Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Мрежата за заштита од дискриминација реагира на физичката непристапност со која се соочуваат лицата со попреченост и лицата со потешкотии со движењето во Општина Неготино во процесот на собирање потписи за иницијативата за одржување локален референдум, со цел изјаснување на граѓаните по однос на најавите за изградба на депонија за индустриски инертен отпад. Собирањето на потписите за иницијативата за одржување на локалниот референдум која започна на 19 декември, се одвива на третиот кат во зградата на Општина Неготино во која нема лифт. На овој начин лицата со физичка попреченост, како и сите оние кои се соочуваат со потешкотии во движењето, се оневозможени или се соочуваат со сериозни проблеми да го остварат своето право. Дотолку повеќе, иницијативата за собирање на потписи треба да трае 30 дена, меѓутоа граѓаните имаат само 19 работни дена во кои ќе може да ја поддржат овааа иницијатива,  поради големиот број на неработни денови во наведениот период.

Ваквото постапување на Општина Неготино е дискриминаторско и спротивно на одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, согласно кој пристапноста до инфраструктурата подразбира преземање на соодветни мерки што осигуруваат дека лицата со попреченост имаат пристап, на еднаква основа со другите до јавните објекти.

Апелираме до Општина Неготино да овозможи луѓето со попреченост да учествуваат во постапката за собирање на потписи за распишување на референдумот под еднави услови со останатите граѓани. Еднаквите услови значат дека местата за собирање на потписи треба да бидат достапни за лицата со попреченост во текот на целото траење на референдумот. Непристапноста на општинската зграда за овие луѓе значи прекршување на уставното право на глас и ускратување на можноста за граѓанско учество во донесувањето на одлуки. Во спротивно Мрежата за заштита од дискриминација ќе се обрати до надлежните органи за заштита од дискриминација.

Апелираме и до Народниот правобранител, да делува итно и прокативно и да побара од Општина Неготино да овозможи луѓето со попреченост да го остварат своето право на глас.

Во пресрет на предвремените парламентарни избори ја потсетуваме власта на обврските кои произлегуваат од Законот за спречување и заштита од дискриминација и од Конвенцијата за правата на луѓето со попреченост. Бараме да се започне со подготовки и набавки на потребни средства за луѓето со попреченост да можат непречено и самостојно да го остварат своето право на глас.

Проектот „ЗСЗД под лупа: Следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

27 декември 2019