Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 14 април 2022 година, се одржа Економскиот форум „Заматен поглед нанапред: Многубројни неизвесности ги поткопуваат економските изгледи?” во организација на Finance Think, со поддршка на Фондациите Отворено општество и Цивика Мобилитас.

На втората панел-дискусија на форумот, свое обраќање имаше извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, која истакна дека процесот на европска интеграција и членството во ЕУ ќе ги подобрат нашите економски перформанси.

„Ние, како мала и отворена економија со ограничени ресурси, мал структурен потенцијал, многу помалку ќе можеме да направиме сами, отколку доколку сме дел од Унијата“, потенцираше таа.

Затоа, без разлика кога ќе започнат преговорите, во своето обраќање таа препорача реформите и институциите да бидат поставени исто како да се одвиваат преговорите, а за што е потребна посветеност и сериозна дисциплина од администрацијата.

На крајот од своето обраќање, таа истакна дека во ваква ситуација, кога имаме „reset“ на сите системи и кога граѓанското општество генерално е во фаза на „reset“,  потребено е преосмислување на начините на кои делуваме, на темите и на капацитетите кои ги имаме, а тоа граѓанското општество не може да го направи само.

„Граѓанското општество во државата со години наназад главно зависи од средствата од донаторската помош и затоа би сакала да апелирам дека мора да се размисли за програми за поддршка на граѓанските организации, така што граѓанските организации ќе можат да одговорат на новите приоритети и предизвици кои се сериозно различни, и како теми и како пристапи, од она што досега сме го правеле – додека традиционалната улога на граѓанските организации останува и мора да остане“, заклучи извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

19 април 2022