевантните области.
Застапувањето направено во рамки на програмирањето на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) резултираше во именување на претставник од ФООМ во 2012 година како член на секторскиот мониторинг комитет за ИПА компонента I: транзициска помош и градење институции. Поради веќе развиениот капацитет за следење и анализа на ЕУ фондовите во Македонија, МЦЕО е водечка организација во раководењето со ИПА 2 механизмот кој опфаќа повеќе од 250 граѓански организации организирани во 8 клучни области на јавни политики.
Во периодот 2014-2016 година, МЦЕО почна да спроведува годишно мерење на јавното мислење (анкета) под брендот „Еврометар“. Три години по ред, „Еврометар“ ги испитува јавните перцепции за ЕУ и за нејзината улога во политичкиот контекст, ставовите на граѓаните за членството на Македонија во ЕУ и за други теми поврзани со демократизацијата на државата, слободните избори, заштитата на човековите права, стравот од репресија, итн. Ова годишна анкета резултираше во отворање јавни дискусии за европските интеграции на Македонија, креирањето на јавното мислење и поддршка за про-европската и про-западната страна од јавниот дискурс.
—————————————————
23 септември 2019