Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со Министерството за труд и социјална политика и Општина Крива Паланка, на 5 септември 2019 година, го отворија реконструираниот дел на градинката „Пролетна Роса“, дел од ЈУДГ „Детелинка“, во Крива Паланка, со што капацитетот на градинката се прошири за уште 40 деца.

„Фондацијата Отворено општество – Македонија ги поддржува напорите на Владата на Република Северна Македонија и на општините да обезбедат што поголем опфат на дечињата во градинките. Децата коишто посетуваат предучилишно образование имаат многукратно поголеми шанси за подобар раст и развој и затоа е многу важно да се зголемат капацитетите и квалитетот на предучилишните установи. Со секоја инвестиција во овој сектор се овозможува подобра иднина за најмладите но и за целото општество“, истакна Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска.

Градежните активности за проширување на капацитетите на градинката во Крива Паланка се реализирани во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Општина Крива Паланка согласно договорот за обезбедување средства за адаптирање на дополнителни простории со што ќе се зголеми опфатот на деца во општината.

Поаѓајќи од убедувањето дека квалитетното образование, достапно за сите, е основен двигател за трансформација на општеството, Фондацијата Отворено општество – Македонија и понатаму останува посветена на поддршката на образованието во Македонија.

—————————————————

12 септември 2019