Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 26.10.2021 година го прифати Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година (НАП за ПОВ[1] 2021-2023 година) со што реализацијата на заложбите во акцискиот план може непречено да започне согласно временската рамка во партнерство со институциите носители на заложби и граѓанските организации.

Со поддршка и координација од Секретаријатот за Отворено владино партнерство и Министерството за информатичко општество и администрација, Фондација Отворено општество – Македонија, заедно со две партнерски организации Центар за граѓански комуникации и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, ја продолжи поддршката и активната вклученост во процесот овозможувајќи подготовка и финализирање на процесот за ко-креација на петтиот НАП за ПОВ 2021-2023 година.

 

Со цел да се обезбеди систематизиран начин на планирање и спроведување на процесот на консултација, кој ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-реирање на петтиот НАП за ПОВ 2021-2023 година, во 2020 година беше подгототвени низа документи и материјали.[2]

 

Во рамки на процесот на ко-креација, во октомври 2020 година беа одржани 3 онлајн информативни средби за едукација, во периодот ноември-декември 2020 година беа реализирани 12 онлајн средби за идентификување на проблеми, одговорни институции и потребата од нивно можно преточување во заложби, како и бројни и континуирани индивидуални состаноци одржани во периодот ноември 2020-јули 2021 година, со институции и граѓански организации во рамки на секоја приоритетна област одделно: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност; Спречување на корупција и промовирање на добро владеење; Испорака на јавни услуги и Пристап до правда. Работните групи во рамки на приоритетните области ги фасилитираа 4 членови на Советот за координација и следење на процесот на ОВП и Националниот акциски план за ОВП 2018 ‒ 2020 (Герман Филков, Миша Поповиќ, Дарко Антиќ и Ивона Сталевска) и 4 претставници на Мрежата на граѓански организации за ОВП (Марија Николоска Арсовска, Сефер Селими, Ивана Петкановска и Весна Шапкоски), со континуирана поддршка од Гордана Гапиќ Димитровска, Национална координаторка за ОВП при Министерство за информатичко општество и администрација на РСМ.

 

Со цел да се потврди важноста и придобивките од дијалогот при финализирање на заложбите и нивното вклучување во петтиот НАП, во јуни 2021 година беа одржани две онлајн работилници со поддршка од Секретаријатот на ОВП и консултантот Мајкл Кањарес, каде беа финализирани заложбитепреку соодветен преглед на веќе сработеното во тесна соработка со клучните службеници од институциите и претставници на граѓанските организации.

 

Во јули 2021 година, членовите на Советот на ОВП, на онлајн седница ги ги разгледаа предложените заложби и констатираа дека се усогласени и прифатени од страна на надлежните институции, а притоа критериумите за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП се запазени уште во раната фаза на подготовка на Националниот акциски план за 2021-2023 година.

 

Наредниот период, јули-август 2021 година, содржината на нацрт-НАП беше достапна онлајн на јавна консултација и доставен до органите на државната управа мислења и коментари.

 

По усогласување на текстот, во правата половина од септември 2021 година, Националниот акциски план за 2021-2023 година беше доставен на разгледување до членовите на Советот за ОВП, додека на 6 октомври 2021, одржана свечена хибридна седница на Совет за ОВП со присуство на Џо Пауел, заменик-извршен директор на ОВП за разгледување на предлог-НАП за ПОВ 2021-2023 пред да биде доставен на усвојување од Влада на РСМ.

 

Во содржината на заложбите е постапено согласно коментарите и предлозите на Независниот механизам со цел подобрување на содржината на НАП 2021-2023 година.

 

***

Од 1 декември 2019 година, ФООМ, со поддршка на МИОА, го спроведе и проектот поддржан од Секретаријатот за ОВП за формирање нова структура за координација и мониторинг на процесот на ОВП. Формиравме Мрежа на граѓански организации за ОВП која во моментов брои 77 граѓански организации и е отворена за зачленување на други организации кои ќе изразат интерес за вклученост. Воедно, низ консултативен процес го развивме и воспоставивме моделот за Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година кој има за цел да ја поттикнува транспарентноста и отвореноста на органите за државна управа, да обезбеди меѓусекторска соработка и да го поттикне учеството на граѓанското општество во спроведување на процесот на ОВП со цел да се создаде структурен дијалог помеѓу граѓанското општество и властите, граѓанските организации, граѓаните и другите засегнати страни во процесот на дизајнирање, спроведување, поддршка, промоција и мониторинг на приоритетите и на иницијативите од ОВП, во пресрет на подготовката на новиот национален акциски план.

 

[1]наместо досегашниот термин „Отворено владино партнерство “и „ОВП “, од октомвриската седница на Совет за ОВП одржана на 6 октомври 2021 година се користи називот „Партнерство за отворена власт “и „ПОВ “

[2] Временска рамка и начин на спроведување на процесот на ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 година; Постапка за спроведување консултации со засегнати страни за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот ОВП со  временска рамка; Јавен повик за пријавување на учество во процесот на ко-креирање на НАП за ОВП 2021-2023 година; Насоки за спроведување на прашалник за оценка на имплементацијата на мерките од НАП за ОВП 2018-2020 и потребата од нивно вклучување во новиот НАП и развиени индикатори за мерење на успехот од реализација на заложбите од ОВП АП 2021-2023 година. Во оваа насока беа подготвени и материјали кои произлегуваат од постапка за спроведување консултации: План за промовирање на јавниот повик, Едукативен материјал и Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста со начелата на ОВП (извор: https://fosm.mk/wp-content/uploads/2021/04/godishen-izveshtaj-2020.pdf ). Сите наведени материјали се достапни на www.ovp.gov.mk

—————————————————

19 ноември 2021