Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Лошата состојбата во затворите како и слабостите во примената на стандардите за човекови права се проблем кој се провлекува подолго време, а за кој загриженост се изразува и во Извештајот за напредок на Европската комисија за 2018.

 

Кога се разгледува образовно-поправната установа за малолетници, забележливо е дека просторниот капацитет на истиот е комплетно несоодветен. Обидите и евентуалниот напредок при обезбедување на основно образование за малолетници како и повторна социјализација, се скоро незабележителни.  Дополнително, ниту една полициска станица нема капацитет кој е погоден за задржување на деца, а и недостигаат редовни обуки за професионалци за малолетничка правда.

 

Правата на затворениците пак, како и условите во затворите се под секое минимално ниво и  утврдени стандарди и се под човечкото достоинство, а тоа генерално ја определува драматично лошата слика за македонскиот казнено-поправен систем. Пренатрупаноста, лошите хигиенски услови, недоволниот број на медицински персонал, сместувањето малолетници во исти простории со возрасни затвореници, како и тортурата со која се соочуваат затворениците од страна на затворската полиција, се само дел од проблемите кои постојат во овие установи.

 

Поднесените жалби пак за лошото постапување на полицијата и понатаму го поставува прашањето и потребата за воспоставување независен механизам за надзор на Министерството за внатрешни работи.

 

Во 2018 година, поднесени се само три поплаки за прекумерна употреба на сила и лошо постапување до Дирекцијата за извршување санкции, но сепак, оваа бројка повеќе укажува на ниско ниво на доверба во механизмите за поплаки. Од вкупно 64 поднесени претставки од граѓани за употреба на сила од страна на полициски службеници, само пет се сметале за прифатливи од Единицата за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи.

 

Проблемите се сериозно евидентни кај ромската заедница – сведоци сме на зачестени случаи кога врз Ромите се употребува прекумерна сила во преткривичните постапки. Исто така, доминантни се и неефикасните истраги за овие случаи на прекумерна употреба на сила. Загрижува секако и појавата на смртност во затворите, каде што најголем процент од починатите затвореници се од ромската етничка заедница.

 

Извештајот за напредок за 2019 нотира дека постои акционен план за решавање на препораките на Европскиот комитет за спречување тортура. Воедно, членовите на персоналот во казнено-поправните и воспитно-поправните институции поминале обука за новиот кодекс на однесување за вработените во затворите, врз основа на Европскиот етички кодекс за вработените во затворите. Но, сепак, механизмот не е целосно функционален, особено кога станува збор за маргинализираните групи граѓани како Ромите.

 

 

 

Проектот „Почитување на правата на затворениците од етничките заедници низ призмата на ромската заедница“ кој го имплементира Ромски деловен информативен центар има за цел да придонесе кон подобрување на состојбата на затворениците со фокус на етничките заедници и Ромите во Република Северна Македонија. Проектот ги дефинира проблемите затворениците, но се застапува за почитување на основните човекови права на затворениците со фокус на етничките заедници

 

Преку спроведените активности, како теренското истражување за состојбата и третманот на Ромите и останатите етнички заедници во казнено-поправните установи во РСМ, анализа од истражувањето како и промотивно видео, проектот ќе придонесе кон обезбедување на точни и релевантни информации директно од затворите, кои ќе придонесат кон обезбедување акција од страна на државата во обезбедување на соодветни услови и третман во затворите за осудените лица, а со фокус на затворениците Роми.

 

„Почитување на правата на затворениците од етничките заедници низ призмата на ромската заедница” е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

—————————————————

10 август 2020