Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram
Џорџ Сорос. Фотографија на: Дамон Винтер/Њујорк Тајмс

Едно облачно четврточно утро во Париз кон крајот на месец мај, Џорџ Сорос – вториот најомразен милијардер од Њујорк во светот (кој тежи многу повеќе милијарди од првиот) – имаше свое обраќање пред Европскиот совет за надворешни односи, организацијата чиешто основање самиот го помогнал пред една деценија. Претставен како „Европеец во срцето“, Сорос – кој е роден во Унгарија и го стекнал своето богатство управувајќи со хеџ фонд, а денес е филантроп со полно работно време, политички активист и независен државник – беше повикан на средбата да ги сподели своите размислувања како да се спаси Европската Унија.

Облечен во темен костум без вратоврска, со јаките од неговата сина кошула надвор од реверите на палтото, Сорос се качи на сцената со одлучен чекор на 87-годишник кој сè уште игра тенис неколку пати неделно. Сепак, организацијата направи неколку отстапки за неговата возраст. Говореше седнат и користеше столна ламба да го осветли текстот. (Да бидеме целосно искрени, конференциската сала во хотелот каде се одржуваше настанот беше морничаво темна). Со десната рака ги вртеше страници, додека левата му беше ставена врз коленото, како да се потпира да остане исправен. На моменти се чинеше дека ќе го се струполи од столчето, но тоа не се случи. 

Кога лично ќе го запознаете, Сорос има голем шарм и иронична смисла за хумор. Сепак, неговите дела – тој има објавено 14 книги – и неговите говори може да бидат помалку здрвени, а овој настан не беше исклучок. Тој едвај ја регистрираше публиката во која седеа српскиот претседател и албанскиот премиер, освен кога рече: „Мислам дека ова е вистинското место за дискусија како да се спаси Европа.“ Освен што упати апел до Европската Унија да испрати повеќе помош во Африка, за којашто смета дека ќе ја ублажи бегалската криза која, пак, доведе до последните политички пресврти во Европа, неговите белешки беа повеќе описни отколку инструктивни. Европската Унија, рече тој, се соочува со „егзистенцијална криза.“

Во кусиот осврт за економските изгледи на Европа тој рече: „Ние можеби се движиме кон уште една голема финансиска криза.“ Делумно како реакција на неговото предупредување, индустрискиот индекс ДАУ дента падна за речиси 400 поени. Сорос е генерално познат како најголемиот шпекулант од Волстрит, но и покрај фактот дека уште пред многу години престанал да управува со парите на другите, оваа реакција е приказ во реално време на неговата континуирана способност да ги движи пазарите. Во исто време, вниманието што му се дава на тој коментар на суптилен начин ја отсликува долготрајната фрустрација на неговиот живот: неговите финансиски размисли сè уште претендираат да имаат поголема тежина од неговите политички рефлексии.

Но токму во сферата на политиката Сорос го направил своето најсмело обложување. По падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, тој потрошил стотици милиони долари во земјите од поранешниот советски блок за промоција на граѓанското општество и либералната демократија. Тоа било еден вид Маршалов план за Источна Европа на еден човек, приватна иницијатива без преседан во историјата. Во исто време, тоа било коцкање дека делот од светот кој познава само тиранија ќе прифати идеи како што се отчетноста на власта и етничка толеранција. Во Лондон, за време на 50-те години, Сорос бил студент на емигрираниот австриски филозоф Карл Попер, кој го вовел поимот „отворено општество“ во кое преовладуваат индивидуалната слобода, плурализмот и потрагата по слобода. Концептот на Попер станал каузата на Сорос. 

Деновиве таа кауза е под опсада. Под власта на Владимир Путин, Русија повторно се враќа на автократијата, додека Полска и Унгарија се движат во иста насока. Со подемот на Доналд Трамп во САД, каде Сорос е најголемиот донатор на демократските кандидати и прогресивните групи, и со растечката сила на десничарските популистички партии во Западна Европа, визијата на Сорос за либерална демократија е загрозена на местата каде таа имала долготраен бастион. Одново се појавуваат национализам и племенско владеење, се креваат бариери и се зајакнуваат граници, а Сорос се соочува со можноста целта на која тој го посвети најголемиот дел од своето богатство и последното поглавје од својот живот да заврши со неуспех. И не само тоа: тој се наоѓа во непријатна позиција да биде дежурниот кривец на ваквиот анти-глобализациски удар, додека неговото еврејско потекло и кариерата во светот на финансиите го прават совршена фантазма за реакционерите ширум светот. „Јас се држам до принципите, без оглед дали победувам или губам“, ми рече Сорос пролетва. Но продолжи: „За жал, моментално губам на премногу места.“ 

Вечерта пред неговиот говор во Париз, имав вечера со Сорос во неговиот апартман во хотелот Бристол каде тој обично престојува – една од најелегантните адреси во градот, пригодно лоцирана на улицата погоре од Елисејската палата (иако за време на неговиот престој Сорос немаше планови за средба со францускиот претседател Емануел Макрон, кој го познава и на кого му се воодушевува). Асистент ме одведе до апартманот и ме внесе во трпезаријата каде Сорос веќе беше седнат на масата со сопругата Тамико (Сорос се женел три пати и има пет деца, но тука запираат сите сличности со Доналд Трамп). Иако веќе беше 8:30 навечер, тој се чинеше желен за разговор. Зборуваше бавно, со тврд унгарски акцент, движејќи ја свитканата дланка во полукруг како да ги повикува своите зборови. Додека зборувавме за време на предјадењето – салата од домати и авокадо – грмотевици го зафатија Париз и ги затресоа прозорците. Еден посебно злокобен гром удри токму кога зборувавме за Русија. „Тоа сигурно е Путин“, се пошегува друг асистент. Во 2015 година, Путин ја избрка филантропската организација на Сорос, Фондациите Отворено општество, од Русија тврдејќи дека таа е закана за безбедноста, а руските државни медиуми редовно се преплавени со анти-соросовски содржини. (На една недамнешна прес конференција заедно со Трамп во Хелсинки, Путин со презир зборуваше за Сорос.) 

Сорос во 1962 година, Волстрит аналитичар за европски хартии од вредност. Фотографија на: Џорџ Сорос

Париз беше првата дестинација на Сорос при неговата едномесечна пролетна тура во Европа. Обично тој ја посетува и Будимпешта, но не овој пат. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, поранешен штитеник на Сорос, извојува нова победа на изборите во април годинава водејќи кампања со која ефективно го прикажа Сорос како свој опонент. Орбан го обвини Сорос, кој е американски државјанин, дека заговара да ја преплави Унгарија со муслимански имигранти во обид да го поткопа нејзиното христијанско наследство. На своите настапи за време на кампањата, Орбан го напаѓаше Сорос, а неговата влада ја облепи земјата со анти-соросовски билборди. По изборите, ФОО најави дека ја затвора својата канцеларија во Будимпешта поради загриженост за безбедноста на нејзините вработени. Нејасна е и судбината на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, кој е исто така основан од Сорос.

