Милијардерскиот филантроп одвојува 37 милиони долари од овие средства за програми за помош на групите население изложени на ризик во Градот Њујорк.
Од Шејн Голдмахер
- 16 април 2020 година
Преку неговата фондација, милијардерскиот филантроп и либерален финансиер Џорџ Сорос одвојува 130 милиони долари за борба против ефектите од коронавирусот, од кои 37 милиони долари се наменети за помош на групите население изложени на ризик во Градот Њујорк, вклучително и за недокументирани семејства и ниско-платени работници.
Организацијата на г. Сорос, т.е. Фондациите Отворено општество, доделува два огромни гранта на непрофитни организации поврзани со властите на Градот Њујорк, кој е епицентарот на епидемијата на коронавирусот во САД, со повеќе од 10.000 смртни случаи поради вирусот.
Првиот грант ќе обезбеди 20 милиони долари за формирање Програма за кризна помош на имигрантите во партнерство со градските власти и е наменет за директна еднократна парична исплата на најмногу 20.000 имигрантски семејства кои се исклучени од федералната програма за помош, вклучително и за недокументирани лица. Поединците ќе добијат по 400 долари, а семејствата по 1.000 долари.
Со овие средства ќе управува непрофитна организација, односно Фондот на градоначалникот за унапредување на Градот Њујорк и Градската управа за имигрантски прашања.
„Во овој момент, ние мора да ја разбереме човечката цена на оваа криза и да пренасочиме дел од нашите инвестиции за директна хуманитарна поддршка“, изјави во интервју Патрик Гаспар, претседателот на Фондациите Отворено општество.
Фондацијата доделува и 15 милиони долари на непрофитната организација Фонд на Градот Њујорк за јавни училишта како поддршка на неговите заложби, што вклучуваат иницијативи за учење од далечина и центри за згрижување деца на работници кои се на првите борбени линии против кризата. Дополнителни 2 милиони долари финансиска помош се наменети за грантови со кои поддржат бездомниците и заложбите за намалување на затворската популација, меѓу кои вирусот агресивно се шири.
Г. Гаспар ги опиша овие 130 милиони долари како „почетна инвестиција“ на фондацијата.
Околу половина од вкупната сума се наменети за САД, а половина за другите земји. Фондацијата доделува и 12 милиони долари на фондови за олеснување на последниците во Атланта, Чикаго, Лос Анџелес, Филаделфија и Вашингтон.
Исто така, фондацијата доделува 2 милиони долари на Коронавирус фондот при Национална алијанса на работници во домаќинства, која ги поддржува работниците во домаќинствата чиишто работни места исчезнаа. Дополнителни 2,8 милиони долари одат како инвестицијата на фондацијата во платформата што Алијансата ја користи за да помогне во поврзување на обезбедувачите на услуги со привремени работници кои инаку би можеле да останат надвор од мерките за помош.
„Самиот опфат на пандемијата ги изнесе на виделина поделбите и неправдите во нашиот свет“, рече г. Сорос во една изјава. „По финансиската криза во 2008 година, ја пропуштивме можноста да создадеме поправедна економија и да обезбедиме социјална безбедносна мрежа за работниците кои се основата на нашите општества.“
„Денес мора да ја смениме насоката и да се запрашаме каков свет ќе произлезе од оваа катастрофа и што ние може да направиме за тој да биде подобар.“
Г. Сорос се приклучува на голем број филантропи ширум светот кои почнаа да донираат средства за каузи поврзани со олеснување кризата со коронавирусот. Џеф Безос, основачот на Амазон, изјави дека ќе додели 100 милиони долари на американските банки за храна.
Џек Дорси, генералниот извршен директор и коосновач на Твитер, изјави дека одвојува 1 милијарда долари за добротворни цели, од кои досега се исплатени 7 милиони долари на каузи поврзани со коронавирусот.
Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс ја зголеми својата донација на 250 милиони долари за различни каузи, вклучително и за истражувања за вакцина против коронавирусот и помош за земјите во Африка и Јужна Азија.
Дел од 130-те милиони долари од фондацијата на г. Сорос одат за каузи кои милијардерот и претходно ги поддржувал и предводел, вклучително и 9 милиони долари за борба против „задолжителен затворски и полициски притвор насекаде во светот“, повикувајќи се на ранливоста на притворените групи население на оваа болест.
Г. Гаспар признава дека последните донации се во рамки на политиките што фондацијата ги поддржува веќе подолго време. „Силен фокус ќе биде ставен на системските реформи“, рече тој, како што е борбата за намалување на стапката на затвореници.
„Во моментов, одредени режими во светот го искористуваат коронавирусот на начин кој ја попречуваат демократијата и слободното изразување,“ рече г. Гаспар, додавајќи дека средствата ќе се користат за борба против ваквите заложби.
Извор: The New York Times
*Шејн Голдмахер е известувач за националната политика и претходно беше главен политички дописник за Metro Desk. Пред да му се приклучи на The Times, работел за Politico, каде покривал теми поврзани со националната политика на републиканците и претседателската кампања во 2016 година. @ShaneGoldmacher
Фотографија: Во една изјава, Џорџ Сорос рече дека пандемијата „ги изнесе на виделина сите поделби и неправди во нашиот свет“. Автор: Lisi Niesner/Reuters
—————————————————
22 април 2020