Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Со потпишувањето на Преспанскиот договор, прашањето на датумот за почеток на преговори со Европската Унија е навистина актуелно за Македонија. Граѓанските организации кои во земјата работат на ЕУ прашања повеќе од 15 години имаат обемно познавање за ЕУ и процесот на пристапување, но сепак, самиот процес е сериозно комплексен, со елементи кои се специфични за секоја земја поединечно и побарува внимателна подготовка како за институциите, така и за граѓанските организации. Вклучувањето на граѓанските организации во почетните фази на процесот на преговорите ќе биде можност да земат предвид интересите на граѓаните, со што би се овозможила вистинска општествена реформа, европеизација на македонското општество.

За да се разгледаат моделите и можностите за учеството на невладините актери во процесот на преговори на Македонија со Европската Унија, од 25 до 27 ноември 2018г., во х. Романтик во Велес се одржува четвртата школата за европска политика. Школата е тридневен настан кој вклучува работилници и дискусии на кои учествуваа национални, но и регионални експерти од Србија и Црна Гора, владини претставници како и претставници на граѓанските организации.

Школата вклучува разгледување на нацртот на македонската преговарачката структура, очекувањата и предизвиците од процесот на пристапување во ЕУ и улогата и моделот на вклучување на граѓанското општество. Воедно се разгледуваат и регионалните искуства односно моделите на вклучување на граѓанското општество во Србија и Црна Гора во тамошните процеси на пристапување. Во рамки на школата ќе се изработат предлози за македонскиот преговарачки модел, врз основа на кои ќе се изработи документ со препораки кои ќе биде застапуван пред засегнатите страни во процесот на приклучување.

Настанот е организиран од страна на ЕВРОТИНК – центар за европски стратегии и Институтот за демократија – Социетас цивилис, Скопје, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Говорници:

Драган Тилев, Државен советник за европски политики и координација во Секретаријатот за европски прашања
Елена Илиеска, Министерство за надворешни работи на Република Македонија
Срѓан Мајсторовиќ, Центар за европски политики, Белград
Јована Маровиќ, Политикон мрежа, Подгорица