Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ) во текот на декември 2020 година спроведе пет работилници со претставници на општина Желино, Карпош, Дојран, Прилеп и Охрид, а со цел подготовка на системи за интегритет за секоја општина индивидуално. Целта на работилниците беше да се анализира степенот на веројатност од појава на одредени ризиците од корупција и судир на интереси, нивно приоретизирање и разработување на предлог мерки со цел справување со овие ризици, во секоја од целните општини.

Работилниците ги водеше експертски тим составен од: проф. д-р. Ана Павловска- Данева, професорка на Катедрата за административно право при Правниот факултет во Скопје, м-р Константин Битраков, асистент на истата катедра и истражувач во МАНУ, м-р Сабина Факиќ, Програмска директорка на Центарот за граѓански комуникации и д-р Герман Филков, Претседател на Центарот за граѓански комуникации.

На проценките на ризици презентирани на работилниците им претходеше неколку месечен процес на прибирање на информации, вклучително и: спроведување на интервјуа со градоначалници, секретари на општина или шефови на кабинети; спроведување на прашалник помеѓу административни службеници во општините; спроведување на истражување на јавното мислење на граѓаните од петте општини, а во врска со нивните ставови, искуства и перцепции за корупција и судир на интереси на локално ниво; како и анализа на правните акти и стратешки документи на општината.

Во колаборативен процес, претставниците од општините заедно со експертскиот тим подготвија планови за интегритет и истите ќе бидат доставени до општините за нивно донесување.

Овие работилници се дел од проектот „Зајакнати системи на интегритет за борба против корупција на локално ниво“, кој го реализира Фондација Отворено општество – Македонија, во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Повеќе информации за Проектот на УСАИД за граѓанско учество на https://cep.mk/ и https://www.facebook.com/CEPNorthMacedonia

Содржината на оваа веб страница не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

—————————————————

24 декември 2020