Не постои архива која може да ги пронајде сите ветувања за изградби и модернизации на студентските домови, но овие фрази, проследени со милионски суми, последнава деценија многу лесно излегуваа од устите на политичарите насочени кон студентите. Но, бројките покажуваат дека од година во година ветувањата на властите завршуваат во катастрофални потфрлања.
Безмалку при секое „кроење“ на буџетите, јавните пари наменети за подобрување на состојбата со македонските студентски домови погрешно се проектираат. Радио МОФ ги провери ставките наменети за изградба и реконструкција на студентски домови од Буџетот и Завршните сметки на Буџетот за последниве 10 години. Податоците покажуваат дека разликата помеѓу планираните и потрошените пари за оваа намена е скоро 500 милиони денари во минус.
За една деценија првично планираните буџети за изградба и реконструкција на студентски домови надминуваат сума од милијарда денари, додека вкупната реализација на оваа развојна програма, која потпаѓа под Министерството за образование и наука (МОН), според податоците од завршните сметки е нешто над 500 милиони денари.
Со оглед на тоа што Буџетот го предлага извршната власт, а го одобрува Собранието, тоа значи дека овие две институции секоја година „грешеле“ во просек по 50 милиони денари за инвестиции во студентските домови.
Доколку ова го преведеме на малку послободен јазик, властите за една деценија „излажале“ 8 милиони евра инвестиции во студентските домови.
Потфрлањата се разликуваат низ годините. Во вкупна бројка, најнадуваните буџети биле оние од 2017 и 2018 година, кога биле проектирани преку 400 милиони денари повеќе од реализираните инвестиции во студентските домови. Додека процентуално најголеми потфрлања има во буџетите од 2011 и 2009 година, кога од предвидените средства потрошени за таа намена биле само 5, односно 9 проценти.
Само во две, од последните десет години, се регистрира натфрлање на буџетот за обнова на студентските домови во Северна Македонија. Односно 2012 година, кога биле потрошени 7 милиони денари повеќе од првично предвидените и 2015 година кога се потрошиле двојно повеќе пари од првично предвидените.
Студентски домови се ветуваа како од шега
Овие диспропорции меѓу планираното и реализираното најлесно можат да се објаснат низ лажните ветувања на политичарите од кои македонските студенти видоа многу малку во реалноста.
Минатата влада конкретни ветувања за изградба на нови студентски домови објави на крајот на 2015 година. Тогашниот премиер, Никола Груевски најави изградба на три нови студентски домови, два во Скопје, на местото на поранешните бараки на домот „Невена Георгиева – Дуња” (Медицинар), како и во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски” и еден студентски дом во Тетово.
Овие ветувања никогаш не се реализираа и додека Буџетот за инвестиции во студентските домови за 2016 година е солидно реализиран, потфрлањето е драстично во 2017 и 2018 година кога првичните буџетите се комплетно промашени.
Треба да се напомене дека Буџетот за 2017 година, во кој се промашени 250 милиони евра, го предлагаше и усвои мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ, додека Буџетот за 2018 година, каде е „утнато“ за 170 милиони евра, е производ на парламентарното мнозинството предводено од СДСМ. Ова само покажува дека и двете владејачки гарнитури давале преголеми и, очигледно, нереални ветувања за студентските домови.
Од МОН овие големи буџетски потфрлања во последните две години го правдаат со политичката ситуација и промените кои се случија во државата.
„Во изминатите две години имаше отстапки на реализацијата во однос на планираното, најпрво во 2017 година поради политичката ситуација и промената на владината структура. Дефакто назначувањето и екипирањето на раководен кадар во секое министерство, вклучително и во МОН, влијаеше на одложувањето на реализацијата на одредени предвидени активности. Додека во 2018 година, процентуалната искористеност на проектираниот буџет е поголема во однос на претходната година“, велат од Министерството за Радио МОФ.
Истовремено, потфрлањето во планираните инвестиции може да се гледа и низ бавната реконструкција на најголемиот студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје, каде се влеваше најголемиот дел од Буџетот на МОН наменет за инвестиции во студентски домови. Реконструкцијата, после неколку години ветувања, започна во 2014 и според првичните најави на надлежните требаше целосно да заврши до крајот на 2016 или почетокот на 2017 година. Реалноста е дека и скоро три години по овој датум блоковите „В“ и „Г“ сè уште се затворени за студенти.
Но, покрај минатата, и актуелната Влада има ветено амбициозен план за инвестиции во студентското домување. Во програмата на Владата е ветен студентски град во Скопје со спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес центри. Дополнително ветена е и нова студентска зграда во Автокоманда преку јавно-приватно парнерство, универзитетски кампуси во Битола, Штип и Тетово, како и зголемен капацитет на постојните домови.
