Економската програма секогаш имаше за цел да им помогне на најранливите категории македонски граѓани во нивниот стремеж за економски опстанок и подобар живот. Така, во првите години од самостојноста на македонската држава, во време на блокирана северна и јужна граница, беа имплементирани два проекта чија цел беше македонските земјоделски производи сепак да можат да стигнат до своите пазари надвор од земјата. Првиот проект, во 1994 година, беше организирање воздушен мост (airlift), односно карго авионски превоз на земјоделски производи до аеродромот во Љубљана, со реализација на 40 лета, при што Фондацијата ја субвенционираше цената на превоз со 50%. Вториот проект, „Зелен коридор“, во 1995 година овозможи доволно брз и економичен копнен транспорт преку Албанија и понатаму со брод до пазарите во Хрватска и Словенија.
Во 1995 година беше основан и првиот кредитен фонд за индивидуални земјоделци во износ од 100.000 долари, во соработка со VOCA (Волонтери за прекуокенска кооперативна помош). Подоцна, во 1999 година, за земјоделците и малите рурални бизниси се воспостави кредитен фонд од 500.000 долари, кој во 2004 година беше зголемен на 780.000 долари. Почнувајќи од 1998 година, со кредитен фонд од 120.000 долари беа помогнати малите издавачки куќи, а од 2002 година, со кредитен фонд од околу 300.000 долари беше премостуван недостигот на обртни средства во малото стопанство на Република Македонија. Во 1999 година беше основан фонд од 65.500 долари за мали групни заеми преку хуманитарното здружение „Можности“.
Во периодот 1997-2010 год., Програмата за економски реформи потроши околу 3,9 милиони долари за своите активности:
- (1997) Поддршка на претприемништвото кај младите, жените, Ромите и други ранливи групи, техничка помош и обуки, која беше трансформирана во Junior Achievement Macedonia (економско образование за млади).
- (1998-1999) Помош и обуки за развој на синдикалното движење, во соработка со партнерската програмата ФАРЕ-ТАЦИС-ЛИЕН.
- Обука и деловна пракса во развиените економии: (2000) пракса во германски компании за директори и раководители на мали и средни претпријатија и обука за млади во банкарскиот сектор, во соработка со Економски институт од Скопје и Банкарската академија од Германија; (2001) обука за практични компетенции за деловни асоцијации, во рамки на Пактот за стабилност, кофинансирано од Министерството за надворешни работи на Германија, во соработка со ILTIS Gmbh, Carl Duisberg Gesselshaft. Обуките имаа за цел институционално зајакнување, подобрување на услугите кои асоцијациите ги обезбедуваат за своите членови и подобра взаемна соработка; (2003) практична деловна обука во Велика Британија во соработка со британската хуманитарна организација Enterprise Europe, Британскиот совет и британската амбасада. Десет претприемачи од Македонија имаа можност да стекнат искуство работејќи во британски компании; обуки од областа на деловното планирање за жени – млади претприемачки и деловни консултантки, во соработка со Центарот за развој на мали бизниси од Универзитетот Висконсин, САД.
- (2003) Нефинансиска поддршка за мали и средни претпријатија преку обуки во прифатилиште за жени, институционална поддршка за бизнис асоцијации, објавување брошури кои ќе помогнат за планирање и основање бизниси; постдипломски студии од областа на претприемништвото во Осиек, Хрватска; унапредување на политиките за мали и средни претпријатија (МСП) – следење и примена на Европската повелба за МСП, како контролен механизам за имплементацијата на наведените политики кој ќе биде од помош на Министерството за економија и на Владата; Ромски економски форум – анализи и дискусија на можностите за развој на мали бизниси и вработување, посебно за можностите за жените Ромки.
- (2004) Економски форуми во соработка со Центар за економски анализи на теми: „Мерење на фискалните капацитети на локалните единици на самоуправа во Македонија“ и „Подобрување на процесот на буџетирање“; 6 изданија од следењето на деловното окружување во Македонија кои адресираат креирање на политики и закони и нивна имплементација во економијата на Македонија.
- (2006), Развој на сеопфатен систем за поддршка на иновации, креирање вработувања и претприемачки активност за младите, во соработка со Универзитетот од Трондхајм и организација СИНТЕФ – Технологија и истражување од Норвешка. Во првата серија обуки, во соработка со Машинскиот факултет од Скопје, 120 млади луѓе добија нови знаења од доменот на економијата и претприемништвото. Следеше натпревар во бизнис план и воспоставување бизнис инкубатор со капацитет од 20 компании, чија цел е да стимулира креирање иновативни почетни бизниси.
- (2007) Обука за Роми консултанти во доменот на економскиот развој и претприемништвото; грант на Балканската фондација за деца и млади за обуки за вработување, со цел да се поврзат потребите на компаниите со вештините што ги поседуваат невработените млади. 218 млади се стекнаа со вештини и работеа како практиканти во различни компании, а 73 потоа беа примени на работа; регионална конференција „Можности за подобрување на микрофинансиските услуги за домување на Ромите“. Ова беше прва регионална иницијатива која се залагаше за развој на стратегии и политики за имплементација во овој домен; „Живо наследство – партнерство за локален развој“ преку автентично културно и природно наследство, материјално и нематеријално. Во соработка и кофинансирање со општините Виница, Берово, Ново Село и Националниот центар за заштита на спомениците, културното и природно наследство, беше помогнат развојот на креативни локални бизниси.
- (2008) Финансиска писменост за ромски домаќинства со ниски приходи – планирање на буџет, штедење и трошоци на домаќинството, работа со банковни сметки, разбирање на извештаи од банка; Запознавање на земјоделците, општините и земјоделските задруги со механизмите на ЕУ за претпристапна помош (ИПАРД програма) за финансирање на руралниот развој со цел да се зголеми нивниот апсорпциски капацитет, во соработка со општините Свети Николе, Штип, Струмица, Чешиново-Облешево, Делчево, Берово, Пехчево, Кочани. 470 земјоделци од 23 општини беа информирани за потребните услови за аплицирање за европските ИПАРД фондови; бизнис инкубатор при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово – 100 обучени студенти спремни да подготват бизнис план и да ги користат погодностите што ги нуди инкубаторот.
Дополнително, со средства обезбедени од Ургентниот фонд на Џорџ Сорос за ублажување на последиците од економската криза 2009-2011 година, беа доделени 13 гранта во вредност од 1,9 милиони долари за поттикнување економски активности и овозможување малите претприемачи, земјоделци и пошироко граѓаните (преку обуки за финансиска писменост) да го премостат периодот на економска стагнација. Во овој дел посебно се издвојуваат: проектот за генерирање приход за ранливите категории преку активности за рециклирање на пластична амбалажа; помош за ромското население во областа на домувањето, особено при легализација на нивните домови; обуки и информации од доменот на финансиската писменост за возрасни и млади.
—————————————————
16 мај 2019