Сорос вели дека поради сегашните околности тој не може да ја посети Унгарија: „Тоа би било токсично“, ми рече. Тој ми кажа дека кампањата на Орбан била „големо разочарување“, но брзо додаде: „Мислам дека мора да правам нешто исправно, кога ќе видам кои се моите непријатели.“ Минатата есен, тој покажа исто чувство на непокор кога објави дека е во процес на префрлување голем дел од неговото преостанато богатство на ФОО, вкупно 18 милијарди долари во тоа време. Со тие средства, ФОО потенцијално би станала втората најголема филантропска организација во САД од аспект на основни средства, веднаш по Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс. Неговата фондација е веќе широко распространета, со околу 1,800 вработени во вкупно 25 земји, глобален советодавен одбор, осум регионални одбори и 17 одбори за конкретни прашања. Со годишен буџет од околу 1 милијарда долари, фондацијата финансира проекти за образование, јавно здравје, независни медиуми, имиграциски прашања и реформа на кривичниот систем, и во други области. Грантистите на неговата фондација вклучуваат организации како Хјуман Рајтс Воч, Амнести Интернашнал, Американската унија за граѓански слободи и Планирано родителство. 

Иницијално, Сорос планирал да ја затвори ФОО во 2010 година. Не сакал таа да го надживее, бидејќи се плашел дека во такви околности фондацијата би ја изгубила нејзината динамичност и претприемачкиот дух. Но го сменил мислењето кога сфатил дека, како што вели, „Имав повеќе пари одошто можам реално или корисно да ги потрошам за време на мојот живот.“ Исто така, тој увидел дека поради ранливоста на либералните вредности и граѓанското општество на многу места во светот, работата на ФОО станува сè позначајна. „Јас основав мисија, посебна гранка на дејност, која чувствувам дека може да продолжи“, ми рече кога ја завршивме вечерата. 

Неколку минути подоцна пристигна неочекувано потсетување на со што тој и ФОО се соочуваат. Асистентот на Сорос и јас заедно се симнавме со лифт и само што стапнавме во лобито на хотелот се најдовме сред голема редица луѓе за пречек што се протегаше долж целата просторија. Тие беа наредени за да го пречекаат претседателот на Република Конго, Дени Сасу Нгесо, еден од африканските автократи со најдолг стаж. Следниот ден, неколку часа по обраќањето на Сорос пред Европскиот совет за надворешни работи, Розен Бар на Твитер објави серија постови кои служат како јасна демонстрација на она со што Сорос лично се соочува. Во својот твит, Бар напиша дека Сорос прави маневри во обид „да ја сруши уставната република во САД“. Освен тоа, таа тврди дека Сорос, кој го преживеал Холокаустот, всушност бил нацист. Доналд Трамп помладиот беше еден од оние што го ре-твитнаа овој нацистички подбив. 

Според Сорос,1944 била формативна година во неговиот живот. Нацистите ја окупирале Унгарија и веднаш почнале да ги депортираат Евреите. За да го спаси своето семејство, неговиот татко Тивдар Сорос, адвокат, набавил лажни лични документи за Џорџ, кој тогаш имал само 13 години, и за неговиот постар брат Пол. Еден ден на Џорџ му било наредено да достави покани во име на Еврејскиот совет. Тивдар, сфаќајќи дека тоа всушност се налози за депортација, му дал инструкции на синот да им каже на примателите да не ги земаат предвид наредбите. Набрзо потоа, Тивдар договорил Пол да се пресели во изнајмена соба и го испратил Џорџ да живее со унгарски земјоделски функционер, кој го претставувал како свое христијанско кумче. Работата на функционерот подразбирала правење попис на конфискуваниот имот од Евреите, и тој со себе го носел и Џорџ. Овие епизоди станаа основа за тврдењето дека Џорџ е соработник на нацистите, но фактички не постојат кредибилни докази дека тој соработувал со или бил симпатизер на нацистите. Џорџ, неговиот брат и неговите родители ја преживеале војната. Сорос вели дека тоа искуство му донело посилно чувство на непокор, омраза за племенското општество и склоност да застане во одбрана на потчинетите. 

Во 1946 година кога комунистите доаѓаат на власт во Унгарија, Сорос емигрирал во Англија. Таму се стекнал со диплома од Лондонската школа за економија каде Карл Попер бил професор. Во 1945 година, Попер го објавил политички трактат „Отвореното општество и неговите непријатели“, кој претставува жесток удар врз тоталитаризмот, и во фашистичка и во марксистичка смисла, и резонантна одбрана на либералната демократија. Сорос ја напуштил училницата на Попер не само со идејата која подоцна ќе ѝ вдахне живот на неговата филантропија, туку и со желба да живее живот на мислител. Сепак, прво морал да заработи пари. Кога се преселил во Њујорк во 1956 година за да работи на Волстрит, неговата цел, ми рече, било да заработи 100,000 долари за пет години, што би му овозможило да го напушти финансискиот свет и да се посвети на научна работа. Наместо тоа, како што духовито изјави за време на вечерата, „Јас постигнав повеќе.“ 

Во 1969 година, Сорос го формирал она што подоцна ќе стане Квантум фонд. Фондот бил дел од новата генерација инвестициски инструменти познати како хеџ фондови, кои им служеле на институционалните инвеститори и на богатите поединци и коишто ја користат предноста – позајмени пари – за да прават големи обложувања со акции, хартии од вредност, валути и други берзански стоки. Квантум бил невидено успешен од самиот почеток, испорачувајќи годишен поврат на средствата од 40 проценти. Подоцна, Сорос го припишал неговиот талент за манипулација на пазарите на она што тој го нарекува сопствена „теорија на рефлексивност“, што во суштина е идејата дека пристрасноста и перцепциите на луѓето може да ги движат цените во насоки што не се во линија со реалноста. Сорос тврди дека неговата сила како инвеститор била во препознавањето и дејствувањето според она што тој го нарекува „неурамнотежени“ моменти. (Неговиот најстар син Роберт има изјавено дека објаснувањето со „рефлексивноста“ е бесмислица и дека неговиот татко го сметал интензивирањето на болките во грбот како знак дека пазарот се подготвува за големо поместување.)

До крајот на 70-те години, Сорос веќе станал многу богат човек. Имал доволно средства да се направи себеси агент на историјата. Тој е многу искрен за неговата амбиција, но истовремено покажува и самопотценување. Како што напишал во својата книга од 1991 година „Финансирање на демократијата“: „Јас бев егоист со тапија, но сметав дека потрагата по сопствен интерес е премногу тесна основа за мојата прилично надуена самобендисаност. Ако треба да ја кажам вистината, уште од детството во себе носам прилично потентни месијански фантазии кои чувствував дека треба да ги контролирам, инаку би ме одвеле во неволја. Откако се пробив во светот, сакав да ги реализирам моите фантазии до степен кој можам да си го дозволам тоа.“ 

Тој одлучил дека негова цел ќе биде отворање на затворените општества. Во 1979 година формирал филантропска организација која тогаш се викала Фонд Отворено општество и почнал да спонзорира универзитетски стипендии за црните студенти во Јужна Африка. Набрзо потоа го свртел вниманието кон Источна Европа, каде почнал да финансира дисидентски групи. Доделил финансиска поддршка на штрајкувачите од движењето Солидарност во Полска во 1981 година и на граѓанската иницијатива Повелба 77 во Чехословачка. Преку еден посебно генијален потег, тој испратил стотици зирокс машини за копирање во Унгарија за да им помогне на подземните публикации да ги дистрибуираат нивните гласила. Во доцните 80-ти години, тој обезбедил стипендии за десетици студенти од Источна Европа за тие да студираат на Запад, со цел да создаде генерација на либерално-демократски лидери. Еден од овие студенти бил Виктор Орбан, кој се запишал на студии за граѓанско општество на Оксфорд. Од неговата берзанска канцеларија во Менхетен, Сорос станал чудна сорта на емигриран антикомунистички револуционер. 

