Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Многу од зборовите во извештајот не им се јасни на обичните граѓани, односно многу од препораките или забелешките од Европската комисија граѓаните ниту ги разбираат, ниту го препознаваат изворот или основата за нивното истакнување. Искуството од минатите години вели дека дебатата по извештајот вообичаено бргу завршува. Можеби на него подолго или посуштествено се задржуваат познавачите, но јавниот дискурс бргу стивнува. Годинава, на крајот на втората недела од објавувањето на извештајот, за него веќе не се зборува. Сепак, имајќи го предвид јазикот на Извештајот и особено „чистата“ препорака, во кусата дебата имаше исклучително многу емоции, а денес (по нејзиното завршување) има многу очекувања. Јасно е дека Извештајот не е наменет за широка публика, затоа што сепак станува збор за документ на бриселската бирократија. За бирократите од институциите на ЕУ од Брисел, како и за државните службеници во главните градови на државите-членки, неговата фразеологија е сосема разбирлива. За обичните граѓани, преку една основна анализа, Извештајот го толкуваме преку три основни заклучоци.

Чиста и безусловна препорака

По подолго време, Македонија повторно доби препорака за почеток на преговорите за членство во Унијата. Овојпат, за разлика од последната препорака, па дури и за разлика од онаа во 2016 година, таа е „чиста и безусловна“. Оваа фраза треба да покаже дека Комисијата очекува од Советот веднаш да ја разгледа оваа препорака и да се произнесе за неа во позитивна смисла, со одлука за почеток на преговорите. Меѓутоа, ваквата игра со зборови ја разбираат само познавачите, додека на обичните граѓани таа не им значи ништо. За да биде појасно, вредноста на препораката е исклучително голема, бидејќи создава корист за граѓаните. Во последните три години, Македонија се соочуваше со длабока политичка криза. Според зборовите на Европската комисија, тоа беше најдлабоката политичка криза по конфликтот од 2001 година. Надминувањето на кризата не беше воопшто едноставно, а државата често запаѓаше уште подлабоко. Пред само 18 месеци, во последниот извештај, Европската комисија ја квалификуваше Македонија како заробена држава – еуфемизам за авторитарен и корумпиран систем во кој тесните интереси на моќните поединци имаат предност пред јавниот интерес. Можеби звучи чудно, но Европската комисија не заборави ниту едно од многуте зла на претходната власт и сите ги смести во Извештајот. Извештајот започнува со организираната хајка против критички ориентираните граѓански организации и меѓународната заедница, во т.н. процес за десоросоизација, кога севкупниот репресивен апарат на државата беше злоупотребен со цел тие да се заплашат, замолкнат и да се затворат, а продолжува со најголемиот удар врз демократијата што се случи неполна година од објавувањето на извештајот, односно точно една година пред пишувањето на овој запис. Пресвртна точка на Извештајот, во целиот негов тек, е политичкото насилство поттикнато од актерите кои повеќе од деценија ја градеа заробената држава, а на 27 април 2017 се обидоа да го загрозат уставниот поредок со упадот и насилствата во Собранието на Република Македонија, создавајќи чувство на несигурност и страв кај граѓаните6.

Свое место наоѓаат и позитивните промени што се случија во текот на минатата година, реформите, инклузивноста, дијалогот, надминувањето на проблемите и визијата за иднината. Разликата со претходниот извештај е евидентна. Денес, Македонија повторно е слободно општество каде што е видлива политичката волја за реформи, која недостигаше во минатото. Сепак, во Извештајот Македонија не е претставена како држава во која течат мед и млеко. Напротив, претставена е на реален начин – како држава соочена со проблеми. Најважната разлика, меѓутоа, е довербата дека општеството и институциите не ги игнорираат проблемите, туку се соочуваат со нив. Европската комисија забележува дека заробената држава почнува да се ослободува, но дека штетата од минатото не може да се поправи толку едноставно. Конечно, во услови на недостиг на успешни приказни, Македонија е пример што треба великодушно да се награди.

