Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) го поддржа проектот „Подготвеноста на основните училишта за спроведување и ефектите од реализацијата на наставните програми од Концепцијата за основно образование” на Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ во кое се анализираат ставовите на наставниците и родителите на ученици од прво и четврто одделение за имплементацијата на Концепцијата за основно образование во учебната 2021/22 година.
Презентацијата на наодите од анализата беа претставени на настан што се одржа на 12 октомври 2022 година во Europe House. Од анализата и истражувањето се гледа потребата за подобрување на инфраструктурата и зголемување на инвестициите во образованието.
Во своето обраќање Виктор Митевски, претседател на ЗМАИ, истакна: „Концепцијата е добра основа на која треба да се темели понатамошниот развој на образовниот систем. Продолжениот училишен ден е една од клучните организациски промени која треба да ја донесе Концепцијата. За да се постигне ова, потребно ќе биде сите училишта во земјата да работат во една смена, а за да го постигнеме тоа ќе биде потребна изградба на нови училници скоро во сите општини низ Македонија. Од друга страна пак, мнозинството наставници и родители кои одговорија на нашите анкети, го поздравија воведувањето на иновативни методи за настава и учење (62% од родителите се согласуваат дека за време на часовите наставниците користеле иновативни методи). Сепак, тие истакнуваат дека потребна е подобра информациско-технолошка инфраструктура и повеќе обуки за образовниот кадар.“
Дел од презентираните наоди од анализата на ЗМАИ која ја презентираше главниот истражувач Горан Мојаноски, упатуваат на високо ниво на согласност кај родителите (71%) дека учениците кои следеле настава на јазиците на помалите етнички заедници имале зголемено чувство на припадност кон општеството. Испитаниците ја поздравуваат иновативноста која ја нудат новите технологии. Според нив, таа помага за побрзо учење кај децата. 62% од родителите се согласуваат дека за време на часовите наставниците користеле иновативни методи, кои го олесниле учењето на нивното дете, а слично ниво на согласност (64%) се јавува и кај одговорите од наставниците. Останува препораката покрај дигиталните алатки, да се користат и печатени материјали и учебници. 86% од родителите сметаат дека тие се потребни.
Според Наташа Анѓелеска, постара програмска координаторка од ФООМ, децата од овие заедници се соочуваат со уникатни предизвици во наставата. Заради тоа, како што истакна таа: „Фондацијата Отворено општество – Македонија неколку години наназад работеше на поддршка на училишта од помали средини и со јазик на настава од помалку бројните етнички заедници во државата. Ние се обидовме во 10 училишта во кои наставата се изведува на јазиците на помалку бројните заедници, а ја следат околу 5.000 ученици на турски, босански, српски јазик, да ги компензираме недостатоците од дидактички материјали, библиотечен фонд, но и опрема, преку набавка и дистрибуција на истите. На пример во училиштата дониравме техничка опрема неопходна за реализација на современа и онлајн настава: преносни компјутери, десктоп компјутери, печатачи, смарт-табли, ЛЦД проектори, таблет уреди со интернет картички за 350 деца од социјално загрозени семејства во истите училишта, обезбедивме серија работилници и обуки на наставниот кадар за иновативна настава, поттикнување на критичкото мислење кај учениците и справување со предрасудите и стереотипите. Дополнително ФООМ ја поддржа иницијативата за воведување нова Концепција за основно образование и минатата година го помогна печатењето на материјали за учење на јазиците на помалку бројните заедници во прво одделение. Сметавме дека вакво истражување преку собирање податоци од терен и вклучување на гласот на родителите и наставниците ќе помогне да се креираат ефикасни интервенции, а најважно од сè и политики за подобар квалитет на образованието за секое дете.“
На настанот свое обраќање имаше и директорот на Бирото за образование, Зеќирија Хасипи, за улогата на Бирото во носењето на концепциите и наставните планови.
По презентацијата на наодите од анализата на ЗМАИ, следеше продуктивна дискусија на која учествуваа истакнати универзитетски професори, градоначалници од општините во кои беа спроведени истражувањата, претставници од меѓународни организации кои работат во областа на детскиот развој и образование и претставници на државните институции од областа на образованието и унапредувањето на правата на помалите етнички заедници.
—————————————————
13 октомври 2022