Кога документите за идентификација не го отсликуваат родот кој го живее транс лицето – утврдениот род на лицето – овие документи честопати се одбиени како доказ за идентитет. Ова ги спречува транс луѓето да учествуваат во основните аспекти од секојдневниот живот како запишување во училиште, пристап до здравствена заштита, добивање работа, отворање сметка во банка, патување или гласање.
Истовремено, неточната идентификација може да доведе до „отфрлање“ на транс луѓето – што резултира со дискриминација и злоупотреба или состојба на длабока повреденост заради тоа што нечиј утврден род не се прифаќа.
Што значи зборот „транс“?
Транс се однесува на луѓето кои не се идентификуваат со полот кој им бил одреден при раѓање. Тој може да опфаќа термини како трансроден, транссексуален, трансвестит, родов-квир – секој кој не се согласува со нормите за машко или женско.
Што е законско признавање на род и зошто е важно?
Сите официјални форми на идентификација низ целиот свет – изводи од матичната книга на родени, пасоши, лични карти и возачки дозволи – го отсликуваат полот кој ни е одреден при раѓање освен ако тие се преиначени.
Законското признавање на родот е институционална потврда за родот кој го живее лицето како и неговото одбрано име кое стои во документите за идентификација. Овие документи, издадени од државата, често се потребни заради ажурирање различни документи како на пример, банкарска документација или образовни сертификати.
Што ги спречува луѓето да ги сменат овие документи?
Голем дел од транс луѓето во светот не може да добијат официјални документи кои соодветствуваат со нивниот родов идентитет или одбрано име бидејќи во нивните земји нема јасни правни постапки за тоа.
За малкумината кои можат, процесот на официјална промена на пол и име честопати вклучува безочни и непотребни барања. Таквите може да се:
- психијатриска дијагноза или сместување во психијатриска институција;
- третмани како хормонална терапија, присилна стерилизација или операција за преодредување на полот;
- развод, ако лицето е во брак со лице од спротивен пол;
- барање лицето да е бездетно.
Овие процеси честопати се премногу комплицирани, скапи, бавни или се предмет на индивидуални одлуки на државните службеници отколку на јасни и транспарентни правила.
Што е погрешно со барањето медицинска дијагноза или третман пред промената на родот да биде официјална?
Секој треба да има можност за слободен пристап до здравствена заштита која ќе помогне во подобрување на здравјето и благосостојбата. Некои транс луѓе одбираат да бараат медицински третмани како хормонална терапија, советување, операции за потврда на полот кои им помагаат во транзицијата од еден род во друг, но некои не сакаат да поминуваат низ тоа.
Барањето, лицето да биде медицински дијагностицирано како „трансродово“ или дека има „родово-идентитетско пореметување“ или да подлежи на медицински третмани пред да ги промени своите официјални документи, неосновано ги става здравствените работници во позиција на чувари на фундаменталните права. Оваа ситуација создава неизбалансиран однос помеѓу пациентот и медицинското лице, со што, за транс луѓето станува потешко да пристапат до соодветна здравствена заштита која одговара на нивните индивидуални потреби.
Како Фондациите Отворено општество промовираат еднаква правна признаеност за транс луѓето?
Транс активистите и нивните сојузници и партнери се борат за права на транс луѓето преку воведување или менување на националните закони или регулативи. Фондациите Отворено општество обезбедуваат финансиска поддршка за организации водени од транс луѓе или ЛГБТ организации кои промовираат прогресивни процеси за правно признавање на родот, како што се:
- Transgender Europe, мрежа на европски транс-организации кои се залагаат да го зголемат нивото на свесност на донесувачите на одлуки и на јавноста за влијанието кое го има правното препознавање на родот врз животот на транс-луѓето
- Transgender Education & Advocacy, организација од Кенија која се залага судовите во Кенија да дозволат промена на името и родот во документите за идентификација – пасош, лична карта, академски сертификати
- Transgender Equality Network Ireland, која ја повикува Ирската влада да креира прогресивни национални закони за препознавање на родот
- Insight, Украинска организација која работи заедно со министерски тела како што се Канцеларијата на Омбудсманот, но и со други сојузници од граѓанското општество, на реформата на драконскиот процес на промена на името и родот во Украина – процес кој вклучува 30-45 дневна психијатриска проценка од затворен тип.
- Стратешко правно застапување пред Европскиот суд за човекови права преку повеќе регионални и национални граѓански организации како што е хрватската ЛГБТ организација – Kontra, и македонската Коалиција МАРГИНИ – да помогнат во креирањето обврска за европските земји за обезбедување процеси на правно признавање на родот, согласно Европската конвенција за човекови права.
Како Фондацијата Отворено општество – Македонија дава поддршка за транс луѓето во Македонија?
Ние во Фондацијата Отворено општество – Македонија сметаме дека родовиот идентитет е фундаментален аспект на приватниот живот, правното признавање на истиот ги прави трансродовите луѓе видливи, препознаени и прифатени во општеството. Затоа, обезбедуваме финансиска поддршка за организации кои промовираат прогресивни процеси за правно признавање на родот, како што е Коалицијата МАРГИНИ, организација која работи на стратешко правно застапување за транс-лица како и на подобрувањето на статусот на транс-луѓето во Македонија кои се една од најмаргинализираните група на граѓани. Целта на оваа поддршка е да се овозможи простор и обврска за институциите да креираат процеси со кои законски ќе се признае на родот на транс лицата, согласно Европската конвенција за човекови права.
Со помош на Коалиција МАРГИНИ, во јануари 2019 г., трансродовото Лице Х во Судот во Стразбур во случајот „Х против Македонија“ доби позитивна пресуда согласно која Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.
Извор: Фондации Отворено општество: https://www.opensocietyfoundations.org/explainers/essential-legal-right-trans-people
—————————————————
28 мај 2019