Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Наставниците се столбот на секој образовен систем, а нивниот континуиран професионален развој се смета за клучен предуслов за успешни реформи во образованието. Истражувањата покажуваат дека професионалниот развој може на одржлив начин да ги подобри квалитетот на наставата и учењето, и притоа да ја зголеми ефективноста на образованието, овозможувајќи на тој начин континуиран развој и на целокупното општество.

Заедниците за учење како иновативна форма на контекстуализиран професионален развој им овозможуваат на наставниците преку самостојна работа и истражување, но и преку дискусии и размена со колегите, да работат на подобрување на својата секојдневна педагошка пракса. Во тој процес на учење, наставниците разменуваат информации од различен вид, овозможувајќи пред сѐ подобар тек на информации во самото училиште, но и поединечно меѓу наставниците. На овој начин сe отвора можност побрзо да се согледаат и полесно да се решат многу прашања врзани и со секојдневната работа, но и со училиштето генерално. Заедниците за учење во своето функционирање поаѓаат од претпоставката дека сите нејзини членови имаат капацитет за лидерство без разлика на нивниот статус или формална позиција на авторитет, промовирајќи на тој начин инклузивен пристап во работењето. Тие всушност претставуваат модел на професионална заедница на практичари – како наставници, така и стручни служби, кои создаваат и негуваат култура на професионално учење, на колегијално споделување на знаење, на справување со практичните предизвици и создавање практики релевантни на локално ниво.

Препознавајќи ги придобивките од овој тип на учење, а со цел да ги обезбеди истите за што поголем број наставници, Фондацијата Отворено општество- Македонија во партнерство со Фондацијата „Чекор по чекор” и Управата за унапредување на образованието на јазиците на заедниците, воспостави заедници за учење во 10 проектни училишта во кои наставата се одвива на турски, српски и босански јазик. Со овие заедници за учење беа опфатени повеќе од 130 наставници и претставници од училишната стручна служба.

Овој процес на учење во секоја од заедниците сега за сега го води ментор назначен од проектот кој ги води членовите на заедницата за учење според методологијата за „Наставници лидери“ на Универзитетот за образование од Кембриџ, но прилагодена на наши услови. Идејата е заедниците за учење понатаму да станат редовна пракса и дел од секојдневието на училиштата, да бидат организирани од самите наставници и стручни училишни служби, овозможувајќи подобрување на квалитетот на наставата, но и на функционалноста на училиштата.

—————————————————

24 октомври 2019