Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Калинките, смоквите, јапонските јаболка, се влезени во Македонија пред околу стотина години, а почетоците на одгледувањето на медитеранските и јужните овошни култури на просторите на поранешна Југославија и Македонија се токму во Валандово.

Влезот на јужните култури во дваесеттите години на минатиот век не само што ги отворил светогледите на жителите на овој крај туку значајно влијаел на севкупниот социоекономски и културолошки развој на поширокиот регион на Валандово.

Отвореноста и историската културна диверзифицираност на Валандовскиот крај е клучно во изборот на овој регион за експериментирање и подигнување на првите насади со медитерански и јужни овоштија во Македонија.

Погледнете го документарно видео изработено од страна на Центарот за современи уметности Скопје во соработка со Здружение Алфа Математика од с. Пирава, Валандово и Средното земјоделско училиште Гоце Делчев од Валандово, направено за да се забележи и сочува за наредните генерации сеќавањето за почетоците на одгледувањето на медитеранските овошни култури во Македонија.

 

 

Ова документарно видео е дел од низа активности на локалната иницијатива која предвидува и означување со информативно едукативни табли на просторот каде се наоѓал првиот расадник и првите насади како и означување на најстарите стебла на Јапонски јаболки во Македонија. Доколку дозволат епидемиолошките услови ќе биде организирана јавна промоција како и разговор за влијанието на новитетите во агрикултурата во локалниот културно развоен контекст.

Локалната иницијативата е финансиски поддржана од страна на Фондација Отворено општество Македонија и Министерството за Култура на РСМ.

—————————————————

9 август 2021