Бараме Собранието да го донесе законот со консензус и измени на постапката за избор и именување на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
Денес, Мрежата за заштита од дискриминација ја организира Националната конференција за недискриминација „СИТЕ, СЕГА! Одговорноста на институциите за обединување против дискриминација“ со цел да апелира за унапредување на состојбите со недискриминација преку донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација како и за транспарентен и фер избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација од страна на Собранието. Освен за Законот за спречување и заштита од дискриминација, на конференцијата се разговара и за пристапот до вода во контекст на ковид 19 пандемијата како прашање на расна дискриминација кон Ромите. На конференцијата се презентира и Извештајот од набљудувањето на работата на Народниот правобранител со фокус на спречување и заштита од дискриминација (2010-2019), со кој се мапираат клучните недостатоци во работата на институцијата и се даваат препораки за унапредување на законската рамка и практиките на институцијата.
„На денешната конференција, ја одбележуваме десетгодишната посветена и пожртвувана работа на 11 граѓански организации здружени во Мрежа за заштита од дискриминација. За решавањето на идентификуваните проблеми со дискриминацијата на граѓаните неопходно е координирано и заедничко делување на граѓанските организации и токму заради тоа Фондацијата Отворено општество – Македонија учествуваше во иницијативата за воспоставување на Мрежата и активно ја поддржува нејзината работа уште од основањето во 2010.“ изјави ФАНИ КАРАНФИЛОВА-ПАНОВСКА, извршна директорка на Фондација Отворено опшетество- Македонија.
Таа ги повика парламентарните политички партии, потписници на Декларацијата за приоритено донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација – да го усвојат овој Закон со консензус, со што ќе покажат дека поддршката на Декларацијата не ја дале само на хартија во текот на изборниот процес. Воедно, посочи дека е потребно веднаш потоа да се зафатат со постапката за избор на нови членови во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со цел граѓаните конечно да добијат подобра, постручна и поефикасна заштита на нивните основни права и слободи.
Министерката за труд и социјална политика, ЈАГОДА ШАХПАСКА, изјави дека заштитата од дискриминација е високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика, па токму Законот за спречување и заштита од дискриминација е првото законско решение кое што го предлагаат на Собранието. Таа побара пратениците да го донесат законот во најскор можен рок, со цел да се унапредат правата и слободите на сите граѓани. Министерката Шахпаска упати и апел за транспаренен избор на стручни лица во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
НАТАША БОШКОВА од Коалицијата Маргини, Мрежата за заштита од дискриминација истакна дека Владата го одбила барањето на Мрежата за заштита од дискриминација, за измени на членот 18 со цел поставување на стражари за независноста на комисијата, транспарентноста и инклузивноста на постапката, по примерот на постапката за избор на членови на ДКСК. Таа побара Собранието да предложи амандман на членот 18, а членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да се изберат според заслуги, а не според партиските интереси.
МАЈА МОРАЧАНИН, пратеничка од Зелената партија ДОМ изјави „Ме радува дека Законот за спречување и заштита од дискриминација е помеѓу првите закони кои се разгледува од овој собраниски состав, како што ветивме пред граѓаните. Ова е клучен закон за унапредување на човековите права и слободи, како и спречување и заштита од дискриминација на сите граѓани во македонското општество, а особено кон маргинализираните групи граѓани кои често се жртви и на насилство од омраза и говор на омраза. Во овој контекст од огромна важност е што во овој закон сексуалната ориентација и родовиот идентитет се експлицитно наведени како основи за дискриминација, што ќе придонесе кон поголема заштита од дискриминација на една од најмаргинализираните заедници, ЛГБТИ.“
Маја Морачанин истакна дека ќе го поднесе како амандман, барањето на Мрежата за запштита од дискриминација за измена на членот 18, со цел потранспарентна постапка за избор на членови на КСЗД, која ќе придонесе кон поголема доверба на граѓаните во институцијата.
На конференцијата учествуваше и пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, РАШЕЛА МИЗРАХИ, која истакна дека пратијата ќе го поддржи законот, како потписничка на Декларацијата за приоритетно донесување на законот, а амандамнот на членот 18 ќе го земат предвид.
—————————————————
6 октомври 2020