Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

АВТОРИ ЏОРЏ СОРОС И ЕРИК БЕНИХОКЕР

Катастрофалниот колапс во врабоеноста во САД поради кризата со коронавирус бара многу повеќе напори од федералната власт.

Речиси 17 милиони Американци поднеле барање за невработеност во период од само три недели што завршуваат на 4 април. Анализата на истражувачкиот центар INET Oxford  предвидува дека без итна реакција, 24% од работните места во САД би останале празни во наредните недели – споредено со само 3,3% за време на рецесијата во 2007-2009. Овој вид загуба на работа би бил еднаков на најлошите години на Големата Депресија и би значело дека повеќе од 37 милиони Американци остануваат без работа. Влијанието најмногу ќе биде почувствувано од работниците со ниски приходи.

Сè додека не биде безбедно луѓето да се вратат на работа, целта мора да биде одржување на економијата во еден таканаречен „режим на спиење“. За ова ќе биде потребно да се задржат недопрени бизнисите и работниците и да бидат подготвени да се „разбудат“ и да се вратат на работа кога ќе помине здравствената криза, со цел да се постигне силно закрепнување. Како? Федералната влада мора веднаш да ги загарантира платите на сите Американци за времетраењето на кризата.

Другите земји го сторија токму тоа. Германија, Франција, Данска, Ирска, Холандија, Велика Британија и Австралија обезбедуваат директно финансирање на работодавците за да ги покриваат платите на работниците и да ги задржат работниците на своите работни места за време на изолацијата.

Историјата покажала дека оваа стратегија функционира. Благодарение на програмата „Kurzarbeit“ во Германија невработеноста всушност се намали од 7,9% на 7% за време на Големата рецесија, додека просечната невработеност во другите поголеми развиени економии се зголеми за 3%. Како резултат, германската економија закрепна побрзо од оние на многу други земји.

Американскиот Конгрес презеде чекор во вистинската насока со Актот за ГРИЖА (CARES Act) тежок 2-трилиони американски долари, што неодамна беше усвоен. Со новиот акт се утврдува програма за заем за да се гарантира платниот список на бизниси со помалку од 500 вработени. Но, за жал, финансирањето наменето за програмата беше премало, а испораката на средствата – со заеми преку банки – се докажува како премногу бирократска и бавна. Исто така, помошта на други програми предвидена во Актот за ГРИЖА и активности од страна на федералните резерви се премногу индиректни и работат многу бавно за да можат го запрат бранот на невработеност. Ни треба акција што е побрза, подиректна и со поголем обем.

Претставничката Прамила Џејапал (Pramila Jayapal (D-Wash.)) и некои нејзини колеги во Претставничкиот дом предложија усвојување на „Акт за гаранција на платата“ ( “Paycheck Guarantee Act” ) што би ги поддржал работниците на сите работодавци. Од суштинско значење е со заштитата да се опфатат сите 152 милиони американски работници, а не само 60 милиони кои работат во малите бизниси. Исто така, оваа заштита мора да ги опфати и профитните и непрофитните организации.

Предлогот на овој Дом ќе покрие плати до 100.000 американски долари по вработен и има одредби кои ќе ги охрабрат фирмите повторно брзо да ги ангажираат вработените отпуштени од 1 март. Од клучно значење би било и покривањето на здравствената заштита, бидејќи 160 милиони работници и членовите на нивните семејства во моментов се потпираат на здравственото осигурување од работодавецот.

Уште поважно, предлогот наведува начини како оваа витална поддршка може да се дистрибуира до компаниите брзо, директно и електронски, наместо преку банки и бирократија. Конечно, предлогот има одредби за да се осигура дека поддршката е всушност искористена за покривање на платите на работниците во компаниите кои инаку би биле принудени да отпуштаат работници. Ова ќе ги спречи големите компании на кои не им требаат средствата да пристапт до програмата и, исто така, ќе спречат различни видови на злоупотреби забележани за време на доделување на финансиски средства во 2008 година, на пример, преку користење на средства на даночните обврзници за бонуси на извршните директори или за откупни акции.

Ваквата економска гаранција сигурно ќе биде скапа –  INET Oxford проценува околу 115 милијарди долари месечно. Но, ова спаѓа во опсегот на други мерки преземени во Актот за ГРИЖА и веројатно ќе биде една од најефикасните употреби на фискалната политика.

Додека Актот за ГРИЖА предвидува значително поголемо осигурување за невработеноста, многу е подобро парите да се трошат за да се задржат луѓето вработени. Масовната невработеност ќе создаде огромни фрикции при рестартирањето на економијата – фирмите ќе бидат претпазливи при повторното вработување, а потрошувачите ќе бидат претпазливи во трошењето, создавајќи потенцијал за долга, пролонгирана депресија. Сите средства потрошени за зачувување на платите на работниците и здравствената заштита сега, ќе заштедат пари што во спротивно ќе треба да бидат потрошени за бенефиции при невработеност и јавна здравствена заштита подоцна.

Иако ништо не е едноставно во изборна година, доколку има еден предлог што треба да добие двопартиска поддршка е овој. Сенаторот на ГОП Џош Холи од Мисури самостојно предложи гаранција за платата слична на онаа што ја донесе Конзервативната влада во Обединетото Кралство. За Демократите е клучна заштитата на приходите на работниците и здравствената заштита, особено за работниците со пониски приходи. Исто така, Републиканците знаат дека бизнисите очајно сакаат да ги задржат своите вработени и да бидат подготвени за брзо рестартирање на економијата. И, додека зголемувањето на бенефициите за невработеност во Актот за ГРИЖА беше апсолутно неопходно, обете страни знаат дека работниците повеќе би сакале да примат плата отколку бенефиции како невработени.

Конгресот и администрацијата мораат веднаш да дејствуваат за да го спречат катастрофалниот колапс на вработеноста што е во тек. Актот за гаранција на плата е толку итен и корисен што треба да биде ставен како прв закон на листата за усвојување од страна на Домот и да не се одложува да се чека друг голем пакет за спасување. Некои лица што би гласале против ова велат дека е веќе предоцна. Ова не е точно, но ако се одложи поради чекање на нов сеопфатен закон, тогаш навистина ќе биде предоцна.

На крајот, вирусот ќе биде ставен под контрола, но сѐ додека од американците се бара „да се заштитат дома“, ние исто така мора да ги заштитиме нивните работни места.

13 АПРИЛ 2020

Извор: LA Times

Фотографија: Во Холивуд, како и во другите градови низ САД, улиците се главно празни, а бизнисите се затвораат за време на пандемијата. Важно бизнисите да ги одржите во таканаречен „режим на спиење“, а не да ги оставате да умрат.

(Џејсон Армонд / Лос Анџелес Тајмс)

—————————————————

21 април 2020