Министерството за финансии објави дека почнувајќи од јануари 2019 година, се напушта системот на рамен данок и се преминува кон систем на прогресивен данок. Според реформата, примателите чиј доход на месечна основа го надминува прагот од бруто износ од 90.000 денари, ќе плаќаат дополнителни 8% данок на персонален доход, дополнително на постојната стапка од 10%, за износот на примањата над предвидениот праг. За доходот од капитал ќе се плаќа данок по стапка од 15%.
Групата ЦИВИТАКС смета дека прогресивното оданочување е еден од инструментите за намалување на социјалната нееднаквост. Оттука, Групата ЦИВИТАКС го смета предложеното решение за прифатливо. Сепак, истовремено, Групата ЦИВИТАКС смета дека прогресивниот данок на доход треба да се воведе само откако ќе се адресираат следните прашања:
1. Потреба од приоритизација и воздржување од избрзани инстант решенија.
2. Општествен консензус за трошењето на народните пари.
3. Други прашања сврзани со реформата кои Министерството е должно да ги одговори или темелно да ги дискутира.
Во продолжение ги елаборираме овие три аспекти.
ПОТРЕБА ОД ПРИОРИТИЗАЦИЈА И ВОЗДРЖУВАЊЕ ОД ИЗБРЗАНИ ИНСТАНТ РЕШЕНИЈА
1. Објавувањето на предложената даночна реформа беше дочекано како избрзано решение, со оглед дека очекувањето на засегнатите страни беше дека ќе се остави доволен простор за квалитетна јавна дебата, без контурите на реформата да се наметнуваат како зададени, особено во услови кога владата се обврза на консултативен процес и јавна дебата по кое било прашање од јавен интерес.
2. Во услови на се` уште заробена држава и нереформирана администрација, Владата треба да се воздржи од наметнување параметри за оценка на успешност бидејќи тоа ги заведува граѓаните, ја прави Владата неотчетна и склона кон носење одлуки кои се избрзани и кои не одговараат на долгорочните цели на граѓаните на Република Македонија. Во таа смисла, Владата треба да се воздржи и од споредби со ЕУ земји бидејќи ЕУ земјите со кои сака да се споредува не се заробени.
3. Во услови кога само пред десетина дена Владата објави откуп на долгови на општините, и во услови на неодговорно трошење на парите на даночните обврзници (патни трошоци, трошоци за ресторани, злоупотреби на даночни пари за лични цели, дополнителни неконтролирани вработувања во државна администрација), Владата е потребно да покаже решителност, посветеност и конкретен план за сузбивање неодговорно трошење на народните пари, пред да планира и спроведува дополнителни зафаќања од граѓаните.
4. Често се употребуваат поими како синоними кои служат за стигматизирање или за привлекување на симпатии без притоа да се дефинираат поимите за да се обезбеди квалитетна дебата исфилтрирана од шум на популизам. Барем следните поими треба да бидат прецизно дефинирани за случајот на Република Македонија, а во функција на даночни цели: средна класа, праведен данок, фер оданочување.
Групата ЦИВИТАКС ја повикува Владата на серија од јавни дебати за кристализирање на погорните прашања.
5. Ваквиот начин на избрзано носење одлуки го дискредитира и ЕНЕР системот, а без дебати и партиципативност проследено со кредибилни истражувања не може да бара подршка и национален консензус. Групата ЦИВИТАКС ја повикува Владата да го постави нацрт Законот за личен доход на системот ЕНЕР и да остави доволно дебатен простор од најмалку 3 месеци пред тој да влезе во собраниска процедура.
6. Владата нема направено истражување кое ќе покаже недвосмислено дека рамниот данок е основна причина за доходовна нееднаквост на населението. Во истата смисла, данокот на добивка, како придонесувач кон доходните разлики, дури и воопшто не се споменува. Податоците говорат дека бруто деловниот вишок на фирмите пораснал несразмерно повеќе од средствата за вработените, па оттука генераторите на нееднаквост не можат да се бараат само во личните приходи. Затоа, темата за нееднаквоста има пошироки размери и Владата треба ова прашање, во најмала рака, да не го игнорира и да покаже слух дека прогресивниот данок на доход е потенцијално прва реформа во насока на посеопфатна борба со нееднаквоста. Групата ЦИВИТАКС ја повикува Владата да изготви, или поддржи подготовка, на студија за причините на доходната нееднаквост и проценка на ефектите од потенцијалните решенија.
ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС ЗА ТРОШЕЊЕТО НА НАРОДНИТЕ ПАРИ
7. Владата мора да поработи на ефикасноста на расходната страна на буџетот, на зголемена одговорност и отчетност, на зголемување на казнивоста на злоупотреба од висока корупција и одробување на државата. Групата ЦИВИТАКС очекува(ше) јасен план, посветеност и акција во оваа насока, пред да се наметнуваат крупни промени во системот, како што е даночната реформа.
8. Владата мора да работи на намалување на нејзината улога на пазарите за да остави средствата да бидат ефикасно алоцирани од економските оператори. Разните субвенции може да бидат од краткорочен карактер и не смеат да бидат трајна определба бидејќи на тој начин се нарушува ефикасноста на пазарната економија, се преферираат неефикасни пазарни оператори, се дискриминираат оператори кои можат да се соочат со пазарните сили, поради што, на крајот и ефикасните и неефикасните оператори завршуваат неуспешно. Групата ЦИВИТАКС ја повикува Владата недвосмислено да го искаже својот став во однос на субвенционирањата, и особено оние кои зафаќаат големи буџетски средства, пред да премине кон дополнителни даночни зафаќања.
