Следејќи ја планираната динамика при подготовка на петтиот Национален акциски план за Отворено владино партнерство 2021-2023, на 3 ноември 2020 се одржа двочасовна е-работна средба односно е-работилница за приоритетната област „Пристап до правда“.
Средбата беше организирана со цел изнаоѓање идеи и решенија преку отворена дискусија пред сè за проблемите и заложбите од НАП4 за ОВП 2018 – 2020 кои не се исполнети или пак се делумно исполнети и потребата за нивно преточување во новиот акциски план. Воедно, на средбата се отвори дискусија и за резултатите добиени преку прашалникот за оценка на спроведувањето на заложбите од НАП4 за ОВП и потребата од нивно вклучување во новиот НАП5.
Фацилитатори на средбата беа Ивона Сталевска од Фондацијата Отворено општество – Македонија и Весна Шапкоски од Станица П.Е.Т.
Република Северна Македонија е дел од глобалната инцијатива Отворено владино партнерство (ОВП), која претставува меѓународна платформа во чиишто рамки властите и граѓанските организации се залагаат владите да бидат поотворени и поодговорни пред нивните граѓани. Согласно обврските преземени од страна на сите земји кои се приклучија кон оваа инцијатива, досега Владата на РСМ има усвоено четири акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и во 2018 година). Според временската рамка, во наредниот шестмесечен период, нашата земја ќе работи на подготовка на петтиот Национален акциски план за ОВП за периодот 2021-2023 година, процес кој предвидува вклучување на сите релевантни чинители.
—————————————————
4 ноември 2020