Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Ни претставува огромно задоволство да ве поканиме на настанот по повод одбележувањето на 30-годишнината од постоењето и работата на Фондациите Отворено Општество (ФОО) на Балканот, кој ќе се осврне конкретно на присуството и активностите на ФОО во Северна Македонија, а е дел од настаните во рамки на одбележувањето на 30-годишниот јубилеј.

Одбележувањето на 30-годишниот јубилеј е тридецениска перспектива (1991–2021) на постоењето и работата на Фондациите Отворено општество (ФОО) на Балканот. Ги разгледува уникатните напори на филантропот Џорџ Сорос, неговите идеи и филозофија за отвореното општество, кои успеаја да опстојат низ бурните времиња од неодамнешната историја на регионот, и како идејата, всадена во регионот пред три децении, е сѐ уште главен двигател во борбата за слобода на изразувањето, отвореноста на општествата и за општества кои промовираат правда и еднаквост.

Одбележувањето на 30-годишниот јубилеј претставува одлична можност да се навратиме на регионот и неговите предизвици, постигнувања, тешкотии, неуспеси и политички и општествени случувања – неговото минато, сегашност и иднина – како и на регионална соработка меѓу сите национални фондации на Балканот и локалните партнери во Хрватска, Црна Гора и Словенија.

Од 22-ри април до 17-ти јуни 2021 година, одбележувањето на 30-годишниот јубилеј ќе патува виртуелно низ Балканот – од еден во друг главен град како дел оваа единствена tour de table виртуелна моментум турнеја.

Ве покануваме да ни се придружите на ова патување низ минатото до иднината!

Следната станица е Скопје, Северна Македонија и Фондацијата Отворено општество Македонија.

Настанот ќе се одржи во вторник, 18 мај 2021 година, со почеток во 16:00, на платформата ZOOM со пренос во живо на Facebook страницата на Фондација Отворено општество Македонија.

ПРОГРАМА

30 ГОДИНИ ПОСВЕТЕНИ НА ОТВОРЕНОТО ОПШТЕСТВО

ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) е основана во 1992 година, една година по прогласувањето на независноста на државата, и оттогаш е посветена на промовирање на вредностите на отвореното општество. За време на тридецениските премрежија и кризи низ кои поминува државата, ФООМ обезбедува постојана поддршка за Северна Македонија и нејзините граѓани и на тој начин придонесува за развој на целото општество. Фондацијата ги промовира владеењето на правото и доброто управување, борбата против корупцијата, развојот на граѓанското општество, слободата на изразување и медиумите, човековите права, младинската ангажираност, интеграцијата на Ромите, здравствените права и образованието на маргинализираните, и со тоа придонесува за создавање на поправедно општество за сите.

Ве покануваме да ни се придружите да го погледнеме заедно краткиот документарен филм „30 години ПОСВЕТЕНИ“ со што ќе се осврнеме на минатиот труд на Фондацијата Отворено општество – Македонија, а потоа да ја проследиме дебатата „Пост-КОВИД-19 реалност: Кој е патот до поправедно општество?“, која се надеваме ќе даде поглед кон иднината. Докажани млади луѓе ќе го споделат своето мислење за иднината на Северна Македонија и ќе понудат различни перспективи за можни одржливи стратегии за квалитативна трансформација кон подобро и поправедно општество. Во дебатата како панелисти ги поканивме: Дона Костуранова, програмска менаџерка, Фондација за демократија на Вестминстер; Марија Сулејманова, програмска менаџерка, Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико; Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска; Елида Зулбеари, новинарка, главна и одговорна уредничка на Portalb.mk; и Виктор Митевски, претседател на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ. Дебатата ќе ја модерира Огнен Јанески, новинар.

Целосната програма можете да ја најдете ОВДЕ

Ве молиме однапред да се регистрирате за онлајн настанот ОВДЕ

 

www.30yearsinitiative.com