Граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари, а јавните пари, односно буџетот со кој располага државата и како тие се трошат е особено важно прашање во едно демократско општество. Трошењето на јавните пари ни покажува како всушност државата гледа на и како решава важни прашања како што се образованието, здравството, социјалната заштита итн. Затоа е и важно да се следи како се располага со државниот буџет и дали парите наменети за одредени групи на луѓе навистина одат во вистинските раце.
Следењето воедно помага да се утврдат системските проблеми при трошењето на јавните пари, со што се поставува основа за креирање на подобар и поефикасен систем од кој граѓаните ќе имаат поголеми придобивки. Затоа, за граѓанските организации е особено важно да го следат трошењето на јавните пари. Преку оваа алатка тие анализираат, детектираат проблеми и предлагаат решенија а со тоа ги држат властите одговорни за нивните одлуки и инсистираат на поголеми придобивки за граѓаните.