Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во јули 2020 година, Фондација Отворено општество – Македонија, преку ТИМ Институт спроведе истражување на перцепцијата, ставовите и искуствата на граѓаните во општините Желино, Карпош, Дојран, Прилеп и Охрид, во врска со корупција и судир на интереси.

Во истражувањето е користен повеќестепен стратификуван репрезентативен примерок од вкупно 1239 испитаници, на возраст на 18 години. Истражувањето е спроведено телефонски, на македонски и албански јазик.

Анализата на податоците, ни укажа дека испитаниците од петте општини, во голема мера ја препознаваат корупцијата кога ќе ја видат. Сепак постојат ситуации кои иако не се сметаат како корупција согласно моменталното законодавство, испитаниците ги препознаваат како корупција.

На национално ниво, испитаниците од петте општини како најкорумпирани ги посочија инспекторите и директорите на јавните институции, додека за најмалку корумпирани ги сметаат новинарите и претставниците на граѓанските организации. На локално ниво пак, граѓаните сметаат дека најраспространета е корупцијата кај локалните инспектори и полициските службеници во општината, додека најмалку е перцепирана корупција кај новинарите и просветните работници во општината.

Корупцијата во општините, според жителите на петте општини во просек е најзастапена при вработувањата во општината. Најризична област за жителите на општина Карпош се јавните набавки, додека жителите на општина Охрид истакнуваат дека во издавањето на дозволи, одобренија и решенија има најголем обем на корупција.

Над половина од испитаниците (53%) се подготвени да му направат услуга на административниот службеник со цел да решат одреден проблем во јавната администрација, 56% изразуваат подготвеност да му дадат подарок, а околу 35% се подготвени да платат готовина.

На еден од пет луѓе во рамките на петте општини се случило да им бидат побарани пари, подарок или услуга од јавен службеник во општината. Околу 5% од испитаниците од петте општини истакнале дека платиле поткуп, направиле услуга или дале подарок, без разлика дали им било директно или индиректно побарано.

Дека корупцијата не е оправдана истакнале над 90% од испитаниците во 5петтете општини. Околу 8% сметаат дека коруптивни активности во одредени ситуации се оправдани во интерес на завршување на некоја работа.

9 од 10 граѓани на петте општини во најголем дел се согласуваат со изјавата „секој кој има моќ во нашата земја сака брзо да се збогати„ ,околу 82% од испитаниците веруваат дека “законите важат за сиромашните, но не и за политичарите”, додека 8 од 10 жители имаат став дека “митото и корупцијата се карактеристични за нашата култура и менталитет”. Околу три четвртини од жителите на петте општини се согласуваат дека “барањето на врски и услуги е начин за преживување, кој сите го практикуваат”.

Околу една четвртина од жителите на петте општини веруваат дека “широко распространетата корупција не може да се намали”. Четири од 10 жители сметаат дека “корупцијата секогаш ќе ја има во нашата земја, но може да се намали до одреден степен”. 23% од жителите веруваат дека “корупцијата во нашата земја може значително да се намали”. 8% од граѓаните изразуваат исклучителен оптимизам и веруваат дека “корупцијата во нашата земја може да се отстрани”.

Над 81% од интервјуираните граѓани на петте општини се незадоволни со борбата против корупција во нашата земја, додека на локално ниво две третини се незадоволни од борбата против корупција во општината.

Целото истражување можете да го најдете ТУКА.

—————————————————

10 март 2021