Автор: Владимир Тевчев
Клучот за успехот на помалите судови е во тимската работа. Таму недостигаат судии, стручни соработници, дактилографи, но неколку случаи судови во источниот дел на државата се пример дека со добра организација може да се постигне голем успех.
Квалитетен судија не го прават модерните прозорци во судниците, глетуваните ѕидови и напредната технологија, туку неговата стручност и интегритет. Ова е одговорот на сите судии во земјава кога ќе ги прашате која е разликата да се биде судија во суд од мал град, споредено со оние во поголемите градови. Раздавањето на правото не зависи од тоа дали се суди во канцеларија или во судница и дали покривот протекува, велат тие. Ова убаво изгледа на зборови. Но, дали е така?
Малиот паркинг пред Основниот суд во Свети Николе беше полн, иако тој ден немаше многу судења. Ако доаѓате со автомобил, вртењето околу судот за да најдете место за паркирање ќе ви одземе дополнително време. Морате да го испланирате добро, да дојдете порано, оти ако задоцните на рочиште тоа може многу да ве чини, било да сте странка било адвокат во некоја постапка.
Само што ќе влезете во оваа зграда, сфаќате дека тука долги години сѐ е препуштено на забот на времето. Како никој да не се грижи кога гледа со свои очи како зградата, просториите и мебелот забрзано стареат и се амортизираат. Старите врати, излупените ѕидови и дотраениот мебел се сведоци на историјата на овој суд, од неговото создавање до денес.
Судот во Свети Николе е мал, колку што е и самиот град. Нема проширена надлежност, а за потешките кривични дела, за кои е предвидена затворска казна над пет години, надлежноста ја има Основниот суд во Штип. Но, луѓето и тука се тужат или тераат правдина, за која им треба овластен суд. А за тоа се потребни судии. Во овој суд има тројца. Една од нив е судијката Валентина Буровска. Нејзината канцеларија често е и судница, во која таа одржува рочишта. Освен модерното биро, сè друго во оваа просторија личи на канцеларија од средината на минатиот век, вклучувајќи го и стариот килим со цветни мотиви, кој, откако ќе влезете, прв ви паѓа во очи.
„Јас имав канцеларија, на која ѝ падна таванот, а кога врнеше, прокиснуваше. Можете да замислите, кофи и леѓени среде канцеларија на судија. Оваа во којашто сме сега беше сала за состаноци, но поради тоа што во мојата канцеларија немав услови за работа, ја адаптиравме за да можам да работам. Тука судам предмети со помалку странки, но со појавата на пандемијата, сите тројца судии судиме во двете судници кои ги имаме и кои се добро опремени“, вели судијката Буровска.
Раководството на овој Суд повеќепати барало пари од Судскиот совет за реновирање на зградата, но секогаш биле одбивани со образложение дека нема пари.
КАКО ДА СЕ ДЕЛИ ПРАВДА КОГА СИТЕ ГИ ПОЗНАВАШ
Во такви услови тројцата судии во овој суд минатата година успеале да решат 3.621 предмети, што е 93 отсто од бројот на вкупните новопримени предмети лани. Освен кадровските и просторните, судијката Буровска раскажува дека нема други проблеми и покрај тоа што речиси сите светиниколчани на кои им дели правда лично ги познава.
„Јас сум и кривичен судија, и судија за прекршоци и судија за извршување санкции, ги потпишувам уверенијата од казнена кривична евиденција, кај мене се и договорите за доживотна издршка. Порано, кога работевме по стариот закон, бев и истражен судија. Сето ова во поголемите судови го работат посебни судии. На нас тројцата судии ни помагаат тројца стручни соработници и дактилографи и со натчовечките напори кои сите ги вложуваме, успеваме да ги завршиме сите предмети. Една странка, која имаше прекршочен, а потоа и кривичен предмет кај мене, ми рече: ’Судијке, вие како да сте ми матичен судија‘. Таква е сликата во нашиот суд“, вели судијката Буровска.
Колку е поголем градот, толку се поголеми проблемите. Велес е еден од примерите.
„По 13 години работа како судија, не можам да влезам во сите кафеани и барови, во сите бутици, бидејќи голем дел од сопствениците ми влегле во судница и, на некој начин, излегле незадоволни“, раскажува судијката Габриела Гајдова од Основниот суд во Велес.
Кај некои во процесите има гнев, кај други некаков вид благодарност. Пред неколку години ѝ го запалиле автомобилот, но го спомнува и случајот кога осуденик дошол пред нејзината куќа за да ѝ изрази благодарност за пресудата која му ја изрекла. И во едниот и во другиот случај се исплашила, но вели дека не потклекнала оти знаела што би можело да ја очекува кога ја прифатила оваа работа. Таа посебно го споменува случајот со поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски.
