Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Преминувањето на онлајн настава како резултат на вонредната состојба во државата воведена со цел да се запре ширењето на КОВИД-19 вирусот, донесе низа предизвици за училиштата, за наставниците,  за учениците и за нивните родители. Децата од маргинализиранитре заедници се соочија со најголем проблем во следењето на наставата.

За да помогне во справувањето со кризата и спроведувањето на онлајн наставата, Фондацијата Отворено општество-Македонија (ФООМ) ја понуди својата помош на надлежните институции, како и на основните училишта од руралните подрачја со јазик на настава на помалите етнички заедници кои во изминатите година и половина се дел од  поддржаните интервенции на ФООМ во образованието. Воедно, преку проектите кои се активни во моментов како и во соработка со нашите партнери, обезбедивме помош но и повеќе алатки и едукативни материјали кои ќе им помогнат на наставниците и учениците подеднакво што полесно да се прилагодат на новата ситуација.

 

Проект „Редовно на часови: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“

Во рамки на проектот „Редовно на часови: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“ финансиран од ЕУ, Фондацијата додели стипендии за 286 првачиња, деца од најсиромашните ромски семејства кои се корисници на социјална помош а бидејќи 30% од нив не се во можност да ја следат онлајн наставата, ФООМ разгледува дополнителни можности за тоа како најдобро може да им помогне на овие деца и на нивните семејства.

 

Дигитална библиотека со сликовници на македонски, албански, турски и босански, ромски и знаковен јазик

Дигиталната библиотека на нашиот стратешки партнер Фондацијата за образовни и културни инцијативи „Чекор по чекор“ е на листата на препорачани онлајн образовни ресурси на Министерството, со 30 наслови на сликовници во аудио и ПДФ формат на македонски, албански, турски и босански јазик, 5 сликовници на ромски јазик и 20 сликовници на знаковен јазик достапни на следниов линк:  https://bit.ly/2X5D9IE. На оваа веб страница наставниците можат да најдат прирачници со активности кои можат да ги споделат со своите ученици во онлајн комуникацијата.

Дел од обучувачите на „Чекор по чекор“ подготвија и ТВ часови користејќи ги овие активности. Фејсбук страницата на Фондацијата за образовни и културни инцијативи „Чекор по чекор“ исто така се користи за комуникација со родители со кои се споделуваат забавни активности за учење и за развивање на математичките и јазичните способности кај децата, но исто така се преведуваат и се споделуваат и материјали на теми како да се разговара со децата за коронавирусот, совети за фамилиите за самогрижа и за справување со стресот во време на изолација и социјално дистанцирање.

 

#УчењетоНикогашНЕЗастанува со платформата Отворени образовни ресури

Нашиот стратешки партнер Фондацијата Метаморфозис го повика наставниот кадар на солидарност и на заедничка акција за да обезбеди дека #УчењетоНикогашНЕЗастанува  нудејќи им ја платформата Отворени образовни ресури (ООР) www.oer.mk  како централен регистар за отворени и бесплатни дигитални ресурси за настава и учење потребни за онлајн образование. Повикот допре до над 4000 наставници и наставнички и беше споделен преку 50 пати во само неколку дена. ООР платформата е исто така препорачана за користење од Министерството.

Веб страницата http://oer.mk/ истовремено служи и како платформа за соработка помеѓу наставниците, место каде што тие можат да си отворат свој профил, да прегледуваат, да користат,  да споделуваат  и што е најважно и самите да креираат онлајн ресурси (предавања, онлајн  видеа, мултимедијални програми, презентации, часови итн.). Со поддршка на ФООМ, Фондацијата Метаморфозис во наредниот период ќе продолжи редовно да ја информира и инспирира заедницата на наставници и едукатори во нашата држава, нудејќи им техничка помош и ресурси за успешно, дигитално, и слободно образование за сите ученици.

 

Предавања, јавни расправи, едукативни видеа и он-лајн едукативни квизови за млади

Нашиот стратешки партнер во областа за Студентски и младински права и ангажираност, Младински образовен форум, ги пренасочи своите активности и работа со помош на он-лајн платформи. Со цел да се пополни времето и да се организираат активности за млади, МОФ користејки ралични он-лајн алатки продолжи со различни предавања, јавни расправи, видеа од симулации на судења и постапки пред институциите на ЕУ, како и организирање на он-лајн едукативни квизови.

Во соработка со алумни членови, исто така се изработија 9 едукативни видеа (достапни на следниот  линк: https://www.facebook.com/pg/MOFedu/videos/ кои имаа до 10.000 прегледи и 32.700 опфат за периодот од две и пол недели. Видеата се актуелни и покриваат повеќе теми како: кои се нашите обврски и зошто мора да ги почитуваме правилата, компаративни искуства на студентите во Италија, зошто токму вакви мерки за претпазливост и колку брзо се шири вирусот, како да внимаваме на менталното здравје во време на самоизолација, што значи прогласување на вонредна состојба, што значи рестрикцијата на движење – полициски час, каде да ги најдеме потребните информации и да се заштитиме од лажни вести, кои се симптомите врз нашето тело и како да спречиме негово ширење, како граѓаните и младите во Шпанија се справуваат со состојбата.

 

Ужинки за децата од Дневниот центар за поддршка на децата на улица во Шуто Оризари

Преку поддршката на ФООМ на Дневниот центар за поддршка на децата на улица во Шуто Оризари се обезбедуваат ужинки за нивните корисници со цел да се овозможи барем еден оброк во текот на денот за овие деца. Покрај тоа, во рамките на донацијата во храна и  хигиенски пакети која ФООМ во соработка со Црвен крст ја обезбеди за околу 2000 семејства, вклучени се и семејствата на овие деца кои во најголем дел питачат, а голем дел немаат ни социјална помош. Координаторите од Центарот продолжија да комуницираат и да ги советуваат децата и семејствата со цел да го почитуваат полицискиот час и да добиваат информации за нивната здравствена состојба за да им помогнат при потребни лекарски прегледи и консултации со локални здравствени амбуланти.