Во меѓувреме, Квантум прераснал во мулти-милијардерски гигант. Во 1992 година, Сорос ја направил својата најголема берзанска зделка кога се обложил против британската фунта. Фунтата била ранлива валута затоа што била фиксирана со неодржливо висока стапка на девизна размена со германската марка. Имајќи ја предвид рецесијата во Британија, резонирал Сорос, британската влада попрво би дозволила фунтата да ја загуби својата цена отколку вештачки да ги одржува високите каматни стапки за да ја одбрани од шпекулантските инвеститори. Отсечната наредба што Сорос тогаш му ја дал на својот главен берзански трговец Стенли Друкенмилер гласела: „Фати ги за вратот.“ Друкенмилер токму тоа го направил и во средата на 16 септември, подоцна позната како Црната среда, Банката на Англија престанала да се обидува да ја крене вредноста на фунтата. Веднаш потоа вредноста на фунтата паднала под вредноста на марката и испаднала од Европскиот механизам за девизни курсеви, справувајќи се со назадување поради притисокот за поголема европска интеграција. Кризата на фунтата ги претворила хеџ фондовите во гламурозни измамници во финансискиот свет и ја покажала на дело моќта за казнување што тие ја имаат врз креаторите на политики во светот со слободен проток на капитал. Оваа зделка му донела 1,5 милијарди долари на Квантум, додека Сорос, кого британските таблоиди го нарекле „човекот што ја скрши Банката на Англија“, станал светски познато име.

Во тоа време, советската империја веќе колабирала и Сорос доделил огромна сума од своите пари во обид да ја олесни нејзината транзиција од комунистичкото владеење. На пример, донирал 100 милиони долари во поддршка на руски научници и со тоа ги спречил тие да ги продаваат своите услуги на земји кои се непријателски настроени кон Западот; потрошил 250 милиони долари на програма за ревизија на руските учебници и за обука на наставниците за да промовираат критичко мислење. Иако таа ера се сметаше за триумф на Западот и се претпоставуваше дека Русија и другите ново ослободени земји неизбежно ќе ја прифатат либералната демократија – став што прв го промовираше Френсис Фукујама во неговиот есеј од 1989 година “Крајот на историјата“ – Сорос не бил толку сигурен. Тој дел од светот имал мала традиција на граѓанско општество и либерална демократија, па затоа, според него, тие требало да се негуваат доколку регионот сака да избегне враќање назад кон автократија. „Јас имам генерална пристрасност да го гледам најтемниот потенцијал“, ми рече тој. „Тоа го практикував со огромен ефект на финансиските пазари и го префрлив на полето на политиката.“ 

За време на 90-те години, Сорос жонглирал меѓу неговата дневна работа и неговата филантропија, и не било секогаш лесно да се отплетка од ваквата двојна улога. Одреден временски период, Квантум и ФОО биле водени од една иста канцеларија. Во декември 1992 година, три месеци по неговото обложување против британската фунта, Сорос објавил донација во вредност од 50 милиони долари за изградба на постројка за третман на водите во разрушеното Сараево, и не било тешко да се види дека парите за таа цел доаѓаат директно од неговата банкарска сметка во Британија. Во една прилика, Сорос дал прилично графички опис за неговото разгрането дејствување, пишувајќи дека тој „[се] чувствува како огромен дигестивен тракт, кој зема пари од една страна и ги исфрла на другата страна.“ 

Ако тоа е случајот, лоша дигестија е неизбежна и таа се појавила веќе во 1997 година кога Квантум бил во центарот на шпекулативен напад врз тајландскиот бат. Оваа епизода била речиси идентична реприза на она што ѝ се случило на британска фунта. (Овој пат, Квантум заработил околу 750 милиони долари). Сепак има една клучна разлика: додека Британија била високо индустријализирана земја која на крајот лесно го апсорбирала нападот врз нејзината валута, Тајланд бил новосоздадена економија и овој настан имал разурнувачки последици. Економските резултати паднале преку ноќ, банките и бизнисите се затвориле, оставајќи голем број луѓе без работа. Кризата со батот имала брановит ефект врз други азиски економии. Малезискиот премиер Махатир Мухамед го нарекол Сорос и другите шпекуланти „бескрупулозни профитери“ чијашто неморална работа нема никаква социјална вредност. Сорос јавно ги негирал ваквите критики, но кога инвеститорите направиле обид за рушење на индонезиската рупија есента 1997 година, Квантум не бил меѓу нив. Ниту пак се приклучи на другите хеџ фондови при нивното таргетирање на руската рубља следната година. Имајќи предвид дека инвестирал стотици милиони долари во стабилизацијата на Русија, со обложување против руската валута Сорос само би ја поткопал сопствената работа. На крајот, тој завршил со загуба од 400 милиони долари. 

„Тогаш стана тешко да се вкрстат филантропот и инвеститорот“, вели Роб Џонсон, долгорочен соработник на Сорос кој работел како портфолио манаџер во Квантум во 90-те години. Според Џонсон, единствената причина во тоа време зошто Сорос сè уште раководел со хеџ фонд било за да генерира повеќе пари за неговите каузи. 

Сорос во 1962 година, Волстрит аналитичар за европски хартии од вредност. Фотографија на: Џорџ Сорос


Во еден говор пред студентите и професорите на Универзитетот во Молдова во 1994 година, со исклучително лични детали Сорос опишал како станал политички филантроп. Неговата задача, вели тој, била да ја направи Унгарија „земја од која тој никогаш не би сакал да емигрира“. За таа цел, тој истурил огромни средства и ресурси во Унгарија во годините по падот на Берлинскиот ѕид. На почетокот на 90-те години, ФОО доделила 5 милиони долари за програма која обезбедува бесплатен појадок за учениците во Унгарија. Фондацијата потрошила милиони за модернизација на унгарскиот здравствен систем. Севкупно, од 1989 година до денес, Сорос обезбедил финансиска помош за проекти во Унгарија во вредност од околу 400 милиони долари, а таа сума не ги вклучува иницијалните 250 милиони долари што ги доделил за основање на Централноевропскиот универзитет кој бил отворен во Прага во 1991 година и две години подоцна бил преместен во Будимпешта, и на кој досега дипломирале повеќе од 14.000 студенти од земјите во Источна Европа и Средна Азија. 

Во доцните 80-ти и раните 90-ти години, Сорос култивирал голем број млади активисти за кои тој сметал дека ќе го продолжат неговиот сон Унгарија да стане место од каде тој никогаш нема да сака да си замине. Еден од нив бил и Виктор Орбан, паметен и харизматичен студент со цврсти про-демократски убедувања, или барем така изгледало. Освен стипендијата за Орбан да студира на Оксфорд, Сорос донирал пари и на Фидез (Алијанса на млади демократи), студентска организација која била основана со помош на Орбан и која подоцна прераснала во политичка партија. 

Во текот на 90-те години, Орбан почнал да се приклонува кон десницата. Избран за премиер во 1998 година, тој владеел со земјата како традиционален конзервативец, со нагласување на патриотизмот и традиционалните вредности. Надворешно, Орбан останал про-западно ориентиран. Под негово лидерство, Унгарија станала членка на НАТО и тој ги поставил темелите за пристапувањето на земјата во Европската Унија. Се чини дека шокантниот пораз на изборите во 2002 година го радикализирале Орбан. Кога повторно бил избран за премиер во 2009 година, тој почнал безмилосно да ја консолидира моќта. Ги пополнил судовите со лојални членови на Фидез, додека голем број независни медиуми биле купени од негови поддржувачи. Во исто време, Орбан се оддалечил од Западот и се зближил со Владимир Путин. Орбан повторно победил на изборите во 2014 година. Веќе следната година, Европа била погодена од бегалската криза. Десетици илјади бегалци минале низ земјите на Балканот и стигнале до границата на Унгарија. Владата на Орбан поставила ограда долга 175 километри за да го спречи нивното влегување во земјата, а подоцна одбила да го одобри планот на Европската Унија според кој таа требало да прими одредена квота на азиланти. 

