Денеска 27.01.2021 во рамки на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ се одржа онлајн секторска консултација на тема „Ефектите од работата на Секторската работна група за правда и идните предизвици за подобрување на соработката помеѓу граѓанските организации и институциите“.
Денешната секторска консултацијата ја отвори Данче ДАНИЛОВСКА-БАЈДЕВСКА, Програмска директорка, Фондација Отворено општество – Македонија која ја посочи важноста на Секторските работни групи кои служат како механизам за дијалог во однос на јавните политики, програмирањето на европската помош и координацијата на донаторите. Во однос на СРГ за правда посочи дека се едни од пионерите во креирањето на секторските политики, но дека проблеми во однос на функционалноста на СРГ сѐ уште постојат. Како пример, посочи дека годишниот план за работа на СРГ за правда, сѐ уште не е изработен, како и дека основните документи и решенија за СРГ сѐ уште не се објавени на официјалната веб-страна на Министерството за правда. За крај посочи дека главната заложба во следниот период треба да биде ревидирање на Моделот на избор на претставниците на граѓанските организации во сите СРГ преку менување на Деловниците за работа.
Министерот за правда Бојан МАРИЧИЌ се осврна на резултатите од работата на секторската работна група за правда и истакна дека институциите се отворени за соработка со граѓанските организации. Тој укажа дека претставниците на граѓанскиот сектор кој работи во оваа секторска група имаат голема експертиза и знаење на темите од секторот и потенцираше дека реформите кои се прават во делот на правото се исклучително важни за целата држава.
Никола БЕРТОЛИНИ, Раководител на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ се надоврза со тоа што укажа дека оваа секторска работна група е одредена привилегирана положба токму поради тоа што многу организации работат на темите кои ги следи, судство, антикорупција и антидискриминација. Тој побара подобра координација на секторските работни групи, но и укажа на проблемот што голем дел од дискусиите се водат околу ИПА помошта, наместо, како што рече, да водат кон креирање секторски политики.
Миша ПОПОВИЌ, од Институтот за демократијаи Платформата за борба против корупција пак побара подобра координација на меѓународната помош и колективна акција против корупција. Истовремено укажа дека е проблем тоа што граѓанските организации од една страна треба да седат на иста маса со институции за помош и консултации, но од друга страна и да критикуваат и вршат притисок врз истите институции за спроведување на реформите.
Маја СТОЈАНОСКА, од Институтот за човекови права, и дел од Блупринт групата за реформи на правосудството, го сподели своето искуство од работата на секторските работни групи и побара поголемо вклучување на граѓанските организации како и покоординирано следење на реформите.
На настанот присуствуваа над педесетина претставници на граѓанските организации, државните институции, претставници на секторските групи и медиумите.
Оваа конференција е дел на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“, кој го координира и имплементира Фондацијата Отворено општество – Македонија, со партнерите Реактор – Истражување во акција, Евротинк – Центар за европски стратегии и Центар за граѓански комуникации.
Видеото од настанот можете да го погледнете на следниов линк.
Целиот извештај за Секторската работна група за правда можете да преземете на следниов линк.
—————————————————
27 јануари 2021