Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Некогаш симбол на проширувањето на демократијата во Европа, фондацијата на милијардерот денес е мета на обновениот национализам.

Славата не носи ништо друго освен неволја, го предупредил татко му Џорџ Сорос. Сокривајќи го еврејското потекло на своето семејство, Тивадар Сорос помогнал тие да се спасат од депортација од Унгарија во нацистичките кампови на смртта. Помладиот г-н Сорос, денес на возраст од 87 години, применил поинаков приод, прифаќајќи еминентност во јавниот живот како инвеститор – милијардер и подоцна како либерален филантроп. Но тоа има своја цена. 

Во последната година, г-н Сорос и Фондациите Отворено општество што тој ги основал станаа мета на ескалирачка – и во одредени моменти организирана – кампања за оцрнување од страна на опонентите на либералната агенда што тој ја промовира. 

Како дел од безбројните теории на заговор што ги застапуваат десничарските критичари, г-н Сорос беше обвинет дури и за организирање напади со хемиско оружје врз сириските деца, соборување на владата во Македонија преку психолошка војна и инженеринг на миграцијата на милиони муслимански мигранти во Европа. 

Но, некои од нападите беа многу посериозни. Во Унгарија, тој е предмет на негативна рекламна кампања финансирана со државни средства во вредност од неколку милиони евра. Во декември, еден пратеник од владејачката партија Фидез на Facebook постави слика од изгорено тело на свиња со зборовите „Ова беше Сорос“ изрежани на нејзината кожа. Во декември, тој призна дека Централноевропскиот универзитет, елитен истражувачки универзитет што тој го основал во 1991 година, може да биде принуден да ја напушти Будимпешта во пресрет на новите закони коишто критичарите ги сметаат за напад врз академската слобода. 

Во меѓувреме, во Романија, лидерот на владејачката партија видел вмешаност на г-н Сорос во демонстрациите против корупцијата, велејќи дека тој „финансира зло“. 

Нападите врз г-н Сорос се едни од највпечатливите манифестации на промената на политичките ветришта, особено во Средна и Источна Европа. По падот на Берлинскиот ѕид, фондациите на г-н Сорос го отелотворуваа оптимизмот за ширење на западната демократија во поранешниот Советски блок. Сепак, истите фондации сега се во фокусот на нападите националистички и понекогаш авторитарни гласови кои имаат сè поголемо влијание ширум регионот, во време на намалена привлечност на либерализмот. 

„Тоа е веќе видено и одново се случува, со една голема разлика – доминантната идеологија во светот сега е национализмот“, изјави г-н Сорос во интервјуто за Financial Times од својот дом во горниот регион на државата Њујорк. „Токму Европската Унија, како институција, е на работ на распад. А Русија се појавува како воскресната сила, втемелена на национализам.“ 

Според историчарката Ен Апелбаум, еврејскиот милијардер е погоден непријател за лидерите како што е Виктор Орбан во Унгарија: „Тие не сакаат да бидат отворено анти-САД или анти-ЕУ, па затоа го идентификуваа [Сорос] како баба рога која ги претставува деловите од западот што не им се допаѓаат“, вели таа, додавајќи дека критичарите играат на картата на антисемитски мотиви. „Тоа е внимателна тактика, бидејќи се избегнува критика на ЕУ и на САД. И претставува поедноставен, постар вид на порака.“ 

Во рамките на ФОО се одвива мачна дебата за тоа дали реакција на кампањата само би разгорела натамошни напори за демонизација на г-н Сорос. Некои се прашуваат дали јавното објавување на доделувањето финансиски средства би предизвикало уште поголеми напади врз групите што тој ги поддржува. 

Сепак, г-н Сорос инсистира дека ќе го врати ударот. Иницијално, тој планирал постепено да ги затвори ФОО пред неговата смрт. Наместо тоа, тој сега го зајакнува својот проект за негување раст на демократиите онаму каде владите поттикнуваат плурализам и отчетност.

