Независниот академски синдикат (НАкС) на 27.09.2019 год. (петок) во Културниот центар „Кино култура“, организираше прес-конференција на која ги презентираше резултатите од првата фаза на истражувањата во рамките на проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката во РСМ“. Проектот е поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија. На прес-конференцијата резултатите на своите истражувања ги презентираа проф. д-р Мирјана Најчевска и доц. д-р Бранимир Јовановиќ. Прес-конференцијата ја водеше проф. Маја Стевановиќ, претседател на НАкС.
Проф. д-р Мирјана Најчевска ги презентираше заклучоците од своите истра-жувања за достапноста на Буџетот на МОН, како и од спроведената анализа на неговата читливост и јасност во презентацијата на одделните буџетски ставки, од анализата на законите за спроведување на буџетите, и од анализата на ребалансите на буџетот кои се однесуваат на образованието и науката.
Проф. Најчевска истакна дека во пракса буџетот на МОН е формално достапен во конечната форма, меѓутоа, формално не се достапни различните фази на креирање на буџетот. Голем дел од податоците можат да се добијат само преку институтот: достап до јавни податоци. Дополнително форматот во кој во моментот им се нуди буџетот на граѓаните во официјалните документи не овозможува разбирање на одделните ставки/раздели, не нуди прецизни прикази со недвосмислено значење и не нуди објаснување на сумите во нивната целосност и во одделни сегменти. Според проф. Најчевска за еден буџет да биде економичен, ефикасен и ефективен во неговото креирање треба да бидат инкорпорирани реалните потреби и интереси на буџетските корис-ници. РСМ се наоѓа на најниско ниво во однос на можноста за партиципација во креирањето на буџетот на МОН.
Д-р Бранимир Јовановиќ ги презентираше своите сознанија што произле-гуваат од компаративната анализа на структурата на буџетот на МОН во изминатите пет години, со посебен осврт на буџетските ставки за високо образование и наука и реализацијата на предвидените буџетски ставки.
Според д-р Јовановиќ средствата што се издвојуваат од државниот буџет за образование во РСМ се меѓу најниските во Европа. Тие изнесуваат околу 3,7% од БДП и само четири европ-ски земји имаат пониско ниво. Во последните осум години се забележува тренд на постојано намалување на средствата за образование, вклучително и средствата што се одвојуваат во високото образование, при што тие 1,1% од БДП во 2010 година, се сведени на 0,8% во 2018, со што повторно се меѓу пониските во Европа. Средствата што се вложуваат во наука во РСМ се исклучително ниски и од тоа само еден дел се насочуваат за поддршка на научно-истражувачка работа, а остатокот е наменет за финансирање на научните институти.
—————————————————
27 септември 2019