9. Владата мора да го намали бројот на регулаторните тела и разни буџетски корисници од прва линија кои не ја извршуваат функцијата за која постојат и ќе мора да го консолидира обемот на јавниот сектор. Владата мора да го намали државниот апарат и мора да ја зголеми ефикасноста на јавната администрација до степен кога мора да има и отпуштања на оние кои не можат да ги совладаат потребните вештини и знаења за да одговорат на потребите на граѓаните.
ДРУГИ ПРАШАЊА СВРЗАНИ СО РЕФОРМАТА КОИ ВЛАДАТА Е ДОЛЖНА ДА ГИ ОДГОВОРИ ИЛИ ТЕМЕЛНО ДА ГИ ДИСКУТИРА
- Според податоците што ги објави самото Министерство за финансии, даночното оптоварување кај најбогатите 1% изнесува 20,1% додека кај најбогатите 0.1% изнесува 12,9%. Сепак, Министерството, во духот на издржана и квалитетна економска анализа, и прочистување на јавната дебата од популистички тон, треба да укаже дека овие ниски проценти не се должат на данокот на доход, туку на правото да не се плаќаат социјални придонеси кога платата го надминува износот од 16 бруто просечни плати. Воведувањето прогресивен данок во услови на постоење ваква можност и понатаму ќе го остави просторот да се злоупотребува можноста дека даночното оптоварување над износот од 16 просечни плати е 10%, односно по реформата 18%.Групата ЦИВИТАКС бара со воведувањето прогресивен данок, прагот за неплаќање социјални придонеси да се отстрани.
11. Според различни истражувања, големината на сивата економија во Македонија е 25-30% од формалната економија, а уделот на непријавени работници е 10-15%. 18% од работниците укажале на случаи во кои добиле дел од платата во плико (во готовина), потоа случаи на непријавени работници, или работници кои се пријавени на половина, а работат со цело работно време.12. Поврзано со претходната точка, општо познат факт е нискиот даночен морал во Македонија и склоноста да се бараат алтернативни заобиколни начини со кои би се платил понизок износ на данок.Следствено, Групата ЦИВИТАКС ја повикува Владата да излезе со анализа за тоа како прогресивното оданочување е поврзано со, и како ќе влијае врз сивата економија, и недвосмислено да покаже како ќе се бори против сивата економија пред наметнување дополнителни даноци.13. Планот за економски раст на Владата предвидува субвенционирање работни места кои исплаќаат високи плати, со цел да се поттикне креирањето високоплатени работни места. Прогресивното оданочување е во директна спротивност со оваа мерка. Јавната дебата треба да го адресира и ова прашање, а Министерството да даде одговор за тоа дали противречноста на одредени политики и мерки што ги презема Владата нема и понатаму да внесува неизвесност кај економските агенти.
14. Последно, но не и најмалку важно, даночната реформа е пожелно да има неутрален ефект врз креирањето работни места. Во услови на сеуште висока невработеност, најавеното прогресивно оданочување може негативно да се одрази врз креирањето високоплатени работни места, особено во секторите ИТ, финансии и осигурување, специјалистичко здравство и сл., сектори во кои вработените се висококонкурентни на глобалниот пазар.
***
Севкупно гледано, Групата ЦИВИТАКС го прифаќа предложеното решение на даночната реформа, но, истовремено го повикува Министерството за финансии и Владата на РМ да обезбедат доволен временски простор и да отворат издржана стручна дебата и широк консултативен процес, на кои се обврзаа при преземањето на власта во јуни 2017 година. Групата ЦИВИТАКС го повикува Министерството за финансии и Владата на РМ да се воздржат од примена на реформи, политики и мерки преку донесување на засегнатите страни и јавноста пред свршен чин, без да обезбеди форум во кој ќе може да се чујат ставовите на сите чинители во процесот.
***
ЗА ЦИВИТАКС
ЦИВИТАКС како група за фискални прашања во граѓанскиот и академскиот сектор и кај физичките лица има за цел да подига иницијативи, анализира и истражува и да ги застапува фискалните прашања, во најширока смисла на зборот, што ги засегаат граѓанските организации, академските институции и физичките лица, како и да го застапува правото на правна извесност во оваа област како човеково право.
Основачките членови на групата се:
1. Center for Economic Analyses – CEA
2. Finance Think
3. Центар за даночна политика
4. Institute of Social Sciences and Humanities – Skopje
5. Institute for Democracy ‘Societas Civilis’ Skopje
6. Фондација Отворено општество – Македонија
7. Transparency International Macedonia
8. Helsinki Committee for Human Rights of the Republic of Macedonia
9. Институт За Комуникациски Студии
10. Eurothink – Centre for European Strategies
11. Центар за управување со промени – ЦУП / Center for Change Management
12. Институт за европска политика (ЕПИ)/European Policy Institute – EPI
13. Verica Hadzi Vasileva-Markovska
14. Крсто Несторов
Повеќе за принципите и политиките на ЦИВИКТАКС: Овде
—————————————————
14 ноември 2018