Во ноември, тој потврди дека доделил дополнителни 18 милијарди долари –дел од неговото лично богатство – на ФОО, коишто ги води како претседавач на глобалниот одбор, со што ги направи едни од најголемите добротворни фондации во историјата. Неговите вкупни трансфери на средства сега изнесуваат 32 милијарди долари.

„Мислам дека може да се рече дека имам голема среќа со моите непријатели“, вели тој за нападите, видно расположен. “Тоа ме прави да се чувствувам повеќе од подготвен да возвратам на ударот и цврсто да го бранам она што е исправно.“

ФОО веројатно се еден нов вид на меѓународен фактор, со обем на ресурси кои вообичаено се поврзуваат со меѓународни организации за хуманитарна помош, како што е Црвениот крст, но ангажирани во служба на отворено либерален светоглед. 

Во последните 35 години, тој потрошил речиси 14 милијарди долари – најголем дел од нив на програми за образование и здравство. Во 90те години, ФОО даде помош за повторно поврзување на водоводната и електричната мрежа на главниот град на Босна, Сараево, кој беше под опсада, и додели грантови на руските научници кои немаа поддршка. Денес, тој се застапува за здравствена заштита и економски можности за групите кои се на маргините од општеството, вклучително и за ромската заедница во Европа која брои повеќе од 10 милиони, лицата со попреченост и корисниците на дроги. 

Активен во 140 земји, тој ги поддржува групите кои се спротивставуваат на владите, што претставува демократска заложба која другите донатори ја избегнуваат. Преку своите лични донации, г-н Сорос е еден од најголемите поддржувачи на Демократската партија во САД. 

Таквиот светоглед отсекогаш го правел контроверзен за десничарите, но во последните години неговите активности предизвикаат обвинувања – кои тој ги негира – дека тој помогнал во соборувањето на владите во Грузија, Украина и, неодамна, во Македонија. 

Фондацијата била избркана од Русија и Узбекистан, а г-н Сорос вели дека оние кои добиле грантови сега се соочуваат со закани и во Унгарија, држава-членка на ЕУ, каде г-н Орбан им наредил на разузнавачките агенции да ја истражат „империјата на Сорос“ за која тој вели дека претставува закана за националните интереси. 

Речиси 20 полу-автономни одбори одлучуваат како ќе се трошат парите на ФОО и корисниците јавно ги пријавуваат донациите. Сепак, критичарите тврдат дека г-н Сорос лично ја одредува секоја акција на фондациите, со што тие стануваат неотчетна либерална суперсила. Екстремно десничарскиот вебсајт Breitbart News ја нарекува фондацијата „Ѕвезда на смртта“.

Золтан Ковач, портпарол на унгарската влада, вели дека дебата за ФОО потекнува од „две спротивставени визии за демократијата“. Додека г-н Сорос верува дека граѓанското општество треба да дејствува како коректор на извршната власт, г-н Ковач аргументира дека само избраните претставници можат легитимно „да се занимаваат со политика“. 

„Г-н Сорос никогаш не бил избран од никој, организациите – НВОи, групите за човекови права и така натаму – никогаш не биле избрани од никој“, изјави тој за Financial Times. „[Тие] јасно се вклучуваат во утврдувањето на тоа како треба да се донесуваат политичките одлуки. Тоа е погрешно.“ 

Висок претставник на ФОО се противи на таквиот став и вели дека популистичките политичари мислат дека тие ја „поседуваат“ политиката: „Ако поддржувате локални луѓе кои изразуваат спротивни гледишта, тие тоа го гледаат како незаконско влегување на нивна територија.“

Г-н Сорос смета дека Русија е изворот на многу од нападите врз него. И дека тоа е лично. „Путин не ме сака“, вели тој, опишувајќи едно недоразбирање за кое тој смета дека било предизвикано од неговата критика за рускиот лидер и неговата претходна поддршка за Микел Саакашвили во Грузија, поранешниот претседател кој дојде на власт по револуцијата на розите во 2003 година.