Со финансиска поддршка од ФОО, разни групи обезбедувале помош за бегалците заглавени долж границата на Унгарија, што станува претекст за војната на Орбан против Сорос. Унгарскиот парламент усвоил закони со кои невладините организации треба да се регистрираат кај властите и да ги пријават странските извори на приходи над одредена граница; парламентот го усвоил и предлог закон за одземање на правото на Централноевропскиот универзитет да издава дипломи во Унгарија. Владата на Орбан поднела предлог закон под името „Стоп Сорос“ кој пропишува дека давањето помош на нелегални имигранти претставува кривично дело. (Минатиот месец, парламентот го усвои и овој закон.) 

На една средба во текот на изборната кампања во Будимпешта, Орбан го нарекол Сорос „вујко Сорос“, изјавувајќи пред десетици илјади поддржувачи дека „ние се бориме против непријател кој е различен од нас; тој не е отворен, туку е скриен; не е директен, туку е итар; не е национален, туку меѓународен; не верува во работа, туку шпекулира со пари; нема сопствена татковина, па затоа мисли дека го поседува светот.“ Паралелно со жестоките говори, низ Унгарија биле поставени билборди со слика од Сорос со насмевка на лицето и пораката „Да не дозволиме Џорџ Сорос последен да се смее.“ Евреин со насмевка на лицето бил главниот елемент на нацистичката пропаганда, но Орбан негира дека билбордите се антисемитски. 

Коалицијата на Орбан освоила 49 проценти од гласовите, што е доволно за силно мнозинство во парламентот. Сепак, анти-соросовската кампања не завршува со изборите. Неколку дена по гласањето, магазин во сопственост на бизнис жена која што го поддржува Орбан ги објавил имињата на повеќе од 200 луѓе во Унгарија тврдејќи дека тие се „платеници“ на Сорос. Списокот вклучува претставници на групи за човекови права, организации кои вршат мониторинг против корупција, како и професори и административен персонал од Централноевропскиот универзитет. Кон средината на месец мај, ФОО објави дека ја затвора својата канцеларија во Будимпешта која е одговорна за речиси половина од институционалните грантови што ги доделува фондацијата. Патрик Гаспар, претседател на ФОО, вели дека јазикот и сликите што Орбан ги користи за да го нападне Сорос се „еднакви на насилство“ и дека заканата на унгарскиот премиер за свртување на интересот на националните разузнавачки служби кон ФОО направиле да биде невозможно фондацијата да остане во Будимпешта. „Јас имам навика да им верувам на зборовите на автократите“, вели Гаспар. „Мора да ја заштитиме безбедноста на нашиот персонал и на нашите податоци.“ Канцеларијата е во процес на преселување во Берлин. 

Во последните години, насекаде во Источна Европа владите го напаѓаат Сорос. Но зошто Орбан, кој ужива голема лична популарност и има безнадежно поделена опозиција, избрал оцрнувањето на Сорос да биде главен елемент на неговата кампања е прашање што ги мачи многумина кои ги следат состојбите. Орбан „е исклучително успешен“, ми рече Мајкл Игнатиев, претседател на Централноевропскиот универзитет и поранешен лидер на канадската Либерална партија, овој април во Лондон. „Тој е многу подобар политичар од кој било во неговата опозиција. Тој поседува интелигенција и шарм. Духовит е и добро ја чита секоја просторија. Она што е лудо е фактот дека тој чувствува потреба да го делегитимира Сорос за да победи на изборите.“ Некои познавачи на работите понудија психолошко објаснување: забележувајќи дека Орбан имал турбулентен однос со неговиот сопствен татко и тенденција да биде се гуши под авторитетот на другите, тие сугерираат дека уништувањето на Сорос е форма на патрицид, начин за убиство на сопствениот политички кум. Томас Каротерс, виш потпретседател на Карнеги фондацијата за меѓународен мир, смета дека Сорос едноставно претставува погодна закана што ја користи Орбан. Граѓанските групи беа последниот извор на потенцијална опозиција, вели тој, а бидејќи некои од нив беа поддржани од ФОО, нападите врз Сорос се негов начин да го поткопа нивниот кредибилитет. „Авторитарните лидери сакаат да го уништат универзалниот карактер на човековите права и граѓанските слободи“, вели Каротерс кој бил член на различни советодавни одобри при ФОО. „За Орбан е многу потешко да каже дека тој ја отфрла Универзалната декларација за човекови права. Полесно му е да каже дека го враќа ударот на овој интрузивен човек од Њујорк. За таа цел, Сорос е погоден за да биде страшилото“. 

Имајќи предвид дека Орбан водеше и победи на изборите со ксенофобична платформа, се чини сосема исправно да прашаме дали работата на Сорос во Унгарија, и во голем дел од Источна Европа, е осудена на пропаст од самиот почеток. Подемот на путинизмот и орбанизмот, како и претстојната 30 годишнина од падот на Берлинскиот ѕид, ја воскреснаа дебатата за увоз на настани од 1989 година и за тоа дали Русите, Полјаците и Унгарците имаат вистинска намера да го прифатат целото мени на западните либерални вредности. Френсис Фукујама е еден од оние кои денес имаат сомнежи за тоа. „Постојат многу докази дека голем дел од свртувањето кон либералната демократија на почетоците, по падот на Берлинскиот ѕид, беше дело на образованата, про-западно ориентираната елита“, ми рече тој неодамна. Сепак, помалку образованите луѓе кои живеат надвор од големите урбани средини „не се приклонија кон либерализмот, кон идејата дека земјата може навистина да има мултирасно, мултиетничко општество во кое традиционалните вредности на заедницата ќе им отстапат место на истополовите бракови и на имигрантите, и на сите овие работи. Тие дефинитивно не се согласија на овие работи.“ 

Сепак, Фукујама продолжува и вели дека потребни се настани и вешти манипулатори за покренување на силите на нетолеранција. Во Унгарија, глобалната финансиска криза и бегалската криза беа бурето барут, а Орбан се покажа спремен да го запали фитилот. Леонард Бенардо, потпретседател на ФОО, има сличен став. Тој вели дека чувството на огорченост од Европската Унија, која почна да се смета како „сила која го ослабува унгарскиот идентитет“, како што вели тој, заедно со економската неизвесност, ги направи Унгарците да бидат лесно приемчиви на луѓе како Орбан. „Унгарците не се непоправливи расисти“, вели Бенардо. „Етничките претприемачи како Орбан, се потпираат на најтемните стравови на луѓето за да произведат политичка поддршка и менталитет ние против другите“. 

За разлика од Бенардо, мојот дедо не беше општествен научник. Но исто како Сорос, тој е Евреин роден во Унгарија кој на крајот емигрираше во САД и веруваше дека антисемитизмот е навика на умот која Унгарците никогаш нема да ја надминат. Тој му се восхитуваше на Сорос, но сметаше дека залудно ги троши парите во Унгарија. Кога на Сорос му кажав за дедо ми, тој се насмеа и нишна со главата во знак на разбирање. Ми кажа дека неговиот брат, шпедитерски магнат, имал исто такво чувство, но Сорос немал. 

