Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска беше дел од Balkan Integration Forum 2022 што се одржа на 17 и 18 ноември во Подгорица, во организација на Европското движење во Црна Гора и Фондацијата Фридрих Еберт.
Во рамките на панелот „До каде сме и што нè очекува понатаму – Преглед на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан“, таа истакна дека во моментот Северна Македонија се наоѓа во првата фаза од отворањето на пристапните преговори со ЕУ по одржувањето на првата меѓувладина конференција во јули 2022 и започнувањето на процесот на билатерален скрининг, по што земјата треба да донесе уставни измени врз основа на кои Бугарите како малцинство ќе бидат вклучени во преамбулата на Уставот за да потоа со одржување на втората меѓувладина конференција земјата влезе во втората фаза од преговорите.
По донесувањето неколку храбри политички одлуки со потпишувањето на трите историски договори во последните две децении, Северна Македонија заедно со прифаќањето на францускиот предлог за преговарачката рамка заслужува и мора да продолжи да напредува во пристапниот процес само врз основа на принципот на заслуги, и тоа да се мери според напредокот на земјата во спроведувањето на реформите не само во однос на политиките, туку уште поважно и во однос на нивната имплементација.
Огромен дел од населението, ако не и мнозинството, овие напори на политичкото раководство ги смета за предавство; одработување за странски интереси и странци; продавање на македонското име и идентитет. Ја имаат изгубено довербата во институциите и во процесот на интеграција до тој степен што или се незаинтересирани или се силно против. Голем дел од нив се млади луѓе, што е уште позагрижувачки.
„Овие луѓе, кои целосно ги разбирам иако не се согласувам со нив, бараат јасна перспектива на патот кон ЕУ што ќе обезбеди брзи и опипливи резултати што би го подобриле нивниот квалитет на живот со цел да се врати довербата и да се поддржи процесот. И сите ние сме свесни дека е невозможно тоа да се случи веднаш, иако потребата за тоа постои веќе некое време.“ – подвлече таа.
И на крајот, таа заклучи дека доколку темпото на проширувањето не се забрза максимално, или уште полошо во случај напредокот во пристапувањето во ЕУ за Северна Македонија, како и за целиот регион да биде одложен или блокиран поради политички прашања или спорови, тогаш веќе ранетото, распарчено и поделено општествено ткиво, особено меѓу етничките Македонци, ќе продолжи да биде – дури и повеќе отколку што е сега – сериозна основа за ширење на руската пропаганда и дезинформациите а на тој начин нанесувајќи му штета на голем дел од општеството и токму во такви околности не може да се очекува дека без оглед на образложението може да се обезбеди неизбежно потребниот општествен консензус кога станува збор за реформската агенда на ЕУ.
—————————————————
18 ноември 2022