Според Алишер Илкамов, кој ја водел канцеларијата на ФОО во Узбекистан пред нејзиното затворање во 2004 година, Русија ги натерала авторитарните лидери од соседството да го спречат домино ефектот преку потиснување на граѓанското општество и извршување притисок врз ФОО. Во 2015 година, руските власти го следеле овој пример и ФОО била принудена да ја напушти Москва, откако властите ставиле забрана за нејзините активности за финансирање, цитирајќи безбедносни ризици.

Во мај 2017 година, прозорците од канцелариите на македонските грантисти на ФОО биле скршени од страна на владини поддржувачи кои ги обвиниле за падот на десничарската влада предводена од партијата ВМРО, која пак била обвинета во извештајот на ЕУ за „масовно прекршување на темелните права“, вклучително и за незаконско прислушување и мешање во судството.

Цветин Чилиманов, основач на организацијата „Стоп операција Сорос“, лансирана од поддржувачите на падната влада во Македонија, тврди дека ФОО, со помош од западните дипломати, помогнала во оркестрирањето на нејзината пропаст, користејќи лажни прислушувани снимки и платеници од граѓанското општество. 

„Јас не се застапувам за ограничување на правото сомнителни милијардери да финансираат медиуми или активистички групи за туркање на нивните политички фрустрации, но го задржувам правото да ги истакнам овие врски и да ги критикувам“, вели тој. 

Претставници на ФОО се внимателни во прикажувањето на нападите како дел од координиран план. Сепак, лидерите во Унгарија, Романија и Македонија имаат блиски контакти. Тие дури го презентирале нивниот случај пред американскиот сенатор Мајк Ли – еден од шесте републикански сенатори кои во 2017 година побараа истрага за грантовите на Стејт Департментот од САД за проекти на ФОО. Тој го покренал ова барање по одделни состаноци со делегациите на трите земји, потврди еден портпарол за Financial Times.

Врските се протегаат и до Израел. Ели Хазан, директор за надворешни односи на владејачката партија Ликуд, вели дека тој му дал информации на г-н Орбан за израелските грантисти на г-н Сорос неколку недели пред унгарскиот премиер да ја лансира неговата анти-Сорос кампања со билборди. Подоцна Бенџамин Нетанјаху, израелскиот премиер, јавно ги поддржа критиките на г-н Орбан во пресрет на неговата тридневна посета на Будимпешта. Членовите на Ликуд предложиле построги правила за финансирање од групи како што е ФОО и за обвинување на г-н Сорос за заштита на терористи преку неговата поддршка за палестинските НВОи. 

Борбата против активностите на г-н Сорос е „задоволство“, г-н Хазан изјави за Financial Times. Г-н Сорос не може да победи на националните избори, вели г-н Хазан, па затоа тој избира да ги промовира своите идеи преку други средства. 

„Ако можам да им помогнам на други организации или влади да работат против Сорос, ќе го направам тоа со задоволство, бидејќи тоа е борба на идеи која може да ја оформи иднината во светот“, вели тој. 

Г-н Сорос признава дека направил грешки. Г-н Саакашвили, поранешниот грузиски лидер кој тој го поддржал, „се покажа дека не е пример за вредностите на отвореното општество за разлика од времето кога беше во опозиција“, напиша тој во 2011 година. Односот на г-н Сорос со г-н Саакашвили, кој бил протеран во Украина каде станал гувернер на Одеса, но сега против него се води кривична истрага, го чинело „болна лекција“, вели тој, дека „треба да одржувам поголема дистанца од внатрешните политики на земјите каде имам свои фондации.“ 

Тоа е полесно во теорија отколку во пракса, признава тој. Неговите грантисти биле вклучени во Мајданската револуција од 2014 година во Украина, иако тој инсистира дека ФОО немала директна улога во тоа. „Ние не бевме вклучени во реалните пресметки – тоа е против нашите насоки и принципи. Но, ние бевме поддржувачи на борците и за време на Мајдан.“ 

Патрик Гаспард, новиот претседател на ФОО, вели дека организацијата има процедури за распределување финансиски средства кои се независни од г-н Сорос. Политички погрешни чекори беа навистина ретки, додава тој: „Направени се сите можни заложби за заштита на доделувањето грантови од партиско-политички кампањи“, вели тој.