„Воопшто не го обвинувам унгарскиот народ“, вели тој. „Всушност, јас сум восхитен од нивната способност да се спротивстават на опресијата и да се борат за својата слобода“. И додава: „Мора да правиме разлика меѓу народот и владата.“ 

Потоа ми раскажа приказна од 1944 година, за нацистички офицер кој се сретнал со татко му во кафетерија. Во разговорот, офицерот тивко признал за лошото претчувство што го има во врска со наредбите кои мора да ги извршува. Татко му на Сорос, Евреин кој се криел и упорно им се спротивставувал на нацистите, се обидел да го утеши офицерот, кажувајќи му дека ситуацијата е тешка. Во текот на својот живот, Сорос постариот ја споделил оваа приказна за да укаже дека околностите се важни и дека начинот на кој луѓето дејствуваат не секогаш го одразува она што тие го чувствуваат, лекција што неговиот син денес ја применува во контекст на Унгарија под водство на Орбан. Го прашав дали очекува повторно да ја посети Унгарија до крајот на животот. „Се надевам“, рече тој, но не многу убедливо.

Две недели подоцна, претседателот Трамп му се јави на Орбан за да му честита на неговиот повторен избор. 

Сорос станал голем политички донатор во САД за време на претседателскиот мандат на Џорџ В. Буш. Гневен поради она што тој сметал дека е заложба на администрацијата на Буш да ја искористи војната против теророт за да шири страв и да ги задуши јавните немири, тој почнал да донира огромни суми на демократските кандидати и прогресивните каузи. Тој помогнал во основањето на Центарот за американски напредок, либерална тинк-тенк организација, како и во основањето на интернет платформата MoveOn.org, и потрошил повеќе од 20 милиони долари во поддршка на неуспешната кандидатура на Џон Кери за да спречи втор претседателски мандат на Буш. Освен што бил дарежлив донатор, Сорос бил и прилично гласен. Тој ја обвинил администрацијата на Буш за користење нацистички пропагандистички технички, и подоцна изјавил дека САД треба да минат низ „процес на денацификација“ откако Буш си заминал од функцијата. 

Од самиот почеток, Сорос ја поддржувал претседателската кампања на Барак Обама во 2008 година. Во Париз, Сорос ми рече дека Обама „е моето најголемо разочарување“. Откако еден асистент го потсети, веднаш појасни дека тој не е разочаран од претседателствувањето на Обама, туку дека се чувствува издаден на професионално ниво. Иако не сакал формална улога во администрацијата, сепак се надевал дека Обама ќе го побара за совет, посебно за финансиски и економски прашања. Наместо тоа, тој бил оставен на страна.


Сорос со неговиот ментор, филозофот Карл Попер, во 1990 година. Фотографија на: Џорџ Сорос

Откако беше избран за претседател, „тој [Обама] ја затвори вратата за мене“, вели Сорос. „Се јави по телефон само еднаш за да ми се заблагодари за поддршката; разговорот требаше да трае пет минути, но јас го држев заинтересиран за дискусија, па мораше да потроши уште три минути на мене, со што успеав да го развлечам телефонскиот разговор на цели осум минути.“ Сугерира дека станал жртва на една лична особина на Обама. „Уште од времето кога се борел за уредничко место во Харвард Ло Ривју, за него се знаело дека ги зема поддржувачите здраво за готово и се фокусира на заведување на неговите опоненти“, вели Сорос.

За време на изборниот циклус во 2016 година, Сорос донирал повеќе од 25 милиони долари за Хилари Клинтон и за други демократски кандидати и каузи. Иако ја предвидел можноста за појава на лик како Трамп („Американската јавноста се покажа невидено подложна на манипулација на вистината, што сè повеќе доминира во политичкиот дискурс на земјата“, напишал за Гардијан во 2007 година), тој бил изненаден дека ликот како Трамп на крај испаднал самиот Доналд Трамп. Сорос ми кажа дека се познава со Трамп и се дружел со него (пред околу 30 години, пријателка на Сорос имала момче од редовите на високо позиционирате вработени на Трамп и сите тие заедно излегувале на вечери неколку пати). „Не знаев дека тој има какви било политички амбиции“, вели Сорос. Трамп се обидел да го измами да стане главен станар во една од неговите комерцијални згради, вели тој. „Му реков дека не можам да си го дозволам тоа“, се потсети Сорос и слатко се насмеа. 

Тој вели дека бил „многу уплашен“ дека Трамп „попрво би го бомбардирал светот отколку да прими удар врз неговата нарцисоидност“, но е задоволен дека, спротивно на тоа, егото на претседателот го довело да упати повик до Северна Кореја. „Мислам дека опасноста од нуклеарна војна во голема мера е намалена, а тоа е огромно олеснување.“ Во своето годишно обраќање за економските состојби во светот, во Давос годинава, Сорос рече дека Трамп „би сакал да воспостави мафијашка држава, но не може, бидејќи уставот, другите институции и енергичното граѓанско општество нема да го дозволат тоа“. Тој го опишал Трамп како „ привремен феномен што ќе исчезне во 2020 година, па дури и порано“ и предвидел победа на демократите со голема предност на изборите на средина од мандатот во 2018 година. Пет месеци подоцна, тој сè уште стои зад таквите прогнози. „За секој еден следбеник на Трамп кој стои зад него во добро и во зло, постои повеќе од еден непријател на Трамп кој е поупорен, попосветен“, ми рече Сорос. Тој го сработува својот дел во скусувањето на ерата на Трамп: во пресрет на изборите на средина од мандатот, Сорос веќе донирал најмалку 15 милиони долари за поддршка на демократските кандидати и каузи.

На прашањето дали ќе го поддржи Берни Сандерс доколку сенаторот од Вермонт ја освои демократската номинација во 2020 година, Сорос вели дека е премногу рано да се каже. Тој изрази незадоволство со сенаторката Кирстен Џилибренд од Њујорк, уште еден можен претседателски кандидат, поради нејзината улога во потерувањето на Ал Франкен од Конгресот: „таа ја користи кампањата #MeToo за да се промовира себеси.“ Тој вели дека неговата главна цел како политички активист е да го види враќањето на бипартизмот, што е изненадувачка изјава во светло на неговата великодушна поддршка за демократите. Вели дека токму екстремизмот на Републиканката партија направил тој да биде најголемиот донатор на демократите; сака Републиканската партија сама да се реформира во поумерена политичка партија. Рече дека самиот не е партиски определен: „Јас посебно не сакам да бидам демократ.“ Зборува и за неговата почит за Џон МекКејн. Дури вели дека би бил склон финансиски да поддржи умерени републиканци како Лиза Мурковски и Сузан Колинс, иако веднаш потоа се огради од таквиот коментар: „Не би требало да го кажувам тоа. Такво нешто само би им наштетило.“ Иако републиканците го направиле бипартизмот невозможен, тој не сака демократите да станат идеолошки строги и склони кон конфронтации. 

