Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 18.02.2020 година се одржани два настанa со цел активно и транспарентно вклучување и придонес на граѓанското општество во градењето отворени, транспаренти и инклузивни власти

Средба на работната група со сите чинители за спроведување на Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година

Целта на средбата беше дискусија и утврдување на следни чекори согласно насоките од Секретаријатот за ОВП. Членовите на работната група на сите чинители за спроведување на Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година разговараа за – статус на реализација на тековниот акциски план 2018-2020 и активностите и динамиката на процесот на ко-креирање на новиот петти по ред акциски план за ОВП 2020-2022.

Националната координаторка за Отворено владино партнерство од МИОА, Гордана Гапиќ Димитровска ја претстави планираната временска рамка за претстојните активности за ОВП и моделот на новата структура на координација и следење на процесот на ОВП. Сунчица Костовска-Петровска, консултант за граѓанско општество од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) го претстави процесот на формирање на Мрежата на граѓански организации за отворено владино партнерство, чија цел е да го координира и зајакне гласот на граѓанските организации кои се залагаат за партиципативност, отвореност и отчетност на властите.

На средбата присуствуваа 34 претставници од граѓанските организации и институциите. Учесниците дадоа предлози и насоки за конкретизирање на моделот на новата структура на координација и следење на процесот на ОВП. Најголем интерес предизвика постапката за формирање на Советот за отворена власт и начинот на избор на членовите на привремениот состав на Советот. Беше постигнат договор за динамиката на средбите на работните подгрупи за номинација и избор на претставници во Советот во текот на наредните 10 дена.

Основачка средба на мрежата на граѓански организации за Отворено владино партнерство (ОВП)

На основачката средба на мрежата на граѓански организации за ОВП беа поканети претставници од 54 граѓански организации кои поднесоа пријави за учество во мрежата, и 10-те организации – членки на Иницијативниот одбор за формирање на мрежата.

Целта на средбата беше да се прогласи основањето на мрежата, да се запознаат организациите – членки меѓусебно, да се споделат информации и да се дискутира за процесот на Отворено владино партнерство – новите текови, планови, и можности, како и улогата на мрежата во тие процеси.

Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на ФООМ, ја отвори средбата укажувајќи на потребата и процесот на создавање нова структура за консултација и координација во граѓанското општество и помеѓу властите, граѓанските организации, граѓаните и другите засегнати страни за дизајнирање, спроведување, поддршка, промоција и мониторинг на приоритетите и иницијативите на ОВП:

„За да се зголеми учеството на граѓанското општество во процесите на Отворено владино партнерство, настојуваме во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, другите институции вклучени во Отворено владино партнерство, Иницијативниот одбор на мрежата на граѓански организации и сега целата мрежа на граѓански организации, да воспоставиме јасни, структурирани и трајни механизми за перманентен дијалог меѓу граѓанското општество и властите. Новата структура треба да ја надгради постојната практика и ангажираните ресурси. Таа опфаќа создавање на (про)активна мрежа на граѓански организации која ќе го зголеми интересот, знаењето и организираноста на граѓанските организации за вклучување во процесите на Отворено владино партнерство и формирање на национално тело или т.н. Совет за отворено владино партнерство со еднаков број претставници од институциите (на високо ниво) и граѓанските организации. Советот ќе го координира и мониторира процесот на подготовка и спроведување на акцискиот план.“

Гордана Гапиќ Димитровска, национална координаторка за Отворено владино партнерство од МИОА го поздрави формирањето на мрежата и укажа на потребата, можностите и намерата на МИОА да ја вклучи мрежата во претстојните активности за ко-креирање на новиот акциски план за 2020-2022 година (АП 5), како и очекувањето вклученоста на мрежата да придонесе за создавање поширока основа за консултациите и обезбедување на учеството на различни заинтересирани групи. Воедно, го претстави моделот на новата структура на координација и следење на процесот на ОВП и планираната временска рамка за претстојните активности за ОВП: „Во март 2020 година ќе биде објавена временска рамка на активности за подготовка на АП 5 воа периодот март-август 2020 година. Активностите ќе опфаќаат: оn-line прашалник, тематски состаноци, регионални состаноци, конференции, како и консултации со мрежата на ГО и со владините институции“.

Ќендреса Сулејмани од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ ги претстави активностите планирани во соработка со МИОА – подготовка на електронска платформа за комуникација и  тематски консултативни состаноци во различни општини за креирање предлог-мерки за новиот Акциски план за 2020-2022 година. Овие активности нудат можности за вклученост на организациите од мрежата, особено на локално ниво.

Сунчица Костовска-Петровска, консултант за граѓанско општество од ФООМ го најави претстојниот процес на градење на структурата на мрежата (формирање работни групи, Управувачки комитет,  избор на координатор/секретаријат на мрежата). Учесниците се согласија овој процес да го предводи Иницијативниот одбор (ИО) и да се одвива паралелно со подготовката на новиот акциски план. Работните групи ќе бидат креирани соодветно на приоритетите во новиот акциски план, а од нивните редови ќе бидат номинирани и избрани членовите на Управувачкиот комитет, како и претставниците во идниот Совет за отворена власт. Во меѓувреме, во наредните шест месеци ИО ќе ја има улогата на Управувачки комитет, а ФООМ ќе ја координира мрежата. ИО ќе ги подготви условите, критериумите, постапката за избор на членови на УО и координатор, како и нивните обврски, мандат, начин на одлучување и консултација на членките на мрежата.

На основачката средба присуствуваа 53 претставници од 42 организации.

Организациите-членки на мрежата побараа повеќе информации за иницијативата Отворено владино партнерство и изразија очекување и интерес да бидат вклучени во процесот на подготовка, спроведување и мониторинг на акцискиот план, да бидат информирани редовно, да се консултирани во врска со прашања од пошироко значење за граѓанските организации, граѓаните и другите засегнати страни. Укажаа на потребата за зголемена транспарентност, учество и отчетност на институциите на локално ниво и изразија интерес во своите сфери на делување и работа со граѓаните да придонесат за градењето на свеста на јавноста за значењето на Отвореното владино партнерство и за влијанието на отвореноста на институциите врз квалитетот на животот на граѓаните.

Претставниците од Центарот за правни истражувања и анализи го претставија процесот на креирање акциски план за Отворено судство кој е во тек и ќе биде придонес за идниот акциски план 2020-2022.

Мрежата на ГО за ОВП е репрезентативна и опфаќа организации кои работат со различни групи: жени, млади, Роми и други немнозински заедници, лица со попреченост и други групи; на различни теми: анти-корупција, транспарентност, информатичка технологија, родова еднаквост, младински политики, поддршка на ранливи групи, животна средина, рурален развој, човекови права, правосудство, европски интеграции, јавни финансии, социоекономски развој, здравствена и социјална заштита, култура и др.; и во различни места (Скопје, Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Штип, Велес, Делчево), како и во руралните заедници.