Глад за успешни приказни

Извештајот е сведоштво дека Брисел е „гладен“ за успешни приказни. Годинава е последна во мандатот на актуелниот Европски парламент и на оваа Европска комисија. На европските избори во мај 2019, сите политички групации ќе сакаат да прикажат дека во текот на мандатот успешно се справувале со предизвиците и на следната Комисија да ѝ остават во аманет успеси за кои ќе се зборува и во рамките на политиката на проширување. Токму тука, во Македонија, се наоѓа успехот што можат да го прикажат, но и да си го припишат сите: комесарот Јоханес Хан, високата претставничка Федерика Могерини и претседатателот на Европскиот совет Доналд Туск. Судејќи според интензитетот на нивното вклучување и редовноста во последните неколку години, слободно можеме да зборуваме и за посветеност и одлучност да го испорачаат тој успех. Во претходно објавената Веродостојна стратегија за проширување со Западен Балкан, сите држави од регионот се опишани како системи кои прикажуваат елементи на заробена држава. Стратегијата предвидува низа инструменти со кои треба да се отстранат овие елементи, но звучи прилично парадоксално да се очекува дека елитите кои ги заробиле своите држави ќе го променат своето однесување. Со други зборови, вистинското прашање за регионот е како да се ослободат државите и да се зграпчи моментот. Приказната на Македонија е сосема поинаква, а тоа се опишува и во Извештајот. Комбинацијата на амбициозната и прилично иницијативна надворешна политика, набиената домашна реформска агенда, но и неколку од практиките кои ги покажа новата Влада, придонесоа сликата за Македонија во Брисел драстично да се промени, давајќи надеж дека на Балканот постојат политички елити кои промовираат поинакво однесување. Оваа нова надеж, но и можноста успехот да се прикаже како свој, е постапката која Брисел треба великодушно да ја награди.

Не е време за триумфализам

Безусловната препорака и позитивниот тон на Извештајот се одличен повод за славење. Но, останува фактот дека Извештајот е особено реален и ги кажува работите онакви какви што се, со целосна и реална проценка на нивото на подготовка, но и на остварениот напредок. Дополнително, во Извештајот (особено во делот на поглавјата за заедничкото законодавство) сè уште останаа бројни забелешки кои се само показател за обемот на работата којашто ни претстои. Во следниот период, иницијативите за враќање на владеењето на правото и демократијата ќе мора да бидат проследени со реформи што значат опипливо подобрување на животот на граѓаните, додека се развива стратегија која ќе биде поддршка на визијата за економски развој на државата. Од другата страна, јавната администрација ќе мора да се подобрува, со цел да одговори не само на очекувањата на граѓаните, туку и на потребите на процесот што нè очекува. Оттаму, нема време за еуфорија, туку за здравица која ќе ја следат засукани ракави и нов циклус работа. Чистата препорака и позитивниот тон на Извештајот треба да ги сметаме за охрабрување од Брисел, за Македонија да продолжи по патот кој повторно го трасираше и во наредните години да стаса до целта.

Повеќе за клучните случувања, информации од состаноците на Советот на ЕУ, Европскиот совет како и информации поврзани со политиката на проширување можете да најдете во третиот „Дневник на пристапувањето“ на следниот линк.

***

„Дневник на пристапувањето“ е алатка преку која се следи работата на Владата на Република Македонија, развојот на европските политики, имплементирањето на итните реформски приоритети и редовниот политички дијалог меѓу Македонија и Европската Унија или, со други зборови, процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија. Дневникот ќе се обиде да ги анализира клучните случувања, како што се: состаноците на Советот на ЕУ, Европскиот совет или друг тип состаноци на високо ниво; различните документи што ги објавува Европската Унија, а се поврзани со политиката на проширување, како и другите глобални случувања што влијаат врз политиките на Европската Унија, а со тоа и врз политиките на Република Македонија. Конечно, преку Дневникот ќе се следат и другите процеси, политики, документи и случувања кои се поврзани со стратегискиот приоритет на Македонија – да стане дел од ЕУ и од НАТО. Во своите поединечни записи, Дневникот ќе анализира, ќе утврдува репери, ќе предлага алтернативи на политиките и ќе застапува одредени решенија.

—————————————————

17 април 2019