Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во услови на исклучително неизвесна и ризична состојба во која се наоѓа нашето општество и јавното здравје во моментов, потребата за заштита на најранливите граѓани е огромна. Највисок приоритет на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) е заштитата и подобрувањето на животот на сите, особено на маргинализираните граѓани. Во таа насока ФООМ обезбеди донација од 100.000 долари за итна хуманитарна интервенција за загрозените ромски семејства кои се социјално и економски најдиректно засегнати од здравствената криза.

Од исклучителна важност во овие моменти е да се обезбеди соодветната поддршка за најранливите групи на граѓани и тоа преку зголемување на можноста за одржување на редовна хигиена и дезинфекција, но и преку поддршка во храна во периодот на изолација. За таа цел, ФООМ во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија обезбеди хуманитарни пакети со храна и средства за хигиена кои се доволни во период од еден месец да служат за потребите на едно семејство со 4 до 6 членови. Со активноста ќе се опфатат околу 10.000 граѓани од ромската заедница, односно околу 2.000 семејства кои живеат во скопско Шуто Оризари, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Куманово, Делчево, Виница Пехчево и село Црник.

Дистрибуцијата на хуманитарните пакети ќе започне во петок, 3 април, со посета на 400 семејства од Скопје. Во сабота е планирана посета на дополнителни 400 семејства, исто од Скопје, а веќе од понеделник, 6  април, хуманитарните пакети ќе се дистрибуираат и ќе стигнат до домовите на ромските семејства низ државата. Дистрибуцијата на хуманитарните пакети ќе заврши најдоцна на 10 април 2020 г.

За непречено одвивање на активноста, Црвениот крст на Република Северна Македонија на терен ќе соработува со шест граѓански организации кои се активни и препознаени во ромските заедници. Романо Чачипе, ИРИЗ – Скопје, Сонце – Тетово, Станица П.Е.Т. – Прилеп, НРЦ – Куманово, НВО КХАМ – Делчево, ХОПС – Скопје и Центарот за деца на улица – Шуто Оризари помогнаа да се идентификуваат потребите на најпогодените ромски семејства и ќе ја помогнат дистрибуцијата на хуманитарните пакети. Им изразуваме благодарност за нивниот несебичен ангажман во овие кризни моменти.

Ние во Фондацијата Отворено општество – Македонија сме посветени на градењето толерантно и инклузивно општество, отворено за учество на сите граѓани подеднакво. Поддршката и учеството на ромската заедница во подобрувањето на условите за пристап до образование, здравствени и правни услуги, но и за промена на перцепциите, ставовите и однесувањата кон Ромите останува наш фокус и понатаму.

—————————————————

2 април 2020