Џорџ Сорос е еден од светски најистакнатите филантропи, досега има дадено повеќе од 12 милијарди долари. Овие средства се користени како финансиска поддршка за поединци и организации ширум светот, за унапредување на слободата на изразување, транспарентноста, отчетноста на властите, и за развој на општества кои промовираат правда и еднаквост.
Неговите донации честопати се фокусирале на оние кои се соочуваат со дискриминација само затоа што се она што се. Тој поддржувал групи кои го претставуваат ромското население во Европа, но и други групи истуркани на маргините на општеството, како што се корисници на дроги, сексуални работници и ЛГБТИ лица.
Самиот Сорос на сопствена кожа ја искусил ваквата нетолерантност. Роден во Унгарија во 1930 година, тој ја преживува нацистичката окупација во периодот 1944-1945 година, која резултирала со убиство на повеќе од 500.000 унгарски Евреи. Неговото еврејско семејство ја преживеало окупацијата со помош на лажни документи за идентификација, сокривајќи го нивното потекло, а воедно им помагале и на други луѓе да го направат истото. Подоцна, Сорос се сеќава дека „наместо да ѝ се препуштиме на судбината, ние дадовме отпор на злите сили кои беа многу посилни од нас, но сепак опстојавме. И не само што преживеавме, туку успеавме и да им помогнеме на другите“.
Со консолидирањето на комунистичката власт во Унгарија по војната, во 1947 година Сорос заминува за Лондон, каде повремено работи како носач во железницата и келнер во ноќен клуб за да се издржува за време на студиите на Лондонската школа за економија. Во 1956 година, емигрира во Соединетите Американски Држави и влегува во светот на финансиите и инвестициите, каде ќе го направи своето богатство.
Во 1970 година, тој го отвора својот инвестициски фонд, Сорос Фонд Менаџмент, и станува еден од најуспешните инвеститори во историјата на САД.
Сорос го користи своето богатство за да ги основа Фондациите Отворено општество, мрежа од фондации, партнери и проекти во повеќе од 100 земји. Нивната работа и самото име на фондациите го рефлектираат влијанието на филозофијата на Карл Попер врз размислувањата на Сорос, со која тој првпат се запознава на Лондонската школа за економија. Во неговата книга „Отвореното општество и неговите непријатели“, Попер аргументира дека ниту една филозофија или идеологија не е финалниот арбитер на вистината и дека општествата може да се развиваат само доколку дозволат демократско владеење, слобода на изразување и почитување на индивидуалните права, приод кој лежи во основата на работата на Фондациите Отворено општество.
Својата филантропска дејност Сорос ја започнува во 1979 година со доделување стипендии за црните студенти од Јужна Африка за време на апартхејдот. Во текот на 1980-тите години, тој помага во промоцијата на отворена размена на идеи во комунистичкиот источен блок, обезбедувајќи машини за фотокопирање за умножување на забранети текстови. По падот на Берлинскиот ѕид, го основа Централноевропскиот универзитет како простор за негување критичко мислење, кое во тоа време претставува непознат концепт на повеќето универзитети во поранешните советски држави. Тој финансира културни размени меѓу Источна Европа и Западот, со што одигрува клучна улога во помагањето на советското општество, во кое и самиот живеел кус период, да се отвори кон светот.
По завршувањето на Студената војна, тој ја проширува својата филантропија во САД, Африка и Азија, поддржувајќи широк спектар нови заложби за креирање поотчетни, транспарентни и демократски општества. Сорос е еден од раните проминентни гласови кои ја критикуваат војната против наркотиците како „убедливо поштетна од самиот проблем на користење дроги“ и помага во основањето на американското движење за медицинска марихуана. На почетокот на 2000-тите години, тој станува гласен поддржувач на заложбите за истополови бракови. Иако неговите каузи еволуираат со текот на времето, тие и понатаму се блиски до неговите идеали за отворено општество.
Низ годините, Сорос поддржува параправници и правници кои застапуваат илјадници незаконски притворени лица, ја создава и ја финансира најголемата иницијатива во историјата за интеграција на Ромите во Европа и ги покрива школските и универзитетските трошоци на илјадниците надежни студенти од маргинализираните групи. Освен тоа, тој работи и надвор од неговата фондација, поддржувајќи независни организации како што се Глобал Витнес, Меѓународната кризна група, Европскиот совет за надворешни односи и Институтот за ново економско размислување.
Во осмата деценија од својот живот, Сорос и понатаму е активно и лично вклучен во работата на Фондациите Отворено општество, патувајќи насекаде во поддршка на нивната работа и застапувајќи се за позитивни промени на политиките со светските лидери, и јавно и приватно.
Сепак, една работа останува константна во филантропското наследство на Сорос, а тоа е посветеноста на борбата против најгорливите проблеми во светот. Тој е познат по нагласувањето на важноста за справување со загубените каузи. Навистина, тој е првиот кој ќе признае дека многу од прашањата на кои работел се видови прашања за кои можеби никогаш нема да има целосно решение.
„Мојот успех на финансиските пазари ми даде поголем степен на независност за разлика од многу други луѓе“, напиша Сорос. Таквата независност му овозможи да го гради неговиот пат кон свет кој е поотворен, поправеден и порамноправен за сите.
За повеќе информации во врска со активностите на Џорџ Сорос кои се надвор од доменот на работата на Фондациите Отворено општество, посетете го веб-сајтот www.georgesoros.com.