Фондацијата Отворено општество – Македонија верува дека инвестирањето во квалитетно инклузивно образование е предуслов за градење отворено демократско општество, и го гледа образованието како клучен промотор на социјалната кохезија, а училиштата како природни средини во која етничките, културните и јазичните различности се разбираат, промовираат и вреднуваат како предност, места каде сите ученици треба да се чувствуваат добредојдени и да имаат можност да ги постигнат своите максимум потенцијали за учество, учење и напредување.
Веруваме и дека наставниците се најважната алка во воспитно-образовниот процес – тие со своето знаење, компетенции но и со иновативната пракса и пристапи на работа придонесуваат за поттикнување на критичкото мислење, креативноста, примената на наученото и развојот на социјалните компетенции кај учениците. Учениците пак од друга страна, оние кои не се плашат да го кажат своето мислење и кои активно учествуваат во училишниот живот, се оние кои стануваат критички мислители и активни граѓани во општеството. Ние во ФООМ сметаме дека мислењето на учениците, како најважен чинител во образованието, е важно и треба да биде слушнато.
Кон крајот на 2018, Фондацијата објави два повика, за средношколци и за наставници. Повикот за средношколци беше на тема „Моето образование“ и имаше за цел да се слушнат мислењата на учениците за квалитетот на образованието како и нивните идеи за негово подобрување. Повикот за наставници пак, со наслов „Успешни наставници за добри наставни пракси“, имаше за цел да ја истакне важната улога на наставникот за развојот на целокупното општество и да се промовира наставничката професија како професија со голема одговорност за поттикнување соработка, соживот, разбирање и инклузија на ученици со различни можности, различно етничко, социоекономско, јазично и културно потекло.
На конкурсите учествуваа 39 средношколци и 112 наставници од цела Македонија, а беа наградени 11 трудови на средношколци и 9 наставници заедно со нивните училишта. Листите на добитници во двата конкурси можат да се најдат на следниве линкови:
– Наградени наставници и училишта
На настанот кој ќе се одржи на 8 февруари, петок, во City Hall, со почеток во 11.00 часот, ќе ја имаме честа лично да ги доделиме наградите на средношколците и наставниците добитници, и притоа и да им се заблагодариме за учеството и трудот, а особено за придонесот кој го даваат во развојот на образованието во Македонија.
Говорници:
Средношколци добитници на награди
Наставници добитници на награди
Фани Каранфилова-Пановска, Извршна директорка на ФООМ
Петар Атанасов, Заменик министер за образование и наука