Фондацијата Отворено општество – Македонија во периодот од 8 до 11 јули 2019 година во Охрид, одржа Семинар за правно зајакнување за вработените во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Центрите за социјална работа (ЦСР). На семинарот учествуваа 8 претставници од МТСП и 13 претставници од ЦСР, како и претставници од граѓанските организации: ЕХО Едукативно – хуманитарна организација, Гласен текстилец, Правна клиника за ранливи групи, Романо Чачипе, ХЕРА, ХОПС, Избор, Реактор, ЕСЕ Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените и Младински културен центар – Битола, кои во партнерство со ФООМ работат на концептот за правно зајакнување.
Целта на семинарот беше вработените од МТСП и ЦСР да се стекнат со соодветни знаења за тоа што содржи концептот за правно зајакнување и потребата од негова институционализација. Овој семинар е дел од приоритетот Пристап до правда во рамки на четвртиот Национален акциски план за Отворено Владино партнерство 2018-2020, во заложбата за која референтна институција е МТСП.
Учесниците преку теоретски, но и интерактивни сесии имаа можност да се запознаат со концептот на правно зајакнување, моделите на правни и параправни услуги кои се обезбедуваат во заедницата, можностите за финансирање на услугите, значењето на прибирањето податоци стратешко планирање и други теми релевантни за концептот на правно зајакнување.
Програмата за семинарот беше развиена во соработка со претставници од МТСП, Министерството за правда и граѓански организации кои во изминатите години беа учесници на Меѓународниот курс за правно зајакнување во Будимпешта, и претставува прилагодување на програмата од Меѓународниот курс за правно зајакнување, на македонскиот контекст.
—————————————————
23 јули 2019