Ограничениот пристап до социјални услуги на граѓаните, како и неажурноста на службите во ЈУМ Центар за социјална работа во Шуто Оризари (ЦСР во Шуто Оризари) го отежнува остварувањето на нивните правата. Детектирани се низа неправилности и несоодветен однос од страна на вработените кон социјално загрозените семејства и лица, поради кои тие се чувствуваат дискриминирани и понижени.
Креативната акција „Лавиринтот во Центарот за социјална работа во Шуто Оризари“ е израз на незадоволството од страна на ромската заедница поради нефункционалноста на Центарот за социјални работи во Шуто Оризари. Истовремено, испраќа порака до надлежното Министерство за труд и социјална политика дека ЦСР во Шуто Оризари е нефункционален и потребни се сериозни реформи за негово соодветно функционирање.
Уличниот перформанс симболично замислен како лавиринт е заснован на секојдневните случувања, лични искуства, животни приказни и вистинити изјави од барателите на социјални услуги во ЦСР во Шуто Оризари и е последица на невозможноста во институционалниот лавиринт да се остварат социјални права кои Уставот ги гарантира, а законот овозможува пристап и остварување на истите.
Во кратката неколкуминутна театарска пиеса активисти ги образложија проблемите и барањата на ромската заедница. Минувачите и другите актери имаа можност да поминат низ лавиринтот и директно да видат со какви проблеми се соочуваат барателите на социјална помош во Шуто Оризари.
Во продолжение се излистани најчестите проблеми и пречки со кои ромската заедница се соочува во пристапот до социјални услуги:
- Доставување или недоставување на решенија и одлуки вон законскиот рок за поднесените барања, и неиздавање на архивски броеви за одделните предмети го оневозможуваат правото на жалба во законски рок на барателите;
- Социјалните работници во Центарот за социјални работи во Шуто Оризари, субјективно, без да излезат на терен ја оценуваат фактичката состојба на ромските домаќинствата со што го оневозможуваат остварувањето на социјалните права;
- Некоординиран пристап, недоволна екипираност и немање капацитет и стручност на службите на ЈУМ ЦСР-Шуто Оризари;
- Неможност да се воспостави нормална и редовна комуникација меѓу вработените во
- институцијата и барателите на социјална помош;
- Немање на капацитети и лоши просторни услови, како и маргинализација на центарот од страна на ресорното Министерство.
Акцијата е дел од обуката за креативен активизам на ромски организации која ја спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија. На обуката и во креирањето на креирањето и спроведувањето на акцијата учествуваат претставници на Романо Чачипе, Скопје; ИРИЗ, Скопје; Национален ромски центар Куманово и Станица Пет Прилеп.
—————————————————
4 декември 2020