Обуката „Образование за социјална правда“ има за цел да им помогне на наставниците да ја разберат важноста од почитување на различноста меѓу луѓето, да се запознаат со психо-социјалната основа за создавање на предрасуди и стереотипи, што значи дискриминација и што треба да се преземе за да се надминат овие појави, а е организирана во три целини – именување, огласување и градење сојузништва. Обуката се одржа од 18 до 24 август 2019 година, во хотелот Метропол во Охрид, а на истата присуствуваа 124 наставници од 10 основни училишта со настава на македонски, турски, српски или босански јазик.
Oбуката е реализирана во рамки на концептот Образование на помалите етнички заедници кој Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) го спроведува во партнерство со Фондацијата за образовни и културни инцијативи „Чекор по чекор“ („Чекор по чекор“) и во соработка со Управата за унапредување на образованието на заедниците. Со почетокот на учебната година, ФООМ и „Чекор по чекор“ ќе им помогнат на училиштата да воспостават „Заедници за учење“ преку кои ќе се овозможи меѓусебна соработка, учење и решавање на конкретни предизвици идентификувани од наученото од одржаните обуки во јуни и во август, а со цел унапредување на квалитетот на образованието.