Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Мрежата за заштита од дискриминација ја осудува дискриминаторската пракса на Portofino Osteria and Bar со ограничување на пристапот до ресторанот на жени кои носат традиционална муслиманска облека.

На 14.09.2018 година до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати странка која пријави дискриминација врз основа на религија и верско уверување во пристап до ресторанот Portofino Osteria and Bar. Странката заедно со две пријателки се обидела да влезе во ресторанот Portofino Osteria and Bar, каде пристапот им бил ограничен со објаснување дека без резервација не може да бидат услужени. Во моментот кога  се обиделе да влезат во ресторанот странката носела хиџаб, додека нејзините пријателки не. Лицата го напуштиле ресторанот, каде десетина минути подоцна, една од пријателките на странката се вратила во ресторанот и без никаков проблем добила маса без претходна резервација. Таа пробала да дознае зошто не ѝ бил дозволен пристап во ресторанот на нејзината пријателка која носела хиџаб и дали ресторанот им забранува пристап на жени и девојки кои носат хиџаб, на што не добила одговор и си заминала.

Хелсиншкиот комитет за човекови права за овој случај поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, а постапката сѐ уште е во тек. Мрежата за заштита од дискриминација ја повикува Комисијата за заштита од дискриминација во рамките на своите овластувања да го истражи случајот, да утврди дискриминација врз основа на религија и верско уверување, да му препорача на ресторанот да ја отстрани повредата на правото и во иднина  да престане со дискриминаторската пракса на ограничување на пристапот до јавни добра и услуги на жените од муслиманска верска припадност кои носат традиционална муслиманска облека.

Проектот „ЗСЗД под лупа: Следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

29 октомври 2018