Но, грешки се неизбежни, особено кога се знае дека групата финансира активности во 140 земји. „Човек мора да биде комфорен со тоа [ризиците], но и да учи од грешките што се јавуваат“, вели тој.

Претставници од ФОО потврдуваат дека името на Сорос и фондацијата се взаемно поврзани во умовите на јавноста. Тоа им одговара на критичарите, кои ги портретираат ФОО како алатка на нивниот основач, и покрај нивната децентрализирана структура. 

„Повеќето фондации и донатори сакаат да исчезнат во заднината и да дозволат работата на групите што тие ги финансираат да зборува сама за себе“, вели еден носител на кампања финансирана од ФОО. „Но тоа станува потешко кога имате вокален основач и тој е предмет на подмолна кампања за оцрнување.“

Наместо да заземе одбранбен став, г-н Сорос вели дека тој останува во своето столче во глобалниот одбор уште пет години, или можеби подолго, сè додека тоа го дозволува неговото здравје. Сепак, ФОО ќе го надживее. Именувањето на г-н Гаспард дава одредени индикации за идните планови. Како поранешен политички директор во Белата куќа на Обама, тој носи поостро политичко искуство од неговиот претходник Кристофер Стоун, поранешен академик од Харвард.

Листата на приоритети на г-н Гаспард сугерира дека ФОО нема да избегнуваат политички контроверзии: корупцијата, предизвиците што ги наметнува масовната миграција, злоупотребата на технологијата од автократи и гарантирањето на правото на глас „од Кливленд до Киншаса.“ 

ХАКИРАЊЕ: ДЕБАТА ЗА АБОРТУС ВО ИРСКА ЗАСЕГАНАТА ОД ПРОТЕКУВАЊЕ НА Е-МЕЈЛОВИ

Според извештај на FireEye, американска компанија за кибер-безбедност, кој Financial Times имаше можност да го види, месеци откако Фонацијата Отворено општество беше избркана од Русија, нејзината е-мејл мрежа била мета на кибер-напад од група поврзана со Кремлин и позната како „Fancy Bear“. Е-мејловите на ФОО подоцна се појавија на DCLeaks.com — вебсајт кој сега американските власти го поврзуваат со руското воено разузнавање, и кој ги објави и е-мејловите од претседателската кампања на Хилари Клинтон. 

Веднаш по објавувањето на документите, илјадници профили на Facebook и Twitter почнаа да поставуваат линкови до протечените е-мејлови онлајн, според шеми кои се чини дека се автоматизирани. 

Ефектот од протекувањето на документи во јуни 2016 година сè уште се чувствува и тоа на неочекувани начини. Еден документ се однесува на донација во вредност од 137.000 евра од ФОО за Амнести Интернешнал од Ирска, за застапување за олабавување на националните закони за абортус, кои се меѓу најограничувачките во Европа. Во 2018 година, Ирска ќе гласа за промена на нејзината забрана за абортус. 

Амнести вели дека на нивниот вебсјат тие веќе ги објавиле деталите за грантот од 2016 година, кој привлекол мало внимание во тоа време, и бил одобрен од Даблин. Но, во октомври 2017 година, групите кои се застапуваат за живот почнале да ги таргетираат ирските гласачи со реклами во социјалните медиуми во кои се тврди дека г-н Сорос ја финансирал кампањата која се застапува за слободен избор на жените во однос на абортусот. Амнести вели дека неколку недели подоцна властите им наредиле да ја вратат донација. 

Одлуката претставува затегнување на законите во Ирска за финансирање кампањи, укажувајќи дека некои странски донации за групи од граѓанското општество не се дозволени, дури и вон времетраењето на официјалната кампања. „Знаевме за притисокот од властите врз граѓанското општество во Русија и на други места, но не предвидовме дека Ирска ќе влезе во таа група“, вели Колм О’Горман, директот на Амнести Интернешнал во Ирска, кој одбил да ја врати донацијата. 

Извор: Financial Times

—————————————————

15 јануари 2018