Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Од: Џорџ Сорос

За неколку недели, властите треба да донесат одлуки што ќе ја одредат судбината на Европската Унија. ЕУ може да собере сили и да ги исполни очекувањата и аспирациите на нејзините граѓани или може да продолжи да се распаѓа.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, рече дека на ЕУ ѝ требаат најмалку 1 трилион евра за да борба против новиот коронавирус. Таа воопшто не ја спомена борбата против климатските промени за која е потребна слична сума на пари. Јас сметам дека постои само еден начин да се собере толку голема сума – преку издавање трајни обврзници.

Европската јавност и нејзиното лидерство не се запознаени со трајните обврзници, но тие имаат долга историја. Британија е првата земја што издала консолидирани обврзници, таканаречени консоли, уште во 1752 година, а подоцна ги користела за да ги финансира Наполеонската и Кримската војна, Актот за аболиција на ропството, Заемот за ирската беда и Првата светска војна. Конгресот во САД овластил издавање консоли во 1870 година за да ги консолидира долговите што биле акумулирани за време на Граѓанската војна.

Како што кажува и самото име, главницата на трајната обврзница никогаш не треба да се исплати, туку за исплата доспева само годишната камата. Обврзница во износ од 1 трилион евра со каматна стапка од 0,5% би можела да се сервисира со 5 милијарди евра годишно. Обврзницата во износ од 1 трилион евра не би била издадена одеднаш, туку во транши. Првата транша веднаш би ја разграбале долгорочните инвеститори како што се компаниите за животно осигурување, но како што и другите инвеститори ќе се запознаваат со трајните обврзници, тие евентуално би почнат да носат и премија. Во моменталната средина со ниски камати, Германија би била во можност да продаде 30-годишна обврзница со негативна стапка на принос.

Соодносот меѓу износот на исплатената годишна камата и добиената сума е 1:200. Се разбира, каматата треба да се исплати на годишно ниво, но тековната вредност на идните исплати постојано се намалува и евентуално би се приближила, но не би стигнала до нула. 5 милијарди евра е незначителна сума на исплата за 1 трилион евра кои се итно потребни. Тоа претставува околу 2,5% од последниот буџет на ЕУ и нешто повеќе од 1% од идниот буџет кој во моментов се дискутира.

Сепак, трајните обврзници не беа сериозно земени предвид на ЕУ Самитот во април. Шпанскиот премиер Педро Санчез ја предложи идејата, но беше игнориран. Дискусијата се фокусираше на парите што би можеле да се соберат со зголемување на опфатот на следниот буџет. По состанокот, претседателката Урусла фон дер Лајен почна да зборува за милијарди, а не за трилиони. Се чини дека нешто сериозно тргнало на лошо.

Мојата претпоставка е дека идејата за трајни обврзници била отфрлена бидејќи е новина што не постоела кога беше донесен Договорот за функционирањето на Европската Унија (ДФЕУ). Сепак, исклучителни околности налагаат исклучителни мерки. Тие не треба да се издаваат во нормални времиња.

Ако ЕУ не е во можност да ги разгледа трајните обврзници во контекст на тековните исклучителни околности, таа нема да може да ги издржи предизвиците со кои моментално се соочува. Ова не е теоретска можност, туку трагична реалност. Коронавирусот и климатските промени не им претставуваат закана само за животите на луѓето, туку и за опстанокот на нашата цивилизација.

Европската Унија е посебно ранлива бидејќи таа се темели на владеење на правото, а познато е дека тркалото на правдата многу бавно се движи. За разлика од тоа, новиот коронавирусот се движи многу брзо и непредвидливо. Токму затоа ЕУ треба да издаде трајни обврзници.

Сакам да објаснам зошто трајните обврзници ѝ се потребни на Европа денес. Тие не треба да се изедначуваат со корона-обврзниците кои беа отфрлени и тоа со добра причина. Корона-обврзниците создаваат поделби; тие ја зајакнуваат веќе постојната празнина помеѓу Северот и Југот, а создаваат и поделби помеѓу Истокот и Западот, помеѓу новите и старите држави-членки. За разлика од нив, трајните обврзници имаат ефект на обединување. Тие обезбедуваат финансиски ресурси за ЕУ и за сите држави-членки кои се неспоредливи поголеми од она што буџетот на ЕУ може да понуди. Тие би можеле да ѝ помогнат на ЕУ да ги исполни очекувањата и аспирациите на нејзините граѓани.

Анализата на трошокот и придобивката е толку еднострано во корист на придобивките што отвора изненадувачки голем фискален простор. Доколку ЕУ издаде обврзници за сопствена сметка, таа може да ги дистрибуира парите до земјите кои имаат најголема потреба, онака како што е дефинирано од Комисијата и од владите, во согласност со заеднички договорените правила и буџетски процедури. Дополнителното трошење нема да наложи ново законодавство. Одлуката за издавање трајни обврзници мора да биде постигната на самит, бидејќи без таква одлука Италија би можела да банкротира пред есента. Тоа би бил огромен удар за ЕУ.

Способноста да се распределат средства на оние на кои најмногу им требаат би отворила огромни можности. Најголем дел од парите би отишле во јужните земји бидејќи тие се најпогодени. Но, средства би можеле да се распределат и на оние земји кои се најранливи. Католичката хуманитарна организација Каритас Европа неодамна објави многу интересна анализа за недокументираните мигранти кои генерално работат во земјоделството и кои живеат во ужасни услови и создаваат нови жаришта на зараза. Ако на тоа ги додадеме сириските и другите бегалци истуркани од Турција во Грција, веќе сме ги идентификувале главните извори на зараза. Тие не го носат вирусот со нив, туку се заразуваат во земјата на дестинација поради ужасните услови во кои треба да живеат. Легализирањето на нивната позиција нема да ги спаси само нивните животи, туку и животите на општата популација, и тоа со ставање на вирусот под контрола.

Еден трилион евра за борба против новиот коронавирус реално би можел да ја постигне целта. Истото важи и за еден трилион евра посветени на борбата против климатските промени.

Случајот за издавање трајни обврзници е толку силен што товарот на докажување паѓа на оние кои се против. Да, постои елемент на взаемно споделување, но тој станува незначаен во споредба со придобивките што ги носи. Останува многу малку време за да се разбере и да се вреднува можноста што ја нудат трајните обврзници.

9 мај 2020

—————————————————

20 мај 2020