Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Започна кампањата „Буква по буква испиши ја својата иднина“ во рамки на проектот „Редовно на часови – акција за вклучување на Ромите во основното образование“.

Кампањата има за цел да ја зголеми свесноста за вреднувањето на различностите и обезбедувањето дополнителна поддршка за учениците Роми кои доаѓаат од сиромашни семејства. Воедно, да ги мотивира родителите Роми да ги запишат своите деца во основно образование, но она што е особено важно е што со оваа кампања проектот цели да иницира дебата која на подолг рок би овозможила промена во однесувањето и перцепцијата на јавноста и институциите врзана со овие прашања и да придонесе кон создавање на позитивни наративи врзани со и кон Роми.

Сите деца имаат право на квалитетно образование, а придобивките за општеството се огромни кога сите деца имаат пристап до квалитетно образование и кога потенцијалите на секое едно дете се максимално искористени. Образованието им дава шанса на децата, уште на почетокот од нивниот развој да бидат љубопитни, да учат, да откриваат нови работи и да си ги исполнат своите потенцијали и соништа. Во овој контекст, децата кои растат во отежнати или тешки услови имаат потреба од дополнително внимание и дополнителна поддршка, која би овозможила еднаква можност тие да си ги искористат своите потенцијали. Овој вид на поддршка е највисок приоритет на секое општество кое ги вреднува различностите и инклузивноста.

Квалитетното образование е образование кое е инклузивно, кое низ сите процеси ја вреднува различноста и уникатните придонеси кои секој ученик ги дава во училницата и кое ги задоволува потребите на сите деца подеднакво. Квалитетното образование обезбедува еднакви можности за развој на сите деца без разлика на нивното потекло, економски статус, боја на кожа итн. Образованието пак кое исклучува и сегрегира, од друга страна ја продолжува дискриминацијата против традиционално маргинализираните групи и оневозможува развој и на децата како индивидуи и на општеството во целина.

Квалитетното, инклузивно образование игра важна улога во едно демократско општество: ја намалува сиромаштијата, го зголемува економскиот развој, го подобрува здравствениот статус на граѓаните. Улогата на образованието во промоција на демократските вредности и заштитата на човековите права е неспорна. Искуствата покажуваат дека кога образованието е квалитетно и инклузивно, тогаш и концептите за граѓанско учество, вработување и живот во заедницата се исто така поинклузивни.

Во рамки на кампањата се изработени повеќе материјали како ТВ спотови, комуникација за социјални мрежи и надворешно рекламирање. Фокусот на кампањата е правото на децата да си ги следат своите соништа. Да учат, истражуваат, да бидат посветени и упорни и да го направат светот подобар. Сите деца имаат право на еднакви можности, квалитетно образование и шанса за иднина во која сите детски соништа стануваат реалност. Кампањата ги повикува јавноста и институциите да направат промена и да им обезбедат на сите деца  шанса да си ги остварат своите соништа.

Погледнете ги изработените спотови тука:

 

„Редовно на часови: акција за вклучување на Ромите во основното образование“ е проект финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор и Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас.

—————————————————

2 октомври 2020