СТРАТЕГИЈА 2021-2024
Во следните четири години, напорите на ФООМ ќе бидат насочени кон постигнување на две стратегиски цели:
1) Обликување на дебатата за политики за намалување на нееднаквостите со кои се соочуваат маргинализираните заедници. Со обезбедување на докази за основните причини и ефекти на социјалните детерминанти на неправда и со зајакнување на маргинализираните групи да учествуваат и да ги артикулираат нивните потреби, се очекува напорите за застапување од страна на ФООМ да резултираат со: заострен фокус на структурните недостатоци во трите главни области на интервенција, т.е. образование, здравство и заштита на животната средина; зголемено разбирање и волја на креаторите на политики да ги решаваат нееднаквостите на системски начин; сменет доминантниот јавен наратив дека одговорноста за креирање и спроведување на политиките лежи само кај власта; и унапредено претставување, учество и придонес на социјално маргинализираните групи во политиките и процесите што влијаат на нивната благосостојба.
2) Зајакнување на дејствувањето на граѓанското општество за зголемување на нивното учество и инпут преку вклучување на интерсекторски приод во обликувањето на политиките. Со примена на структуриран надзор спроведен од тематски мрежи на граѓанското општество, се очекува напорите на ФООМ да резултираат со: оправдани вкрстувања на корупцијата, недостатоците кај владеењето на правото и социјалната неправда; зголемено интерсекторско знаење, координација и соработка меѓу тематските мрежи на граѓанското општество; и зголемена моќ за застапување на граѓанското општество за трансформација на политиките врз основа на принципите на социјална правда.
Стратегијата на ФООМ е развиена во четири одвоени портфолија: Здравство во сите политики, ЗЕЛЕН СКОК, Образование за ученици од помалку бројните заедници и социјално загрозените ученици и Граѓанско учество за социјална правда. Портфолијата се меѓусебно поврзани преку нивниот фокус да се справуваат со структурните социјални нееднаквости и примената на интерсекторскиот приод.
ЗЕЛЕН СКОК – ПАРТНЕРСТВО ЗА КЛИМАТСКА АКЦИЈА
Намерата на ова ново портфолио е да ги зајакне актерите на граѓанското општество и социјално и економски маргинализираните граѓани да може да заземат и одржат лидерска улога во обликувањето на дебата за политики за одржлив развој. Овие групи треба да стекнат моќ и капацитет да ги изразат нивните грижи и потреби, да спроведат веродостоен мониторинг и да застапуваат решенија преку политики што соодветно и навремено ги решаваат нивните потреби и права на просперитетен живот. Потребен е огромен обем на работа, изготвен како дел од активен дијалог меѓу актерите на граѓанското општество и централните и локалните власти, за да се надоместат постоечките јазови во политиките и законодавството и да се усогласат политиките што не успеваат да ги инкорпорираат потребите на социјално загрозените. Покрај тоа, со спроведување на интензивирана јавна едукација и кампањи, ќе се обидеме да ги предизвикаме доминантната јавна свест и наративите дека одговорноста за инертното креирање и спроведување на политиките лежи само кај органите на власта. Интервенциите на ФООМ ќе вклучуваат поддршка за организациите на граѓанското општество и активистичките групи и движења преку грантови, овозможување и координација на дијалог и акции. ФООМ ќе гради капацитети и ќе ги поддржува актерите на граѓанското општество во дефинирање решенија за одржлива промена на животната средина преку активен дијалог со централните и локалните власти, при што ќе обезбеди интегрирање на потребите на економски и социјално загрозените заедници. Ќе продолжиме да ги предизвикуваме доминантните наративи и да мотивираме пошироко учество и интерес за спецификите на климатската акција преку креативен активизам.
ЗДРАВЈЕТО ВО СИТЕ ПОЛИТИКИ
ФООМ воведува иницијатива со сеопфатна цел да го одржи здравјето како висок приоритет на политичката агенда и по кризата со КОВИД-19. Ќе примениме интерсекторски приод за да ги решаваме социјалните детерминанти што предизвикуваат неправичност и диспаритети во здравствените исходи и да ги поддржиме засегнатите заедници да бараат правичен пристап до здравствени услуги, што се заснова на праведна и фер распределба на ресурсите за здравствена нега. Првите увиди во начинот на кој институциите раководат со финансиските ресурси сигнализира дека е потребно поблиску да се набљудува и оцени влијанието на економските фактори, како и другите мерки на политиките во рамки на, и надвор од, здравствениот сектор. Ќе поддржиме меѓусекторска соработка и учество на различни засегнати чинители (вклучувајќи експерти за политики, организации на граѓанското општество и членови на заедницата), за да се обезбеди интегрирање на прашањата на здравјето при донесувањето одлуки во секторските и тематските политики. Почетното истражување на социјалните детерминанти ќе даде разбирање за тоа како индивидуалните, но и општествените фактори се вкрстуваат до степен што создаваат здравствени нееднаквости и уште повеќе се штетни за здравјето. Истовремено, анализата на политики во различни сектори (здравствен, социо-економски и за животна средина) ќе ни овозможи да детектираме како неизбалансираната распределба на политичка и економска моќ ги обликува политиките што произведуваат нееднакви можности за пристап до ресурси на различни социјални групи и како да достигнеме еднаква благосостојба. Се очекува и двете интервенции да обезбедат значителен обем на докази во врска со структурните фактори што генерираат разлики во социјалните групи, овозможувајќи заеднички напори за промени на политиките во секторите, за да се бара правичност и да се бори против структурниот неред.