Ако Сорос на својот однос со Демократската партија гледа главно како на трансакционен, се чини дека за некои демократи чувството е взаемно. Иако неговите пари се добредојдени и потребни, се чини дека во демократските кругови постои одредена амбивалентност кон Сорос. Тоа делумно се должи на неговата гласност. Како што вели Илејн Камарк, постара истражувачка во Институцијата Брокингс и долгорочна демократска стратегистка, „Најдобри донатори се тивките донатори; незборувањето е добро.“ Поголем проблем е тоа што Демократската партија останува посветена на реформа на финансирањето на изборни кампањи и го презира ефектот што го направи одлуката во случајот покренат од Обединети граѓани врз американската политика. Таа пресуда на Врховниот суд од 2010 година им дава право на милијардери како Сорос да трошат неограничени суми пари за политички кампањи. Камарк вели дека во светот по одлуката во случајот на Обединети граѓани, демократите „не можат еднострано да ги разоружаат“ и со презир да одбиваат донации од плутократи како Сорос, но имаат внатрешен конфликт во врска со милијардери донатори на начин на кој републиканците немаат таква дилема.

Иако Сорос цврсто стои на левата страна за многу прашања – тој поддржува државно спонзориран здравствен систем и долги години се застапува за реформа на кривичниот систем – некои луѓе на левиот спектар од политиката веќе долго време имаат сомнежи за него. Во 90-те години, левицата го опишувала како агент на американскиот империјализам кој помага во наметнување на таканаречената неолиберална агенда (на пример, масовна приватизација) во Источна Европа. За некои критичари, историјата на Сорос поврзана со работа на Волстрит отсекогаш била една од работите што се користат против него. Постои и одредена непријатност кон неговата филантропија, не толку со нејзините цели, туку со она што таа се смета дека претставува. Сорос е предводник на она што подоцна стана познато како „филантропски капитализам“, што во суштина значи огромни социјални инвестиции од милијардери како Бил Гејтс, Марк Закерберг и Сорос. (Минатата година, Форбс го рангираше Сорос на 20-то место на листата најбогати Американци.) За оние кои приговараат, таквата работа претставува приватизација на социјалната политика и, преку значителните даночни олеснувања што ги добиваат добротворните донации, го лишува јавниот сектор од средства кои би можеле да бидат искористени за промоција на социјалната добросостојба. 

Кога го прашав Сорос да се опише во идеолошка смисла, тој се насмеа. „Мојата идеологија е неидеолошка“, вели тој. „Јас сум во клубот на неклубови“. Кога сугерирав дека „централно-левичарска ориентација“ може да биде соодветната карактеризација за неговите гледишта, тој не се согласи; рече дека не е јасно каде стојат неговите гледишта денес бидејќи левицата се придвижува уште полево, што не му се допаѓа. „Јас сум против екстремната левица“, вели тој. „Таа треба да престане да го држи чекорот со екстремистите од десницата.“

Билборд во Унгарија кој тврди дека „99 проценти од населението е против нелегална миграција“ и кој, во пресрет на изборите на пролет, им порачува на гласачите „Да не дозволиме Џорџ Сорос последен да се смее.“ Фотографија на: Атила Кисбендек/Франс прес – Гети имиџес

Едно утро во Париз пиев кафе со Алекс Сорос, кој има 32 години и е второто најмало од вкупно петте деца на Џорџ. Алекс, кој носи очила и е остар, но внимателен со своите зборови, неодамна го заврши докторатот по историја на Беркли универзитетот во Калифорнија и сега води сопствена филантропска организација, но истовремено работи и за ФОО. Беше малку исцрпен, бидејќи останал доцна во ноќта пишувајќи авторски коментар за Дејли Њуз во кој го побива твитот на Розен Бар. (Адвокатите на татко му веќе поднеле наредба за прекин на секакви дејства против Бар, по што – две недели подоцна – таа јавно се извини). Кога кофеинот конечно проработи, Алекс ми рече дека долги години неговиот татко не сакал да го рекламира своето еврејско потекло бидејќи „тоа за малку ќе го убиело.“ Но отсекогаш тој „прво се идентификувал како Евреин“ и во крајна линија неговата филантропија е израз на неговиот еврејски идентитет преку тоа што тој чувствува солидарност со други малцински групи и бидејќи сфатил дека Евреите може да бидат вистински безбедни само во свет во кој сите малцинства се заштитени. Објаснувајќи ги мотивите на неговиот татко, тој рече: „Причината зошто се борите за отворено општество е во фактот дека тоа е единственото општество во можете да живеете како Евреин, освен доколку не станете националист и се борите само за сопствените права во вашата сопствена држава.“

Но, еврејскиот идентитет на Сорос, заедно со неговиот статус како милијардер од Волстрит, им даваат на оние кои не се склони да ја поддржат неговата агенда лесно средство да сеат сомнеж и горчина, па затоа од моментот кога тој почнал да работи во Источна Европа, Сорос се соочува со антисемитизам. Политиката на кодирани расни пораки не се намали во интензитет со текот на времето; некои би рекле дека антисемитизмот насочен против Сорос, барем за време на владеењето на Орбан, станал зараза спонзорирана од државата. Но, во последно време, таа почнува да покажува бизарни пресврти. Минатата година, синот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постираше антисемитска карикатура од Сорос на неговата Фејсбук страница. (Нетанјаху често го напаѓа Сорос поради неговата финансиска поддршка за групите кои се критични во врска со третманот на Палестинците од страна на Израел). Се разбира, Сорос е рутински обвинуван дека е нацист. 

Анти-соросовското чувство е последниот феномен во САД. Сорос станал централната точка на десничарскиот витриол кога почнал да донира за демократите. При едно гостување на Фокс Њуз во 2004 година, Денис Хастерт, кој во тоа време бил портпарол на претставничкиот дом, сугерирал дека Сорос е инволвиран во нарко картели, велејќи му на водителот Крис Валас „Јас не знам од каде Сорос ги добива неговите пари. Не знам од каде доаѓаат: дали доаѓаат од прекуокеански земји или доаѓаат од нарко групи, или од некое друго место.“ Напорите за демонизација на Сорос не запираат и се прилично успешни. Со тоа што сугерира дека Сорос заговара рушење на американската влада, Розен Бар само го повтори тврдењето кое, меѓу другите, го направи и Џини Томас, сопругата на врховниот судија Кларенс Томас, која постираше меме на својата Фејсбук страница коешто сугерира дека Сорос заговора рушење на претседателот Трамп и на „нашата уставна република “. 

Сорос редовно се опишува како деус екс макина на американската политика, што пак е широко распространет левичарски заговор за него. Неговата итроштина, но и неговиот паричник, беа обвинети дека стојат зад протестите на националната химна на натпреварите од националната фудбалска лига; зад немирите во Фергусон, Мисури; и зад насилството во Шарлотвил. На Твитер, хејтерите на Сорос ги поврзуваат буквално сите национални трауми, сите назадувања на конзервативците, со него или со нешто што има некаква далечна врска со него. Овие работи не се ограничени само на дигиталниот свет. Тврдењето за Шарлотвил, на пример, го искористи и републиканскиот конгресмен Пол Госар. Откако се појавија вести за секс скандал во кој е вмешан и поранешниот гувернер на Мисури Ерик Грејтенс, Републиканската партија во таа држава објави соопштение во кое се тврди дека гувернерот бил жртва на „политичко убиство“ оркестрирано од Сорос. 