„Се бориш сам со себе. Или одлуката ќе ти биде како што треба, со ризик да изгубиш познајник, или ќе бидеш лош судија. Јас го судев предметот за поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд Владимир Панчевски. Тој ми е генерација на факултет, сме се дружеле, заедно сме оделе на семинари. Јас апсолутно не бев оптоварена со тоа, но човекот гледаше со недоверба и бараше изземање. Практиката на Судот за човекови права во Стразбур вели дека секој има право на судење пред независен и непристрасен суд, без разлика дали е тоа во мал или голем град“, објаснува судијката Гајдова.
Нејзиниот суд кој има проширена надлежност, лани решил 13.540 предмети, или 124 повеќе од оние кои ги примил истата година. Гајдова е дел од тимот од 16 судии кои работат во зградата што ја делат заедно со Основното јавно обвинителство и Државното правобранителство. Решените предмети покажуваат дека во овој Суд нема недостиг на судии. Но, велешкиот суд е еден од ретките кој е добро екипиран. Во останатите помали судови во земјава, драматичниот недостиг на судии се заканува да го наруши принципот на независност и непристрасност при правораздавањето.
Еден од судовите каде има недостиг на судии е и оној во Кавадарци. Иако пред извесно време стана суд со проширена надлежност, бројот на судии е драматично мал, предупредува претседателот Лазар Нанев.
„Ваквата состојба е неиздржлива и со оглед на очекуваниот прилив на предмети во 2021 година, доколку не се изврши избор или делегирање на најмалку двајца судии, се доведува во прашање севкупното работење и функционирање на судот и од ефикасен и ажурен суд, тој ќе биде административно доведен да биде неажурен и неефикасен поради загрижувачки малиот број судии“, напиша претседателот Нанев во извештајот испратен до Судскиот совет за работата на судот во 2020 година.
АЛАРМАНТЕН НЕДОСТИГ ОД СУДИИ
Од Советот признаваат за алармантната состојба со недостиг на судии во помалите судови во земјава. Неодамнешниот прв човек на Советот, Киро Здравев, ни изјави дека мора да се менува принципот на примање кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители.
„Во Македонија, согласно одлуките на Судскиот совет, треба да функционираат 639 судии, а во моментов се 506. Недостиг на судии има во цела држава, но проблемот е најевидентен во помалите судови. Во Основниот суд во Берово нема ниту еден судија. Делегиравме еден од Основниот суд Штип и од Основниот суд Струмица. Иста е состојбата во основните судови во Делчево, Виница и Крушево. Неопходно е во Законот за академија на судии и јавни обвинители да се предвиди територијалниот принцип по апелациски подрачја при уписот на Академија“, вели Киро Здравев.
Иако смета дека во помалите судови многу побрзо се добива правото, бидејќи побрзо се преземаат дејства, претседателката на Основниот суд во Велес Лидија Димова нагласува дека во поголемите судови, особено оние во Скопје, побрзо се прави кариера. Затоа и судиите од внатрешноста на земјава, кои ја завршуваат Академијата за судии и јавни обвинители, не се пријавуваат да се менторираат во судовите во своите градови, туку често тоа го прават или во Скопје или во најблискиот поголем суд.
„Предрасудите и стереотипите се чести пречки за судиите од малите судови, но колку тие ќе влијаат врз нив, зависи од самиот судија. Секаде во светот судиите се соочуваат со овие проблеми, но е многу поодговорно да бидеш судија во мал град, а да го сочуваш интегритетот“, смета претседателката на велешкиот суд, Лидија Димова.
„Судијата е судија 24 часа, независно дали работи во мал или во голем суд. Битно е функцијата да ја врши совесно, професионално и со интегритет“, одговара Киро Здравев.
Во земјава судија се станува откако кандидатот успешно ќе ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители. Но, за да се запише на Академијата, кандидатот претходно мора да има положено правосуден испит и да има најмалку две години работно искуство на правни работи. Но, во помалите судови во земјава не се дефицитарни само судиите. Во сите од нив недостигаат и стручни соработници, дактилографи, курири, па дури и технички персонал, како хаус-мајстори и хигиеничари.
Иако малиот Основен суд Радовиш има солидни услови за работа, добро опремени судници и пристојна зграда, недостигот од вработени влијае врз работата на судот.
„Ми недостига возач, хаус-мајстор, еден технички секретар, ми недостигаат уписничари во одделението, ми недостигаат работници во приемно одделение. Сето тоа влијае на работењето. По подолго време барање, Судскиот совет ни дозволи да вработиме двајца дактилографи на определено време. Јас го менаџирам судот, но ако нема тимска работа, сама не можам ништо“, вели Лила Цветаноска, претседателка на Основниот суд Радовиш.
