Ден на гравот претставува локална манифестација која е широко препознаена во Долни Полог, централните активности секогаш се одвиваат во с. Теарце. Оваа манифестација е иницирана пред 11 години во заедничка соработка на Центарот за современи уметности Скопје и Центарот за едукација и развој од Теарце кој редовно ја организира секоја есен.
Оваа година поради пандемијата на Ковид 19, манифестацијата Ден на гравот во традиционалниот формат со активности кои предвидуваат масовна посетеност и учество на граѓаните, не можеше да се организира. Заради тоа, но и сакајќи да се задржи континуитетот, Центарот за Современи Уметности заедно со Центарот за едукација и развој од с.Теарце изработија просторна скулптурална интервенција во форма на зрно грав и на тој начин го одбележија 11-тото издание на Ден на гравот.
Делото на скулпторот Љубиша Камењаров кој на визуелно експлицитен начин го поврзува локалниот контекст на поврзаноста со земјоделитето и производството на грав и љубовта кон оваа замјоделска култура која е една од најзначајните за локалните земјоделци. Токму затоа, зрното грав завиено во срцевидни листови прекрасно ја покажува поврзаноста на земјоделците од овој регион со нивната посветеност на производството на тетовскиот грав.
Ваквиот тип на просторни интервенции не само што го оплеменуваат и разубавуваат јавниот простор туку значително придонесуваат да се зачува автентичниот локален културен контекст и заедничките вредности на населението од различна етничка и верска провиниенција во с.Теарце и околината. Едновремено ваквиот тип на интервенции ги промовираат современите културни и практики како нешто што е блиско и препознаено од заедниците, рушејќи ги стереотипите за елитизмот на современите уметности и нивната непрепознаеност од луѓето.
Иницијативата е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
—————————————————
9 декември 2020