Денес слободно може да се каже дека „Сорос“ ја засени дури и „Хилари“ во својство на каписла за одредена голема подгрупа републиканци и конзервативци. Во месец април, конзервативните медиуми известија дека Кимба Вуд, судија кој го води случајот на поранешниот личен адвокат на претседателот Трамп Мајкл Коен, бил матичар на третата свадба на Сорос во 2013 година. Ниеден медиум не се обиде да објасни зошто тоа е проблематично; се чини дека тоа е очигледно. Во 2014 година, Марк Малох-Браун, поранешен заменик генерален секретар на Обединетите нации и долгорочен штитеник на Сорос, стана директор на компанијата Смартматик, чија специјалност се технологии за електронско гласање. Оние кои се опседнати со Сорос успеаја да го искористат тоа како доказ дека тој има намера да манипулира со изборните резултати. Како одговор на таквите тврдења, компанијата се почувствува обврзана да постави изјава за оградување на својата веб-страница во која се вели дека Сорос нема никаков удел во Смартматик и дека нејзината технологија не била користена за време за претседателските избори во 2016 година во САД. Кога зборував со Малох-Браун, тој ми рече дека тоа е цената што се плаќа за каква било поврзаност со Сорос. „Тоа е беџот што јас со гордост го носам“, вели тој, „но тој се поврзува со сè што јас правам.“ 

Многу од она што се зборува за Сорос на Фејсбук, Твитер и во десничарските медиуми нема отворени антисемитски пораки и можно е некои од луѓето кои ги промовираат овие гледишта да не се свесни дека тој е Евреин. Но нивното ехо останува. Глен Бек го искористи своето шоу на Фокс за да промовира невидени теории на заговор за Сорос. Во 2010 година, тој емитуваше специјална емисија во неколку продолженија наречена „Џорџ Сорос: кукларот“, која беше силно осудена поради нејзините антисемитски чувства, почнувајќи од самиот наслов (Евреин претставен како куклар кој ги влече конците на човештвото е уште една од старите антисемитски пораки). Во последните години, таканаречената ултра десница стана клучна движечка сила на паранојата за Сорос. Брајтбарт го опишува како „архи-глобалист“ кој поддржува неограничена имиграција и свет без граници. (Ниедно од овие тврдења не е вистина). Сорос беше еден од познатите Евреи кои беа дел од последната реклама во изборната кампања на Трамп во 2016 година која многумина ја сметаа за антисемитска. Во тоа време, кампањата на Трамп ја водеше Стив Банон, претходно директор на Брајтбарт. При неговата посета на Европа во март, Банон го пофали Виктор Орбан велејќи дека е „херој“ и „најзначајниот човек на сцената денес“. 

Иако силните напади врз Сорос се честопати прилично сугестивни, луѓето зад нив обично се внимателни и одржуваат одреден степен на негирање кога станува збор за антисемитизмот. Но, не секогаш. Во неговото радио шоу минатата година, Алекс Џонс, кој го уредува вебсајтот посветен на заговори Инфоворс, им кажа на слушателите „нема сомнеж дека постои еврејска мафија“ и дека таа е водена од Сорос. Нудејќи го истиот спин кој подоцна ќе се појави во твитот на Розен Бар, Џонс рече дека „еден од најголемите непријатели на Евреите е еврејската мафија“ и дека Сорос „сака да ги уништи Евреите“. 

Референдумот во Британија од 2016 година за излез од ЕУ беше личен удар за Сорос, англофил кој истовремено е силен поддржувач на европската интеграција. Подоцна, тој донираше повеќе од 500.000 долари на група со име „Најдоброто за Британија“ која ја води Малох-Браун и која планира да побара втор референдум за поништување на Брегзит. Во саркастичен одговор на прашање од новинар, Норман Ламонт, кој бил канцелар на државната каса за време на девалвирачката криза на фунтата во 1992 година и како човек што претрпел пораз во најславната трговска зделка на Сорос, изјавил: „Џорџ Сорос е брилијантен финансиер, но треба да се држи до финансиите и да не се меша во британската политика“. 

Во април се сретнав со Ламонт. Денес тој е член на горниот дом во парламентот и агилен поддржувач на Брегзит, и инсистира дека нема никакви лоши чувства кон Сорос поради Црната среда. Смета дека Брегзит е работа на домашната политика во која парите од странство не смеат да имаат никаква улога. Фактот дека Сорос има куќа и канцеларија во Лондон е ирелевантен за него. „Тој нема право на глас тука“, вели Ламонт. Според него, заложбите на Сорос за повторно гласање во врска со Брегзит ја поткопуваат британската демократија. „Сметам дека ќе има невидено разочарување во политичкиот процес доколку гласањето се поништи“, вели тој.

За време на мојата вечера со Сорос истакнав дека одредени политички аналитичари прават директна врска меѓу Црната среда и Брегзитот, со тоа што сметаат дека кризата од 1992 година ја зајакнала позицијата на евроскептиците меѓу британската Конзервативна партија, односно меѓу фракцијата која бараше и доминираше во гласањето за излез од Европската Унија. Го прашав Сорос што би им рекол на поддржувачите на Брегзит кои се збунети со неговата навидум контрадикторна улога во Црната среда и Брегзитот. Неговиот одговор сугерира дека тој смета дека одговорот е очигледен. „Таа е разликата меѓу мојот ангажман на пазарите, каде мојот единствен интерес е да донесам правилна одлука и да заработам пари, и мојот политички ангажман, каде стојам зад она во што навистина верувам“, вели тој. 

Тој коментар дава увид во сржта на загатката наречена Сорос. Дури ако се согласите дека во крајна линија креаторите на политики се виновни за доходната нееднаквост која го разгоре денешниот отпор против глобализацијата, финансискиот сектор имал голема улога во нејзиното влошување, а титаните со хеџ фондови како Сорос се моќни симболи на таквата нееднаквост. Иако Сорос прилично искрено и убедливо пишувал за замките на казино капитализмот, што е највидливо во неговиот есеј од 1997 година објавен во Атлантик, кој подоцна беше поширен во книга со наслов „Кризата на глобалниот капитализам“ во која тој го признава дестабилизирачкиот ефект на финансиските пазари, тоа не го прави помалку симбол на таквиот капитализам. Притиснат да даде одговор, Сорос изјавил дека доколку тој не ја срушел британската фунта или тајландскиот бат, некој друг сигурно ќе го сторел тоа. Нема сомнеж дека тоа е вистина (фактички, Квантум не бил единствениот хеџ фонд што ги таргетирал овие валути). Но тоа не е особено задоволителен одговор, посебно не по големата рецесија во која инвестициските банки и хеџ фондовите имаа толку деструктивна улога. Индустријата што го направи милијардер значајно придонесе во создавање на околностите кои денес се закана за она што Сорос како филантроп се обидува да постигне. 

Од друга страна, ако богатството на Сорос отишло во нечии други раце, дали тие луѓе би ги искористиле парите на ист начин? Можеби парите би се потрошиле за некоја вредна кауза, но речиси сигурно таквата кауза нема да биде нешто толку амбициозно и дон кихотско, или пак толку опасно, како што е промоцијата на либералните вредности и демократијата. (Како што покажаа Путин и Орбан, владите кои не сакаат нивната власт да биде контролирана неизбежно го сметаат независното граѓанско општество за нивна опозиција.) Повеќето плутократи напредокот го мерат во бројки, но работата што Сорос ја прави преку ФОО генерално не може да се квантификува. Како што забележува Леонард Бенардо, потпретседател на ФОО, во својот говор пред неколку месеци, таквата работа може да биде непопуларна во земјите каде се спроведува.

