Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Тетово е сообраќајниот хаос. И покрај воведувањето на зонското паркирање, тешко се наоѓаат слободни паркинг места. Поради ваквата ситуација секој паркира каде што ќе стигне. Од една страна, општината не обезбедува доволно простор за паркинг а од друга ако возачите се паркираат погрешно, експресно ги казнуваат.

На двата главни булевари во Тетово, „Илирија“ и „Илинденска“, сообраќајот се одвива на половина од коловозната лента поради паркираните комби такси превозници и други возила со што метежот во сообраќајот во овие улици станува сè поголем. Покрај недостигот на паркинзи, голем проблем е и несовесноста кај дел од возачите, кои, на пример, со години паркираат на пешачката зона на самиот плоштад.

Сообраќајната полиција не презема мерки за погрешно паркираните возила на тротоари или двојно паркирани возила. Затоа, нивната улога ја преземаа група активисти од Тетово кои на лошо паркираните возила им поставија “казнени билети“ со цел за зголемување на свеста кај возачите и со апел да се внимава на безбедноста на граѓаните и пешаците чии простори за движење се узурпирани од непрописно паркираните возила.

Покрај предупредувањата, активистите поставија и пофалници на оние возила кои се прописно паркирани со цел да ги поддржат и истакнат совесните возачи.

Ако се наоѓаш во Тетово, внимавај каде се паркираш, групата на активисти те следи и те „казнува“.

Акцијата е изработена без никаков директен контакт на членовите на групата, односно е работена етапнo и секвенцијално од страна на различни автори.

Акцијата “Внимавај каде се паркираш во Тетово!“ е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

23 ноември 2020