Предизвиците кои за образовниот процес ги постави епидемијата со Ковид-19 беа и се огромни. Фондацијата Метаморфозис, во рамки на проектот Отворени Образовни Ресурси, поддржан од Фондацијата Отворено општество-Македонија (ФООМ), спроведе истражување за состојбата со онлајн наставата, фокусирано на основните училишта во нашата земја. Целта на ова истражување беше да се утврдат состојбите и предизвиците на онлајн наставата во основните училишта во РСМ во периодот март – јуни 2020 година, и преку емпириски сознанија да се дадат релевантни препораки за подобрување на состојбата и адресирање на идентификуваните предизвици.
Дел од клучните наоди презентирани во Извештајот се:
- Речиси половина од учесниците (44,5%) пријавија дека во училиштето, за службени потреби, користат сопствен лаптоп. 84,9% од наставниот кадар за службена комуникација користи приватни имејл адреси. Ова е проблематично од повеќе аспекти, особено од аспект на заштитата на личните податоци на учениците, кои во текот на основното образование се малолетни лица
- Скоро една третина од наставниот кадар (31,6%) изјави дека интернет на училиште има само на својот мобилен телефон. За жал, има и локации каде што училиштата не нудат никаков интернет-пристап
- Во голем број семејства со повеќе деца на училишна возраст, проблем претставувало и „споделувањето“ на техничките помагала (лаптоп, компјутер), односно ситуацијата најчесто налагала само еден од учениците да биде во можност да следи настава во живо
- Речиси сите учесници во истражувањето (88,9%) се согласни во врска со тоа дека за успешно спроведување на ефикасна онлајн настава треба да се променат вообичаените методи во наставниот процес
- Значителен број (30 %) сметаат дека подобра варијанта од „една платформа за сите“ би било кога училиштата би имале одредена слобода при изборот на платформите и софтверите преку кои ќе се спроведува онлајн наставата за нивните ученици.
- Со ставот „Во наставата има задоволителна застапеност на материјали на сите јазици на кои се спроведува наставата“ се согласуваат 45 % од испитаниците, додека 70 % од наставниците кои ја спроведуваат наставата на друг јазик (различен од македонскиот), не се согласуваат со овој став
- Во однос на учебниците и другите образовни ресурси, речиси сите учесници (93,9 %) се согласуваат со ставот дека за успешна онлајн настава е потребно целосно или делумно адаптирање на учебниците
Целосниот извештај од истражувањето можете да го најдете тука
—————————————————
17 септември 2020