Заложбите на Сорос во име на една конкретна група, Ромите, се чинат посебно релевантни во моментов. Во јуни, новиот италијански министер за внатрешни работи и лидер на ултра десничарската партија Лига, нареди спроведување попис на Ромите во земјата. Според заканувачки тон на неговите зборови, како „одговор на ромскиот проблем“ Салвини се обврзал да ги избрка сите неиталијански Роми и додал „за жал, ќе треба да ги задржиме италијанските Роми.“ Дури и во ерата на Трамп неговите зборови се шокантни, но тој одбива да се откаже од нив или да попушти. Подобрувањето на статусот на Ромите во Европа, за кои се проценува дека бројат од 10 до 12 милиони жители, е главен приоритет на Сорос и на ФОО уште од раните 90-ти години. Фондацијата вложила повеќе од 300 милиони долари во проекти за борба против дискриминација на Ромите, обезбедувајќи им поголемо образование, вработување и граѓански можности. Таквата работа навистина е тешка бидејќи анти-ромските чувства остануваат потентна сила, реалност што ја потврдуваат акциите и чувствата на Салвини. Имајќи ги предвид политичките струи во Европа, ова е уште една битка којашто Сорос може да ја изгуби. По изјавата, популарноста на Салвини расте.

Во исто време, тоа е и битка за појаснување. Настрана сите компликации поврзани со тоа да се биде Џорџ Сорос, дали повеќе би сакале да живеете во светот кој тој се обидува да го создаде или во свет кон кој се чини дека не туркаат Салвини и Орбан (па дури и Трамп)? По големата рецесија, со сигурност може да се аргументира дека начинот на кој Сорос ги заработил неговите пари, како и самиот факт дека тој акумулирал толкаво богатство, би требало со себе да носи поголема морална критика во 2018 година отколку што тоа можеби било случај во 2008 година. Сепак, може да се каже дека во сегашниот момент, и неговата сличност со 30-те години, начинот на кој тој го стекнал неговото богатство е многу помалку важен од она што тој одбрал да направи со него. 


Протестанти во Скопје на демонстрација минатата година против предлогот албанскиот јазик да стане втор службен јазик во Македонија. Фотографија на: Роберт Атанасовски/Франс прес – Гети имиџес

Направени се грешки, како што самиот признава. Сорос згрешил што го поддржувал Микаил Саакашвили, превртливиот поранешен претседател на Грузија, и што директно се вклучил во политиката на оваа земја во раните 2000-ти години. Тој погрешно го проценил и Орбан. Но како што ми кажа Викторија Нуланд, поранешна американска дипломатка која работела и за Дик Чејни и за Хилари Клинтон, кога зборував со неа неодамна, „Џорџ Сорос е борец за слобода“.

Утрото на 5 јули го посетив Сорос во неговиот дом во Хемптонс. Една недела претходно тој се вратил од Европа и ќе го помине остатокот од летото во Ел Мирадор, името по кое е позната неговата вила изградена во медитерански стил. Со години Сорос го користи овој комплекс со 10 спални соби и вкупна површина од 4,572 квадратни метри како еден вид салон каде тој е домаќин на различна група писатели, академици и политички активисти. На времето, Сорос често можел да се види како игра шах на отворено со дисиденти од Источна Европа. 

Еден вработен ме одведе до масата во трпезаријата и ми понуди чај од ѓумбир:  „специјалитетот на куќата.“ Неколку минути подоцна, Сорос влезе во просторијата облечен во бела ленена кошула, темни пантолони и сандали. Тоа утро не бил на тенискиот терен, туку бил зафатен со телефонски разговори.

Во текот на петте недели откако се сретнав со Сорос во Париз, администрацијата на Трамп воведе нови трговски санкции за Кина и наметна тарифи за стоки увезени од Канада и Европската Унија. Го прашав зошто пазарите и, генерално, стопанство сè уште добро се држат во пресрет на можноста за глобална трговска војна, распад на трансатлантската алијанса и политичките превирања во Вашингтон. Сорос ми рече дека овие развојни моменти на крајот ќе го повлечат надолу и пазарот, но не можеше да каже кога тоа би се случило. „Ја изгубив способноста да ги предвидувам пазарите“, вели тој, додавајќи со насмевка: „Сега сум аматер“. Тоа е исто како да го слушаш Роџер Федерер да каже дека го загубил осетот околу тениската мрежа. Сорос тврди дека бидејќи финансискиот свет повеќе не е неговиот главен фокус, тој не е во можност да ги тајмира пазарите како што порано знаел да го прави тоа. Неговото внимание сега го преокупира политиката. 

Сорос беше во состојба на рефлексија. Рече дека демократијата е во неволја бидејќи во многу земји станала склеротична, недоволно респонзивна на потребите на јавноста. „Демократијата губи“, вели тој. Се покажува дека нелибералната демократија, од видот на онаа што Орбан ја создаде во Унгарија, е „поефективна“, барем во моментов. Новата генерација автократи се покажаа исклучително итри во напаѓањето на граѓанското општество како начин за консолидирање на нивната моќ. „Тоа е помалку абразивен начин за вршење контрола од самото убивање луѓе кои не се согласуваат со вас“, вели тој. 

Нему му станува јасно дека неговиот ментор и инспирација, Карл Попер, не бил во право за една клучна работа. Во едно демократско општество, политиката не е потрага по вистината; таа се однесува на стекнување и одржување на моќта и манипулирање на јавните чувства за таа цел. „Тој беше филозоф на наука, а науката е потрага по реалноста“, вели Сорос. „Тој не ја разбираше политиката. Во политиката, вистината се спинува, не се открива“. Го прашав што Попер, кој почина во 1994 година, би рекол за неговата политичка филантропија. „Тој ме поддржуваше, што значи дека не ме сфаќаше сериозно“, вели Сорос смеејќи се. „Не мислам дека Попер би бил среќен со мојот сегашен став, бидејќи сум критичен кон него.“ 

Сорос признава дека во минатото рекол некои работи за кои денес жали, не задолжително за чувствата, туку за начинот на кој ги искажал своите ставови. Реферирајќи на нацистичките коментарите што ги упатил за време на мандатот на Буш, тој вели: „Тоа веројатно беше грешка.“ Ми рече дека сега многу повнимателно ги бира своите зборови, избегнувајќи споредби со Третиот рајх и користење на зборот „фашизам“ за да ги опише политичките состојби во САД и во Европа. 

Во Париз, Алекс Сорос ми кажа дека неговиот татко, иако одличен родител, бил емотивно недостапен. Тоа беше, вели тој, еден вид одбранбен механизам што произлегува од неговото искуство за време на војната: „Да се биде емотивен, да се искажуваат чувствата, може да биде знак на ранливост.“ Но сепак вели дека неговиот татко почнал да се отвора во последните години.

Како што мојот разговор со Сорос во Саутхемптон се ближеше кон крајот, ми се причини дека забележувам мала ранливост. Тој зборуваше за неговото богатство и за можностите што тоа му ги пружило. „За мене, парите претставуваат и слобода и неслобода“, вели тој. Долго време, парите му дале слобода да го работи и да го зборува она што тој сака, како и слобода да не се грижи што другите зборуваат или мислат за него. Сепак признава дека почнал да се грижи. „Станав малку позагрижен за мојот имиџ, бидејќи се вознемирувам кога ги слушам лагите што се пласираат“, вели тој цитирајќи го твитот на Розен Бар како пример. Исто така признава дека не му е пријатно што го има статусот на крунисан негативец за толку многу луѓе ширум светот. „Не сум среќен што имам многу непријатели“, вели тој. „Би сакал да имав повеќе пријатели.“  Извор: The New York Times https://www.nytimes.com/2018/07/17/magazine/george-soros-democrat-open-society.html?fbclid=IwAR2_h5x_0APIb26XJF_1aBmrvtYW4VJkK_9j-PslitKBnwa2r2XIIkfLbJY

—————————————————

17 јули 2018