ОБРАЗОВАНИЕ ЗА УЧЕНИЦИ ОД ПОМАЛКУ БРОЈНИТЕ ЗАЕДНИЦИ И СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИТЕ УЧЕНИЦИ
Во следниот стратегиски циклус нашата намера е да се справиме со нееднаквостите во образованието што најмногу ги погодуваат училиштата со ученици од помлаку бројните заедници (Турци, Срби, Бошњаци) и економски и социјално најзагрозените ученици (Ромите и учениците во руралните области). Контекстот на КОВИД-19 го смени целокупното внимание на јавноста кон образованието поради предизивиците што се појавија од онлајн наставата, обезбедувајќи ни можност да се вклучиме и да застапуваме системски промени, со напори за реформи наменети за справување со основните причини за нееднаквости. Ќе обезбедиме директна поддршка за целните училишта, вклучувајќи и техничка поддршка за воспоставување или унапредување на онлајн платформите на училиштето, дигитализација на ресурсите за предавање и учење, произведување на содржини за предавање и учење на малцинските јазици, обука за наставниците за унапредување на дигиталните компетенции итн. Исто така, нашата намера е да вложиме сериозни напори за идентификување на основните причини за нееднаквости во образованието, со што ќе се обезбедат информации за нашата стратегија за застапување. Преку проектот Редовно на часови: акција за вклучување на Ромите во основното образование, а со цел олеснување на финансискиот товар, ФООМ обезбедува 615 стипендии за најзагрозените и најранливите деца Роми запишани во првиот циклус на основното образование. Во рамки на истиот проект, обезбедуваме поддршка за 50 основни училишта за креирање инклузивна и стимулирачка средина за учење. Предвидените интервенции се очекува да ги подобрат дигиталните вештини на наставниците кои работат во руралните и подалечните училишта и да го фокусираат вниманието на ефективни политики за обука на наставниците на највисоко ниво на политики, давајќи значителен придонес во дебатите за политики, што ќе резултира со системски решенија кои ги елиминираат нееднаквостите.
ГРАЃАНСКО УЧЕСТВО ЗА СОЦИЈАЛНА ПРАВДА
ФООМ ќе поттикне и поддржи директно учество на граѓанското општество во креирањето и надзорот на интерсекторските политики, за да се ограничат ефектите на корупцијата во постигнувањето на социјална правда и да се унапреди заштитата на човековите права. Во контекст на пост КОВИД-19, ФООМ првенствено ќе поддржи оживување и унапредување на квалитетот на секторскиот дијалог меѓу граѓанското општество и Владата во процесот на донесување одлуки. Ќе поддржиме ново истражување кое подобро ќе ја објасни меѓусебната поврзаност на социјалната правда, корупцијата и недостатоците на владеењето на правото на ниво на политики. Ќе ги поддржиме мрежите на граѓанското општество за да поттикнеме иновативна интерсекторска соработка и да спроведеме мониторинг базиран на докази врз политиките за социјална правда, како што се здравството, образованието и заштитата на животната средина, кои се изложени на најголем ризик од корупција. Ќе застапуваме промени на јавните политики во согласност со интерсекторскиот приод. Се очекува ова портфолио да придонесе кон инклузивен дијалог за политики, да ја зголеми ефективноста и моќта на консултативните механизми и да го зајакне и зголеми обемот на работа на секторски базираните мрежи на граѓанското општество за антикорупција и антидискриминација, преку спроведување на мониторинг базиран на докази што ги вкрстува нивните респективни сектори со здравство, образование и заштита на животната средина.
ФОО И РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА
Во претстојниот период ФООМ ќе продолжи да дава придонес во заедничките иницијативи што се спроведуваат во соработка со многу ФОО: Антикорупциската иницијатива раководена од ЕЈП, ФООМ и ИООЗА заедно ги водат Антикорупциската иницијатива Регионални креативни јадра, Антикорупциската иницијатива во образование и здравство и Иницијативата за антикорупциски наратив, Импакт инвестиции на ЕЈП мрежата, како и проектот на ФООМ Микрофинансирање за маргинализираните што ќе поддржи економска инклузија на Ромите и жените со подобрување на нивниот пристап до финансии.
Покрај тоа, преку Заедничкиот фонд за брз одговор на КОВИД-19 обезбедуваме административна поддршка и правна помош за неформалните работници, главно жени, Ромите и самохраните родители кои ги изгубиле приходите, со цел да добијат навремен пристап до мерките за помош финансирани од државата.
ФООМ продолжува да учествува во Регионалната иницијатива на фондациите од Западен Балкан, чија цел е олеснување на непосредното страдањето на ниско-платените работници, работниците кои се дел од неформалната економија и времено вработените работници, но со агенда која гледа кон иднината, да изврши притисок врз владата да поддржи и спроведе политики за помош спонзорирани од Владата, за да ги решаваат социо-економските ефекти од кризата врз овие групи.
Заедно со фондациите во Албанија, Србија и Босна и Херцеговина спроведуваме иницијатива кофинансирана од ЕСП, чија цел е да им се овозможи на децата од сиромашни семејства да учествуваат во онлајн образованието. Оваа иницијатива повеќе ја гледаме како можност за постратегиска регионална соработка во областа на образованието.