Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во Северна Македонија, принципите на еднаквост и заштита од дискриминација се дел од уставниот поредок на земјата, и широката правна рамка составена од национални закони, стратегии, програми и акциски планови во кои директно се регулирани прашањата за еднаквите можности, учеството на жената на пазарот на труд и забраната за дискриминација. Правната регулатива на овие два принципи беше зајакната во 2010 година, со донесување на Закон за спречување на дискриминација (Службен Весник 50/10) со кој се забранува секаква директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување дискриминација и дискриминаторско постапување врз основа на: пол, раса, боја на кожа, етничка припадност, јазик, и други индивидуални карактеристики. Работата и работните односи се прва област каде овој закон треба да се применува од органите на државната и локалната управа, и сите правни и физички лица.

Finance Think, во рамки на проектот „Родова еднаквост на работното место: Мониторинг на локално ниво”, направија анализа чија цел е да направи опис на еднаквоста во положбата на жените и мажите на пазарот на труд во Северна Македонија и квалитативна анализа на ставовите на работодавачите и искуствата на работниците за родовата дискриминација при вработување и на работното место, и механизмите за нивно спречување.

Анализата покажува дека помеѓу мажите и жените во Северна Македонија постои нееднаков пристап на пазарот на труд, како и дискриминација при вработување и на работното место. Големи родови разлики во пристапот на пазарот на труд се забележуваат во однос на активноста на мажите и жените, при што повеќе од половина од работоспособните жени се неактивни, а стапката на активност кај мажите е на ниво од ЕУ. Причините за неактивност на жените се повеќекратни, но главна причина е грижата за домот и семејството и ангажман како неплатени семејни работници.

За повеќе информации врзани со состојбата во земјата, правната рамка, како и наодите, заклучоците и препораките прочитајте ја анализата „Мажите и жените на пазарот на труд – (не)еднакво учество и третман”

„Родова еднаквост на работното место: Мониторинг на локално ниво” е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

—————————————————

29 мај 2020