Бившиот заменик-министер за образование, Петар Атанасов, во кампањата за парламентарните избори во 2016 година, како претставник на СДСМ, ветуваше дека новата Влада ќе изгради нов модерен студентски дом во Штип со капацитет од 300 легла до крајот на 2017 година.
Во една од последните изјави на темата за студентските домови, премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање се пофали дека е завршена реконструкцијата на четирите згради од Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и дека во текот на летото очекува да се заврши најголемиот дел од реконструкцијата на двете згради од Домот „Стив Наумов“, мензата во „Кузман“, а дека се предвидени средства и за други проекти.
„30 милиони денари се ставени за проектни документиации за студентски град и за универзитетски градови во Скопје и во другите градови. Со тоа што Студентскиот дом во Тетово веќе започна со изградба. Со проектната документација за студентски град во Скопје и во универзитетските градови во државата верувам дека крајот на оваа година, почетокот на идната година веќе ќе можеме да отпочнеме конкретни постапки за нивно изведување“, рече Заев на седницата одржана на 30 мај оваа година.
Од 20 јавни набавки 5 се за возниот парк на МОН
Во годишните планови за јавни набавки, кои ги побаравме од МОН, забележавме дека најголемиот дел од набавките за студентските домови сериозно доцнат од планираните термини.
На страницата на Бирото за јавни набавки од Планот за јавни набавки на МОН во моментов отворени се само 3 од вкупно 11 постапки кои се однесуваат на студентските домови. И тие три се започнати со доцнење од предвидените термини.
Во јуни била започната постапката за купување на мебел за студентски домови која, според Планот на Министерството, требало да започне во март. Тендерската постапка за интернет услуги за училиштата и ученичките и студентски домови започнала во април, а требало да почне во февруари. Релативно на време е започната и постапката за тендерот за санација на патеките во комплексот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Отворена е во јуни, наместо во мај.
Но за останатиот дел од Планот за јавни набавки нема никакви податоци на Бирото за јавни набавки. Тука спаѓа тендерот за санација на мензата во „Гоце Делчев“ со проценета вредност од 27 милиони денари, кој требало да започне во април, како и постапките за изработка на техничка документација и ревизија за санација на зградите од „Стив Наумов“ и изградба на нов студентски дом кои требало да почнат во март и април.
Интересно е што санацијата на мензата во „Гоце Делчев“ и документацијата за санација на зградите од „Стив Наумов“ се појавуваат и во Планот за јавни набавки на МОН за 2018 година, така што овие постапки доцнат повеќе од година и половина.
„Актуелното раководство прави максимални напори, за што поголема искористеност на расположливите средства во делот на унапредувањето на условите во студентските домови. Информираме дека во моментов во завршна фаза е јавната набавка за уредување на партерот во студентскиот дом „Гоце Делчев“, додека во периодот што следи ќе биде објавена и набавката за реконструкција на мензата. Во овој дом, неодамна завршија и активностите за целосна реконструкција на блоковите „В“ и „Г“, а во тек е и јавна набавка за нивно опремување, односно набавка на мебел. По однос на постапката за реконструкција на објектите во рамки на студентскиот дом „Стив Наумов“, најпрво е потребно да заврши судската постапка (се чека одлука на Апелационен суд), односно да се реши повеќегодишниот спор кој Министерството за образование и наука го има со изведувач на градежни активности во овие објекти во минатото. Во Тетово започнати се активностите за изградба на студентски дом за потребите на тамошниот државен универзитет“, ни одговорија од МОН на нашето прашање за причините за доцнењето на планираните јавни набавки.
Од Министерството додаваат и дека со неодамнешната измена на Законот за студентски стандард, државните студентски домови оваа година добија дополнителни средства, надвор од планираните, за непречено функционирање.
И, додека поголемиот дел од тендерите доцнат, редовно се води сметка за возниот парк на МОН. Од вкупно 20-те договори кои ги направило Министерството од почетокот на оваа година, а кои се објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки, дури 5 се за набавка на гориво, гуми и вулканизерски услуги, технички преглед, перење и одржување на автомобилите на институцијата.
***
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2018/2019 4.329 студенти биле сместени во студентски дом, што е намалување од 6% во однос на академската 2017/2018, кога 4.613 студенти престојувале во државните сместувачки капацитети.
Доколку се бара причината зошто оваа година во 13-те студентски домови низ земјава имало 300 студенти помалку од лани, можеби токму лажните ветувања се добар почеток за оваа потрага.
Даниел Евросимоски
*Сторијата е објавена во рамки на проектот: „Студентски домови без корупција. Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество -Македонија.
Извор: Радио МОФ
—————————————————
6 август 2019