Лажните вести се веќе дел од нашето секојдневие, а потребата од медиумска писменост е веќе огромна. Со медиумската писменост се овозможува институциите да бидат транспарентни и отчетни што е неопходно за развој на демократијата. Граѓаните треба и мора да се медиумски писмени, тоа ќе е нивната алатка во борбата против лажните вести, но и ќе овозможи простор за плодна дебата, различи мислења, и секако е алатка со која ќе се негува критичката мисла. Младите како особено важна целна група, немаат вештини и знаење како да препознаат лажни вести или пак да направат проверка на податоци, ниту пак постои едукација која ќе им помогне во процесот. Во оваа смисла особено е важно медиумската писменост да влезе како дел официјалниот образовен процес во училиштата.
Реформите во медиумите во Македонија се движат бавно, голем дел од процесите се започнати, но застанати, медиумите функционираат во тешки услови, многу често квалитетот на новинарското известување не е на завидно ниво, што дополнително го оневозможува процесот на медиумска писменост.
Во време на брз технолошки развој и дигитализација, особено важна тема за разговор е и влијанието на новите технологии врз работата на институциите и пронаоѓање решенија за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат институциите и граѓаните. Дигитализацијата има потенцијал да ја намали корупцијата бидејќи го намалува човечкото влијание во процесот на комуникација на граѓаните со институциите, но самата дигитализацијата не е решение за сите проблеми, паралелно треба да се поттикнува културата на отворено и демократско општество. Потребен е сеопфатен пристап во кој ќе се инсистира на зголемување на медиумска писменост, ефикасност, транспарентност и отчетност на институциите а со тоа и зголемување на довербата во институциите.
Сите овие прашања и предизвици пред македонското општество ќе се разгледуваат на конференцијата „е-Општество.мк“ која годинава се одржува по 14-ти пат, а е со тема „Медиумски писмени граѓани за отчетни институции“.
Говорници:
Самуел Жбогар, Амбасадор на ЕУ во Македонија
Фани Каранфилова Пановска, Извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија
Дамјан Манчевски, Министер за информатичко општество и администрација,
Роберт Поповски, Министер задолжен за транспарентност, отчетност и комуникација,
Бардил Јашари, Извршен директор на Фондацијата Метаморфозис
Зоран Андоновски, Главен и одговорен уредник на „Мета“
Зоран Трајчевски, Директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Македонија
Дејан Георгиевски, Центарот за развој на медиуми.
Филип Стојановски, Програмски директор на „Метаморфозис”
Весна Никодиновска, Македонскиот институт за медиуми
Бојан Шашевски Младински образовен форум
Марина Димитриева –Ѓорѓиевска, Биро за развој на образованието