Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Традиционалниот настан Speech4Teach, кој годинава е на тема „Социјална правда за квалитетно образование“, Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ – Македонија го реализира како дел од проектот „Образование на помалите етнички заедници“ финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија.

На настанот преку инспиративните говори на говорниците, ќе се отворат прашања за еднаквите можности во нашето образование, ќе се подигне јавната свест за потребата за присутност на социјалната правда во секое наше училиште, но и ќе се поттикне преосмислување на досегашните идеи за важноста од социјалната правда за квалитетот на образованието.

Настанот ќе се одржи во четврток 19 декември, 2019, со почеток во 12:00 часот, во големата сала на Киното Фросина во Младинскиот Културен Центар – Скопје, а своето лично односно професионално искуство на релевантни, интригантни и инспиративни теми за предизвиците во образованието на помалите етнички заедници ќе го споделат:

Марк Гинзберг – декан на Колеџот за образование и човечки развој при Универзитетот Џорџ Мејсон од Ферфакс, Вирџинија, САД

Мери Бошковска – детски психијатар

Жаклина Дурмиш – Центар за образовна поддршка „Дендо вас“

Синиша Саздовски – наставник во О.У. Браќа Рибар – Табановце

Ема Ананиевска – пијанистка

Изета Бабачиќ – наставник во О.У. Дитурија – с. Љубин, Сарај

Бекир Хусеинов – наставник во О.У. Страшо Пинџур – Карбинци

 

АГЕНДА

 

ЗА ПРОЕКТОТ

Фондацијата Отворено Општество – Македонија (ФООМ) го спроведува проектот „Образование на помалите етнички заедници“ во партнерство со  Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор”- Македонија и Управата за развој на образованието на јазиците на малите етнички заедници и Бирото за развој на образованието.

Проектот поаѓа од заложбите за активно граѓанство и социјална кохезија како предуслови за градење демократско општество и се потпира на убедувањето дека инвестирањето во квалитетно образование за сите е најефикасен начин да се стигне до таму. Образованието претставува клучен промотор на социјалната кохезија, а училиштата како природни средини во која етничките, културните и јазичните различности се разбираат, промовираат и вреднуваат како предност, места  каде  сите ученици треба да се чувствуваат добредојдени и да имаат можност да ги постигнат своите целосни потенцијали за учество, учење и напредување.