Илустрација за тоа се и 5.337 решени предмети лани, кога ефикасноста на Судот во Радовиш била речиси 96 отсто. Дека судиите во помалите места се многу пооптоварени од оние во поголемите, покажува и фактот што еден судија во радовишкиот Суд лани во просек решил 1.334 предмети. Сличен просек имаат и судиите во Свети Николе и Кавадарци, наспроти оние во Велес, каде што еден судија во 2020 година во просек решил 846 предмети.
Тимската работа во помалите судови е клучна за надополнување на тешкотиите од немањето кадар. Со добра организација, но и ангажман надвор од работното време, вработените од Основниот суд во Кавадарци успеваат да си ја олеснат работата. Овој суд е единствениот во земјава кој со странките кореспондира само по електронски пат. Тоа значи дека доколку сакате да извадите некакво судско уверение, тоа ќе го сторите електронски за само еден ден. На интерниот електронски систем се поврзани речиси сите правни субјекти во Кавадарци. Ова овозможува на судските шалтери да нема турканици, посебно во време на коронакризата.
ДИГИТАЛНИОТ ПРИМЕР ОД КАВАДАРЦИ
Иако судската зграда е стара, внатрешноста е реновирана, а за тоа судот потрошил сопствени пари, откако успеал да наплати голем дел од таксите кои подолг период не биле наплатени. Сега, додека чекате во ходникот пред судниците, на голем екран и преку четири камери, можете да следите што се случува во судниците. Во судот има и просторија за јавност, опремена со монитори, на која можат да се следат сите судења кои се во тек. Судот во Кавадарци е и првиот во земјава кој организираше онлајн судење, а прв во светот кој успеа да ја прилагоди платформата „Мајкрософт тимс“ за онлајн судења.
„Освен Основниот суд во Кавадарци, ниту еден друг суд во светот досега не ја користел оваа алатка на ’Мајкрософт‘ за онлајн судење. Идејата за ова ми дојде кога како вонреден професор на Правниот факуптет во Штип оваа алатка ја користев за предавања за студентите. За потребите на судењето ја прилагодив, ја искористив и го одржавме судењето. Овие платформи се следат од нивните производители, а ’Мајкрософт‘ е огромна глобална компанија, па два дена по одржувањето на судењето, оттаму добив мејл, во кој ни се заблагодарија оти за прв пат некој суд во светот ја користел оваа платформа за судење. Тие воопшто не се надевале дека оваа платформа, наменета за образование, може да се прилагоди за судење. Како награда, ’Мајкрософт‘ ни даде 60 лиценцирани софтвери за сите наши компјутери“, вели претседателот на судот Лазар Нанев, кој воедно е и претседател на Комисијата за дигитализација при Министерството за правда.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, признава дека токму овој случај ги инспирирал да влезат во проект за дигитализација на судството.
„Ова беше мотив да се отвориме за новите технологии во судството, за нови можности и законски претпоставки, кои ќе овозможат побрза и поефикасна правда во денешни услови. Ние сме отворени за соработка и со ’Мајкрософт‘, а веќе соработуваме со Американската амбасада во Скопје, работиме на креирање и на еден софтвер за интероперабилност на сите институции коишто се дел од правосудниот систем. За многу краток рок ќе успееме да направиме многу видлив напредок“, рече министерот Маричиќ.
Кавадаречкиот суд има најмал пад на бројот на предмети во пандемската 2020 година, наспроти годината претходно, кој изнесува 10 проценти. Во Велес Основниот суд примил 20 отсто помалку, во Свети Николе падот е 25 отсто, а Основниот суд во Радовиш добил дури 35 отсто помалку предмети во однос на 2019 година. Ова, меѓу другото, се должи и на високиот степен на користење информатичка технологија во Основниот суд во Кавадарци. Нанев вели дека пред него лично, но и пред македонското правосудство е огромен предизвик наскоро да се реализира проект со кој ќе нема суд во земјава кој нема да биде дигитализиран.
Паркингот пред Основниот суд во Свети Николе е полупразен, откако по едночасовен престој таму ја напуштаме оваа зграда. Малиот суд, со само тројца судии и десетина други административци ја продолжуваат својата битка – да ја исполни зацртаната норма на решени предмети, без разлика на условите во судот. Но, дел од вработените веќе се приближуваат кон годините за пензија, а надлежните тешко одобруваат нивна замена. Вложувањата во реновирани згради и информатичка технологија ќе бидат залудни, ако нема кој да работи во нив и со нив.
***
Сторијата е изработена во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“.
—————————————————
8 јуни 2021