Ако не се променат политиките на вработување во високото образование и науката, проблемот ќе се проширува секоја следна година, а последиците ќе бидат катастрофални како по опстанокот на институциите, така и по растот и развојот на државата. Доколку уште утре не се направи широк и суштински исчекор во смисла на ревитализација на универзитетите и институциите, како и во смисла на плати кои ќе бидат стимулативни за привлекување на младите потенцијални кадри, понатаму веќе нема да има простор за некој значаен пресврт.
Независниот академски синдикат (НАкС) денеска во „Кино Култура“ изнесе повеќе аларматни и загрижувачки податоци поврзани со високото образование, како продолжение на серијата истражувања.
Од НАкС нагласија дека старосната структура на двата, своевремено единствени, универзитети во државата е крајно загрижувачка. Тоа посебно се однесува на „Св. Климент Охридски“ (УКЛО), каде скоро на половина од факултетите нема ниту еден асистент, но и бројот на професорски кадар на одредени единици е исклучително мал.
„Ако некогаш некој професор имал по еден или два асистенти, овој однос е сосема нарушен во корист на редовните професори кои со заминувањето во пензија ќе ги остават катедрите празни. На ниво на цел УКИМ, оваа структура е за нијанса подобра, но сеедно алармантна“, велат од НАкС.
На ниво на единици на скоро четвртина од факултетите/институциите нема воопшто асистенти, а на оние кои имаат најголем број редовни професори, помеѓу 55 и 66, има само 2 до 3 асистента. Слична е состојбата и со најголемиот број јавни научни институти.
„За нормално одвивање на наставно-научната работа во високообразовните и истражувачките институции, неопходен е и ненаставниот кадар. Покрај административната служба, библиотека, студентски прашања, во оваа група влегуваат и лаборантите и друг помошен персонал. И тука ситуацијата на УКИМ е крајно неповолна, за разлика од останатите универзитети каде ненаставниот е скоро изедначен со наставниот кадар. Кај дел од релативно новите универзитети, Државниот универзитет Тетово (ДУТ) и Универзитетот ‘Гоце Делчев’ Штип (УГД), дискутабилен е процентот на вработените со основно образование – на еден од нив достигнува високи 15% од вкупниот број на вработени. Се забележуваат и парадоксални ситуации, како што е постоењето на самостоен институт со само двајца асистенти, ниту еден истражувач и дури 10 административци, но и на универзитет со само 10 професори и уште толку асистенти“, соопштија од НАкС.
Професорката Маја Стевановиќ, меѓу другото, препорача МОН да направи функционална анализа на вработените на јавните универзитети и јавните научни установи. Итно да се отпочне со ревитализација на УКИМ, УКЛО, како и на јавните научни установи, така што во Буџетот за 2020 ќе се обезбедат дополнителни пари за интервентно вработување на неопходен кадар.
Исто така, да се преиспита постоењето на оние универзитети и јавни научни установи кои не ги задоволуваат законските услови.
„МОН да отпочне иницијатива за измени на Законот за високо образование и на Законот за научно истражувачка дејност, со кои јавните универзитети и јавните научни установи нема да подлежат на процедурата за добивање согласност за вработување на местата за кои се веќе обезбедени средства од Буџетот, а кои се испразнети поради пензионирање на вработените. Таквото решение, освен што ќе го стопира натамошното ‘стареење’ и можното ‘гаснење’ на одредени студиски програми, на цели единици на универзитети, како и на некои институти, истовремено ќе ја зајакне уставно загарантираната кадровската автономија на високообразовните и научните установи. Ќе ја спречи и долгогодишната пракса на посредно влијание врз кадровската политика од власта врз институциите“, нагласи Стевановиќ.
Професорката Мимоза Ристовска се осврна врз платите во високото образовани. Оваа тема ја окарактеризира како „боречка“ и „болна“.
„Тврдат дека имаме високи плати и не треба да имаме повисоки. Меѓутоа, ние спремаме докази. Сфатете го ова како дел од серија, во која второто продолжение ќе аргументираме наши цврсти докази дека ова не е точно. Дека немаме високи плати и треба да се зголемат. Ова е да ве ‘навлечам’ за да ги следите сите наши следни истражувања“, рече Ристовска пред новинарите во „Кино Култура“.
Ристовска забележа дека, според статистиката што им е овозможена, немаат податоци за платите во високото, туку за цело образование. За професорката, постои „права, а не нагорна линија“ во графиконите за платите од 2011 до 2019.
„Значи, нека не ве лажат бројките за образование. Високото образование доби само 3,8% до 4%, наместо 5-те проценти (за покачување на платите н.з.) Понатаму, ќе видиме во регионот дека постојат земји со кои можеме да се споредуваме. Не со Хрватска, Бугарија и Грција, кои се во ЕУ, но можеме со Косово, каде редовен профор има плата од 1.400 евра, додека просечната плата им е нешто над 350 евра, помала од земјава. Во Македонија – професорите земаат нешто над просечна плата. Во Албанија дупло од просечната плата, што ја преминуваат ‘фамозната’ граница од 1.000 евра, што се зборува цело време. Србија – над 1.000 евра, Црна Гора – далеку над 1.000 евра“, нагласи Ристовска.
НАкС нагласија дека имале состанок со министерот Арбер Адеми. Дискусијата се водела од барањата за вработување на 300 лица на УКИМ и 100 лица на другите универзитети и установи. Потоа, побарано е итно да се формира Националниот совет за финансирање и развој на високо образование и наука, но и постапка за нов Закон за научноистражувачка дејност.
Позитивно гледаат во тоа што тој се согласил за нов колективен договор и исплата на средствата за минат труд од буџетот на МОН. Исто така, значително зголемувања на средствата за научноистражувачка работа.
НАкС вели дека ситуацијата не може да се смени преку ноќ, нешто што со години е наталожувано во високото образование. Даваат време, можност за решение и соработка, а доколку властите не го исполнат ветеното, не исклучуваат ниту синдикални мерки.
Инаку, истражувањата се дел од проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и наука во РСМ“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Бојан Шашевски
Извор: https://www.radiomof.mk/alarmantna-sostojba-so-kadrovskite-politiki-vo-visokoto-obrazovanie/
—————————————————
31 октомври 2019